Да прејдеме преку сопствените суети и да започнеме заеднички да создаваме иднина во македонскиот туристички сектор. Винскиот туризам со долгорочен развоен пристап сигурен сум дека може да ја позиционира Македонија многу високо на полето од винскиот туризам и да генерира на годишно ниво повеќе од 500.000 ноќевања, кои ќе овозможат развој на услужните дејности, нови инвестиции, нови работни места, да ја намалат миграцијата и да овозможат силно финансиско влијание во локалниот економски развој
МАКЕДОНИЈА НА СВЕТСКАТА ВИНСКА МАПА
Винскиот туризам претставува посета и престој во вински региони, дегустација во винарници, учество на вински манифестации, вински музеи и вински продавници. Тој е директно поврзан со консумирање вино и претставува дел од винската култура. Во литературата не постојат универзални дефиниции за вински туризам и со овој поим низ годините се занимавале голем број автори на стручно и научно поле дефинирајќи го од различни аспекти. Винскиот туризам од страна на некои автори се нарекува и енотуризам или еногастрономија доколку се комбинира со локални специјалитети и препознатливи јадења од дадениот регион или држава.
Винскиот туризам претставува вкупност од интерактивни процеси, појави и односи што настануваат од интересот на посетителите за производството и/или потрошувачката на вино како стил, начин на живот, култура и традиција на одреден вински регион. Поголем број дефиниции за вински туризам се однесуваат на искуствата и мотивите на туристите. Според нив, винскиот туризам е посета на вински региони, лозја, дегустации, винарници, вински фестивали и изложби што се организираат заради релаксација.
Досега од експертите се препознаени три главни носители на винскиот туризам:
• произведувачот на вино;
• туристот потрошувач;
• туристичката агенција што ја промовира дестинацијата.
Други истражувања, пак, укажуваат на фактот дека одгледувањето винова лоза и технологијата на производство на вино се непосредно поврзани со културното наследство, при што винскиот туризам има слични карактеристики со културниот туризам, затоа што туристите што се учесници во винскиот туризам и гастрономијата во суштина се и учесници во културниот туризам.
Со развој на винскиот туризам се развива туризмот во дестинацијата, а особено руралните дестинации, преку зголемување на продажбата на вино, градење позитивен имиџ на дестинацијата и зголемување на бројот на туристи. Развојот на винскиот туризам зависи и од туристичката политика и стратегиите и развојните програми на државата, дестинацискиот маркетинг, туристичките организации и приватниот сектор. Корисноста од развојот на винскиот туризам има повеќе чинители на туристичкиот пазар, како што се: Туристичката дестинација со: зголемување на бројот на туристите, нивната побарувачка и потрошувачка; развивање позитивен имиџ на дестинацијата; привлекување нови и задржување на постојните туристи.
Винската индустрија со: зголемување на продажбата на вино; едукација на посетителите на винарницата и винскиот регион; привлекување нови пазарни сегменти; остварување поголеми приходи; создавање нови деловни соработки; можност за креирање нови производи. Локалната заедница со: привлекување нови инвестиции; развивање нови услужни и забавни содржини; создавање позитивен имиџ и брендирање на регионот; организирање вински манифестации; создавање нови услужни бизниси; општ развој на регионот.
Побарувачката во винскиот туризам се состои од најразлични мотиви, искуства, перцепции и очекувања, кои се менуваат во зависност од потребите на потенцијалните потрошувачи. Мотивите се движат од купување добро вино, до едукација за начинот на производство, уживање во прошетките во природа, запознавање на локалната храна и др. Истражувањата покажуваат дека просечниот вински турист е со високо образование на возраст од 40 до 60 години и е економски независен. Неговата цел не е само да дегустира вино туку и да се запознае со други луѓе, нивната култура и историја.
Има поголем број туристички производи поврзани со винската култура, од кои препознаени што најчесто можат да се сретнат на европското тло се следните: вински патеки што опфаќаат посета на повеќе винарници со поголем број туристички содржини во еден вински регион; презентација на виновата лоза низ прошетката во виновите насади на винарниците; енолошки курсеви за запознавање со маркетингот на винскиот туризам, културата, традицијата и технологијата на производство; посета на винарските визби и запознавање со историјата, традицијата и нивниот начин на работа; вински музеи што се дел од културата во кои историски се опфаќаат производството на виновата лоза, легендите, преданијата, верувањата, традицијата и поврзаните обичаи со производството на вино; вински настани со цел зачувување и презентација на локалната традиција, промоција на виното, унапредување на пласманот и производството.
Податоци од истражувањата на Светската туристичка организација укажуваат на зголемен интерес за винскиот туризам во светски рамки, а кај развиените вински земји претставува голем дел од дополнителниот приход што го остваруваат винарниците. Овој тренд сѐ повеќе е видлив во новата туристичка реалност со завршувањето на пандемијата.
Земја Туристи што се директно мотивирани да патуваат од винскиот туризам (во милиони)
САД 15
Франција 10
Италија 5
Шпанија 2,1
Аргентина 1,5
Извор: Светска туристичка организација (UNWTO)
Туристите сѐ повеќе се мотивирани да патуваат во годината со фокус на истражување нови дестинации во мали групи, сместувајќи се во мали сместувачки капацитети, пред сѐ, во руралните предели.
Каде е Македонија на оваа винска мапа?
Еден од најбрзорастечките трендови во последните три години претставува еногастроконцептот, кој е препознаен во Македонија и неговата популарност се очекува да расте во следната декада доколку сериозно и стратегиски се развива винската култура и паралелно гради туристички производи што ќе мотивираат поголем број домашни и странски туристи да ги посетуваат винските предели. Знаеме дека според регистарот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во нашата земја егзистираат приближно 225 винарници, кои се од спектарот на големи, средни и семејни винарници, во повеќе вински региони со акцент на Тиквешкиот Регион. Потенцијалите ги имаме, но недостигаат стратегиски пристап, експертиза и државни политики, кои ќе се фокусираат на развој и материјализирање на овие потенцијали.
Доколку сакаме да ги посетиме винарниците со автомобил, многу тешко ќе можеме да се снајдеме бидејќи патното означување за винарниците е на ниско ниво, а уште повеќе винските региони што функционираат по инерција или случајни посетители. Доколку сакаме да го добиеме тоа преку домашните туристички агенции, ќе се судриме со минимална понуда. Дегустациски локални и регионални центри нема, винските патишта се во зародок на ниво на иницијатива, а винарниците развиваат вински туризам индивидуално со минимални можности за сместувачки капацитети единствено со дневни ресторански посети.
Промоција и дигитализација воопшто не треба да бараме, бидејќи Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ја преспа 2024 година на ова поле, а за 2025, освен шеткањето по саеми, за нешто повеќе ќе почекаме, што укажува дека и 2025 година е изгубена во туристичка смисла.
Министерството за култура и туризам по поминати осум месеци, крајно време е да се консолидира и да преземе ингеренции од Министерството за економија во туризмот и да започне со градење одржливи институции по примерот на регионот и Европа. Да создаде високопрофесионална национална туристичка организација со трансформација на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и да започне активни консултации со туристичките комори, асоцијации и експерти на ова поле.
Еден пример на добра иницијатива е проектот за развој на винскиот туризам предложен од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во 2023 година во соработка со МЗЖШ, Министерството за локална самоуправа и повеќе институции на различни нивоа, фокусирајќи се на развој на винскиот туризам, сместувачките рурални капацитети, патното туристичко означување, дигитализацијата, промоцијата на еногастроконцептот во регионот и пошироко, што доведува до силни позитивни влијанија во локалниот економски развој. Стратегијата за туризам нема потреба повторно да ја потенцираме бидејќи истата таа требаше да биде донесена и усвоена уште вчера, а за 2025 година да има зголемени буџети, нови туристички атракции, туристички производи што ќе ја зголемат понудата на дестинацијата и ќе создадат зголемена конкурентност.
Овој тип туристичка понуда има мала сезоналност и овозможува балансирана посета во текот на целата година, при што има кулминација за време на манифестациите за закројување и берба на виното, кои можат да станат доволно атрактивни и да привлечат дополнителни посети на странските туристи.
Знаеме кои се можностите, ги имаме потенцијалите, единствено треба да се одважиме, да прејдеме преку сопствените суети и да започнеме заеднички да создаваме иднина во македонскиот туристички сектор. Винскиот туризам со долгорочен развоен пристап сигурен сум дека може да ја позиционира Македонија многу високо на полето од винскиот туризам и да генерира на годишно ниво повеќе од 500.000 ноќевања, кои ќе овозможат развој на услужните дејности, нови инвестиции, нови работни места, да ја намалат миграцијата и да овозможат силно финансиско влијание во локалниот економски развој. Каков туристички сектор ќе изградиме, во таков ќе работиме и ќе им го оставиме на генерациите по нас. Македонија мора напред!
Доц. д-р Љупчо Јаневски, Факултет за туризам при Универзитетот „Скопје“