Фото: Пиксабеј

Честопати несоодветната реторика доаѓа до израз бидејќи изборната трка е проследена со огромен публицитет, а кампањите на двата претседателски кандидата беа добро финансирани и исполнети со голем број митинзи и јавни обраќања. Изборната кампања исполнета со антиимигрантска реторика се одвива во земја каде што се забележани особено високи нивоа на говор на омраза против малцинските групи. Токму ова го регистрираат и го констатираат американските медиуми, пренесувајќи еден нов тренд, до скоро непознат во американската политика, која е колепка на демократијата, толерантноста, меѓусебното почитување и на уважувањето повеќе векови

Засилен говор на омраза во пресрет на претседателските избори во САД

Ксенофобијата и говорот на омраза се засилуваат во САД со наближувањето на претседателските избори, кои ќе се одржат утре, при што и претседателските кандидати Камала Харис и Доналд Трамп често разменуваа навреди во текот на изборната кампања, во своите напори да освојат гласови. Таквата појава беше забележлива во текот на нивните јавни обраќања, како и при јавната дебата одржана во септември во Филаделфија, за време на која тие меѓусебно си упатија сериозни обвинувања и жестоки критики. Безбедносните експерти во САД велат дека острата поларизација на американското општество и сè посилната политичка реторика со омраза, поттикната од социјалните мрежи, се испреплетени за да ја тестираат способноста на нацијата да ги заштити своите политички претставници и институции, пренесуваат американските медиуми.

Меѓусебните напади на Харис и Трамп со засилен интензитет

Интензитетот на меѓусебните напади помеѓу Камала Харис и Доналд Трамп ескалираше во текот на кампањата. Трамп прибегнуваше кон навреди, додека Камала Харис се насочуваше и кон лични напади, потпомогнати од републиканците, кои му свртеа грб на поранешниот претседател, објавуваат светските медиуми. Трамп рече дека Харис е „лажливка со која нешто не е во ред, обвинувајќи ја дека го уништила ткивото на САД“. Харис, пак, истакна дека Трамп е предмет на потсмев на светските лидери. Таа го обвини и својот противкандидат дека „ја прекршил заклетвата дека ќе го брани Уставот“, мислејќи на неговото одбивање да го прифати поразот во 2020 година и неговата улога при нападот врз Капитол.
Честопати несоодветната реторика доаѓа до израз бидејќи изборната трка е проследена со огромен публицитет, а кампањите на двата претседателски кандидата беа добро финансирани и исполнети со голем број митинзи и јавни обраќања. Тоа се должи и на изненадувања што се случија. Актуелниот претседател Џо Бајден се повлече од изборната трка, по што демократската номинација ја доби Харис. Доналд Трамп, пак, се соочи со два обида за атентат. Трамп беше застрелан на предизборен митинг во американската сојузна држава Пенсилванија на 13 јули, при што доби полесна повреда на десното уво, што потоа честопати го спомнуваше во кампањата. Вториот обид се случи во неговиот голф-клуб на Флорида, каде што излезе дека не бил во непосредна животна опасност.

Малцинствата цели на напади во кампањата исполнета со антиимигрантска реторика

При претходните претседателски избори, САД излегуваа од летото на протести, одржани со цел за создавање поголема расна еднаквост. Поддршката за зголемената миграција беше на највисоко ниво што некогаш било забележано при испитувањето на јавното мислење. Но оваа година е поинаку. Кампањата исполнета со антиимигрантска реторика се одвива во земја каде што се забележани особено високи нивоа на говор на омраза против малцинските групи. Се смета дека ксенофобијата стана особен проблем во последните четири години, во услови на ковид-пандемија и наплив на мигранти на јужната граница со Мексико.
Згора, од двата табора имаше и проблематични изјави. Доналд Трамп кажа дека доселениците од Хаити „јадат животни“, а комичарот Тони Хинклиф го нарече Порторико „пловечки остров на ѓубре“, на митинг за поддршка на републиканскиот претседателски кандидат. Претставниците на печатот на Белата куќа, пак, го смениле официјалниот транскрипт на повикот во кој се чини дека претседателот Џо Бајден ги напаѓа поддржувачите на Трамп, како и републиканскиот претседателски кандидат, што предизвика приговори од федералните работници, кои ги документираат таквите забелешки, според официјални лица цитирани од агенцијата „Асошиејтед прес“. Бајден, според транскриптот подготвен од официјални стенографи од Белата куќа, во видеоповик во вторникот, им рекол на група Латиноамериканци: „Единственото ѓубре што го гледам како лебди таму се ’неговите поддржувачи‘, што се смета оти се однесува на симпатизерите на Трамп“. Белата куќа тврдеше дека коментарите на Бајден се извлечени од контекст.
Подемот на две Американки чие потекло е поврзано со Индија на националната политичка сцена, исто така резултираше со наплив на навреди против Азијците на различни форуми. Дел од нападите беа насочени против Уша Венс, сопругата на сенаторот и републикански кандидат за потпретседател Џеј-Ди Венс, чии родители сe индиски имигранти. А многу повеќе погрдни изјави беа упатени кон Камала Харис, чија мајка исто така беше имигрантка од Индија, според Шон Лонг, според спроведеното истражување на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“.
Имигрантите пријавуваат вознемирување и лажни обвинувања низ повеќе места во САД. Војната меѓу Израел и Хамас доведе до зголемена исламофобија и антисемитизам, а ситуацијата дополнително ја усложнуваат и оружените конфликти во Украина и во Либан. Забележано е ширење и на говор на омраза против жените и ЛГБТКју-заедницата. Со децении, расистичкиот и екстремистички говор главно беше пренесен во „темните ќошиња“ на интернетот и приватните разговори се сметаа за несоодветни за јавниот дискурс, но ваквата навредлива реторика сега стана мејнстрим и повеќе не е ограничена само на екстремистички онлајн форуми. Притоа со зголемување на нејзиниот обем, социјалните мрежи не успеваат да ја блокираат содржината исполнета со расизам и дезинформации.
– Не се сеќавам во текот на мојот живот реториката против имигрантите да станала толку силна за време на избори – вели Џонатан Лупу, вонреден професор по политички науки на Универзитетот „Џорџ Вашингтон“, кој предводи тим што следи околу илјада групи што шират говор на омраза преку низа онлајн платформи, додавајќи дека нивото на говор на омраза е зголемено за околу 50 отсто во споредба со 2020 година.
Подемот на ксенофобијата на интернет е резултат на промените на теренот. Сè поголем број Американци негодуваат поради миграцијата, што се чини дека е реакција на забележителниот наплив на мигранти на границата и последица на општото чувство на економска вознемиреност. И покрај тоа што мнозинството Американци сè уште ја опишуваат имиграцијата како корисна за земјата, 55 отсто сакаат да ги ограничат новите пристигнувања, што е највисок процент забележан од 2001 година, според неодамнешна анкета на „Галуп“.
Миграцијата, сепак, останува партиско прашање. Значително е поверојатно републиканците да ја наведат како најголема грижа, но и одредени градоначалници и гувернери од Демократската партија се пожалија на влијанието на миграцијата врз нивните градови и отворено побараа построго спроведување на законите за имиграција. Останува да се види како атмосферата со говор на омраза и антиимигрантско расположение може да влијае врз начинот на кој американските гласачи ќе се изјаснат. Особено кога се знае дека натурализираните Американци сочинуваат околу 10 отсто од гласачкото тело. Р.С