Фото: ЕПА

Во трендот на препознавање нов ЕУ-лидер, актуелен Брисел ги носи нелибералните кандидати на „политички линч“

  • Откако не успеаја поттикнатите протести против Мелони во Италија, либералните елити посегнаа по она што им е тесна специјалност, да ги дискредитираат политичарите што не ги спроведуваат нивните замислени сценарија. Имено, отидоа дотаму што ја пријавија до Меѓународниот кривичен суд под обвинение за геноцид само затоа што ја одвраќаше флотилата од нејзината намера да достави хуманитарна помош до Газа во услови кога тоа можеше да значи дополнителна ескалација и вовлекување на Италија, па делумно и на Европа, во конфликт со Израел

Политиките на актуелната италијанска премиерка Џорџа Мелони се прифаќаат со сѐ поголеми симпатии меѓу европските граѓани, особено меѓу оние што се залагаат за враќање на Европа кон фундаменталните европски вредности.
Нејзиниот суверенистички пристап и острата реторика кон актуелното европско раководство, кое упорно ја турка Европската Унија кон милитаризација на сметка на уништувањето на европските економии, почнаа да им пречат на европските либерални кругови, кои сите напори сега ги насочија кон нејзино дискредитирање, како на домашен така и на надворешен план.
Причините се кријат во нејзината умешност да обезбеди национално единство во Италија за клучните прашања, кои значат заштита на италијанските интереси од една страна, но и нејзина борба за она што значи децентрализирана ЕУ, која нема да се меша во внатрешните работи на земјите членки.
Ваквите нејзини заложби се во целосна колизија со плановите на европските либерални елити, кои веќе започнаа со реализација на плановите за нејзино дискредитирање, со единствена цел да ја спречат да се профилира во иден европски лидер, за што очигледно има одлични предиспозиции имајќи ја предвид популарноста што ја ужива меѓу Европејците.
Впрочем, нејзиното име се споменува и како можен посредник за надминување на бугарската блокада на македонскиот евроинтегративен процес во периодот по локалните избори во земјава. Дополнително, нејзиниот постојан ангажман околу наоѓањето мировно решение за руско-украинскиот конфликт, критиките за европските мигрантски политики, ставот за војната во Газа и особено тесните врски со САД, ѝ даваат далеку повисок лидерски кредибилитет од актуелните предводници на Франција и на Германија, кои не успеваат да ги решат ниту домашните проблеми, а уште помалку да се профилираат во европски лидери.

Мелони пријавена на Меѓународниот кривичен суд

Тука треба да се бараат причините зошто Мелони одеднаш им стана раска во окото на европските либерални елити, кои не избираат средства како да ја изместат од колосекот.
Најпрво се обидоа да ја инволвираат директно во кризата во Газа, така што постојано праќаа флотили со хуманитарна помош кон Палестинците иако знаеја дека Израелците ќе ги блокираат бродовите. Последната флотила беше испратена во моментот кога беше извесно дека е постигнат мировен договор меѓу Хамас и Израел и дека за кратко време Палестинците ќе ја добијат хуманитарната помош. Кога Мелони ја повика флотилата да не оди во Газа и помошта да се доставува преку посредништво на Кипар, скокнаа италијанските синдикати подбуцнати од европските либерални кругови, иницирајќи протести низ Италија.
Откако не им успеа тоа, либералните елити посегнаа по она што им е тесна специјалност, да ги дискредитираат политичарите што не ги спроведуваат нивните сценарија. Имено, отидоа дотаму што ја пријавија Мелони до Меѓународниот кривичен суд под обвинение за геноцид само затоа што ја одвраќаше флотилата од нејзината намера да достави хуманитарна помош до Газа во услови кога тоа можеше да значи дополнителна ескалација и вовлекување на Италија, па делумно и на Европа, во конфликт со Израел.
Мелони неодамна потврди дека таа и двајца министри се пријавени во Меѓународниот кривичен суд за наводно соучество во геноцид поврзан со израелската офанзива во Газа.
Во интервју за италијанската телевизиска станица РАИ, Мелони рече дека министерот за одбрана Гвидо Кросето и министерот за надворешни работи Антонио Тајани се пријавени во Меѓународниот кривичен суд и додаде и дека „мисли“ дека тоа се однесува и на Роберто Чинголани, шефот на одбранбената групација „Леонардо“.
– Верувам дека нема друг случај во светот или во историјата со вакви обвинувања – рече Мелони, без да прецизира кој го поднел случајот против неа и министрите.
Мелони рече дека е „зачудена“ од обвинувањето за соучество во геноцид бидејќи „секој што ја познава ситуацијата знае дека Италија, на пример, не одобрила нови испораки на оружје во Израел по 7 октомври“.
Меѓународниот кривичен суд истражува, гони и суди лица обвинети за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото.

Организирана хајка против италијанската премиерка

Некои од европските медиуми во анализите наведуваат дека зад пријавата на Мелони до Меѓународниот кривичен суд стои организирана хајка од некои центри во Европа што не ја сакаат на челната позиција.
– За нив, како предводници на ЕУ беа предодредени Франција и Германија. Но таму подолго нема кредибилни лидери. Поддршката на Макрон во Франција падна на најниското можно ниво, земјата е во тешка политичка криза, од друга страна ниту Мерц во Германија нема некоја особена поддршка, а тоа се виде и преку преседанот при неговиот избор, кога функцијата ја доби по второто гласање. Сега гледаме и дека поранешната германска канцеларка Ангела Меркел се враќа од политичката пензија и како да истакнува свои аспирации за некоја од раководните функции на чело на Европа. На сето ова, Мелони е млада, некомпромитирана, има отворен пристап кон проблемите и сака да ги решава со почитување на сечие право. Тоа е тој нејзин суверенистички пристап, кој победува во повеќе европски држави. Затоа Мелони е подобна личност за лидер и либералните елити ќе направат сѐ што е во нивна моќ да ја оневозможат во таквите намери – коментираат европските аналитичари.
Според нив, ЕУ се наоѓа во специфична ситуација и оној што сега ќе ја изведе Унијата од кризата, тој ќе го добие приматот да биде следниот нејзин голем предводник.
– Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, секој месец се соочува со гласања за недоверба, нејзините политики не се прифаќаат од повеќето земји членки, така што прашање на време е кога ЕУ ќе добие ново, младо свежо водство чија цел ќе биде да ја врати Европа на основите, да спречи ескалации на европско тло и да не дозволи втурнување на целиот континент во војна. А токму тоа го посакуваат либералните елити, конфронтација, за да можат да профитираат од тоа и што подолго да ги задржат раководните функции. Мелони им е пречка на тој пат. Сепак, Меѓународниот кривичен суд ако оценува според она што значи меѓународно право, а нема причина да се сомневаме во спротивното, ќе ги отфрли обвинувањата против италијанската премиерка. Дури и поднесувачите се свесни за тоа, но намерата им е да оцрнуваат, да поставуваат пречки, да прават дефокус, да дискредитираат, да манипулираат, сето она што е во нивниот арсенал и што негативно ги дефинираше сите овие години – заклучуваат коментаторите.