Меѓународниот фестивал на змејови во Веифанг во кинеската провинција Шандунг, кој се одржува секоја година од 1984 година до денес, е многу значаен дел од кинеското културно наследство. На годинашното издание во април меѓу седумте земји што имале свои учесници е и Македонија, и тоа беше посебно истакнато на прес-конференцијата што се одржа деновиве во Пекинг, на која беше презентирана долгата историја на летањето змејови во оваа земја и посебно во овој кинески град. За време на овој фестивал, можат да се видат летала од целиот свет изработени во различни стилови, од традиционални до иновативни, и да се почувствува чистата радост на летањето змејови на небото, нешто на што со насмевка се потсетуваме кога ќе се вратиме во безгрижните денови од детството затоа што оваа практика не е туѓа ни за нашето поднебје.
– Меѓународниот фестивал на змејови во Веифанг се развива од далечната 1984 година, а оттогаш се проширува и соработката со другите градови и земји. Годинава мото на фестивалот е „Летачки соништа, прегратки за мир“ (Flying dreams, embracing peace). Покрај фестивалските активности, се одржуваат и интернационален натпревар во летање змејови, концерти, изложби, како и работилници за изработка на летала, кои го претставуваат шармот на оваа традиција – рече Лиу Јин секретар на комитетот на ЦПЦ Веифанг, кој ја раскажа и приказната за овој кинески град и неговиот економски подем, кој делумно е резултат и на овој значаен настан што се одржува еднаш годишно, обично во април, и трае околу половина месец.
За октомври и ноември годинава се предвидени различни активности, затоа што фестивалот не завршува напролет, туку трае во текот на целата година. Целта е да се оживее ова богато културно наследство препознатливо за Кина.
– Змејот не е само културен симбол туку е и многу значаен за развојот и подемот на кинеската економија, индустрија и туризам. Во Кина има четири културни центри на змејовите, но овој во Веифанг е најголем во провинцијата Шандунг и нејзин најзначаен културен бренд – рече Јанг Џианхуа, член на комитетот и директор на Одделот за јавност на ЦПЦ Веинфанг.
Повеќе од 30 земји и региони од целиот свет учествуваат на фестивалот и тоа е првиот голем локален фестивал во Кина што го носи предзнакот „меѓународен“. Веифанг, всушност, е татковината на змејовите со долга историја на изработка на змејови. Денес повеќе од 70 отсто од змејовите во светот се извезуваат од Веифанг. Во 2021 година, Веифанг се придружува на престижната листа на креативни градови на УНЕСКО, четврти град во Кина и најголем во провинцијата Шандонг што успева да го добие ова високо признание. Во мај 2006 година, пак, змејот од Веифанг е ставен на листата на национално нематеријално културно наследство. Меѓународната федерација на змејови исто така има свое седиште во Веифанг.
Како дел од кинеската традиција, змејовите првенствено служат за забава, но се и олицетворение на идеалите на луѓето за мир и пријателство. Змејот станува симбол на Веифанг и овој фестивал е еден од најважните настани што се случуваат тука. Денес овој настан привлекува публика од над 100 илјади посетители. Репрезентативни тимови од земјата и од странство се собираат тука за да ги летаат своите креативно дизајнирани змејови во воздухот. Покрај традиционалните модели како што се ластовичка, пеперутка или триаголник, може да се видат и животни како стоногалка, риба, дeлфин, мечка, октопод, но и други облици како вселенски летала, сателити, ликови од анимираните филмови.
Во Веифанг се наоѓа и Светскиот музеј на змејови, прв ваков музеј во Кина, чиј покрив е направен од сини глазирани плочки и изгледа како змеј што лета на небото. Музејот собира и изложува огромно богатство на културни реликвии во осум изложбени сали, кои ги презентираат историјата, еволуцијата и развојот на уметноста на змејовите, школите и класификацијата на овие летала, странските изложби и меѓународните саеми на змејови. Тука може да се видат најубавите примероци од Кина и од другите земји.
На крајот од владеењето на династијата Минг (1368-1644), предците веќе имале одлични вештини за изработка на змејови, а ги декорирале со слики поврзани со симболите на Кинеската нова година. Постепено, се развиле многу различни стилови, кои го прикажуваат шармот на оваа древна уметност што постои со векови.
Кинескиот змеј има многу важна улога бидејќи има значење во кинеската историја со тоа што ги преминува границите и станува препознатлив низ светот. Станува збор за свето животно бидејќи за него постојат многу легенди и митови, а дел е од традиционалната култура што е многу репрезентативна за кинескиот народ. Претставува добар знак што носи среќа, здравје и благосостојба, но и симбол на трансформацијата.
Змејовите се летала со триаголен, квадратен или ромбоиден облик, изработени од тенок материјал и прицврстен со стапови на кои е врзан еден крај од клопче. Вештината на летање змејови како забавна игра настанала на Истокот. Во раната кинеска историја, војската ги користела змејовите за давање сигнали така што одреден број змејови биле пуштани да летаат на одредени временски интервали.
Весна Дамчевска, наша известувачка од Пекинг