Фото: ЕПА

Најавите на Вашингтон за преземање мерки против земјите што ги оданочуваат американските дигитални гиганти ја дестабилизираат Европската Унија, наведува париски „Л’монд“

Нови искричења на линијата Вашингтон-Брисел

Со постигнувањето трговски договор со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, кој наметнува нереципрочни царини од 15 отсто за европските производи, Европската комисија сметаше дека избегнала ескалација на трговијата со Соединетите Американски Држави. Договорот беше „несовршен“, секако, но барем требаше да донесе „стабилност“ и „предвидливост“ за бизнисите, гласеше пораката што постојано се повторуваше во Брисел. Но, на 25 август, четири дена по објавувањето на „заедничката изјава“ во која се прецизираат условите на царинскиот договор, американскиот претседател Доналд Трамп ги разби надежите на Европа со остра порака на неговата платформа, т.н. Трут соушл
Во оваа објава, Трамп повторно се закани дека ќе наметне „значителни царински давачки“ за земјите што не ги елиминираат своите „дигитални даноци и регулативи на дигиталните пазари (…) дизајнирани да наштетат или да ја дискриминираат американската технологија“. Европската Унија (ЕУ) не е спомената, но е цел на објавата. Со објавувањето таква порака, Доналд Трамп се согласи со европските експерти, кои ја осудија слабоста на трговскиот договор, изграден врз ништо, кој може да биде разнесен за неколку секунди.
Сепак, Европската комисија се гордееше што не попушти пред американските барања во врска со дигиталните регулативи. Но американскиот претседател не се откажа. Неговиот гнев е фокусиран на Законот за дигитални пазари (ДМА), кој ги регулира антиконкурентските практики на веб-гигантите, и Законот за дигитални услуги (ДСА), што има цел да ја зголеми транспарентноста на алгоритмите, да го регулира модерирањето на содржините и со тоа да ги повика онлајн платформите на одговорност.

Брисел истакнува дека има свои црвени линии

„ДСА воспоставува рамнотежа меѓу заштитата на потрошувачите и слободата на изразување“, објаснува во париски „Л’монд“ Андреа Ренда, директор за истражување во Центарот за европски политички студии, аналитички центар со седиште во Брисел.
– За Доналд Трамп, ова законодавство е ѓавол. За време на трговските преговори, Соединетите Американски Држави го нападнаа ДСА пред да се преправаат дека го отфрлаат прашањето. Прво го финализираа договорот, кој ги нагласува европските зависности, „и оттогаш, САД се вратија во кавгата и се заканија дека ќе нè натераат скапо да платиме за нашата независност во областа на дигиталното законодавство – се жали европски извор.
Во Брисел, засега, преовладува единството. Портпаролот на Европската комисија на 26 август го потврди „сувереното право на ЕУ и нејзините земји членки да регулираат“. Сега е незамисливо ЕУ едноставно да ги повлече своите дигитални закони.
– Тоа е апсолутна црвена линија – потврди дипломат под услов да остане анонимен. Веќе наредниот ден на маргините на Состанокот на француски претприемачи, организиран од „Медеф“ (француско здружение на работодавци), европскиот комесар за индустриска стратегија, французинот Стефан Сежурне, не ја исклучи опцијата за ревидирање на трговскиот договор доколку изразените намери на Доналд Трамп станат конкретни најави, објави „Политико“.
Идејата за активирање на европската постапка „против принуда“ или за мавтање со заканата од неа повторно циркулира. Барем беше дискутирана во Европскиот парламент. Овој инструмент – претставен како „базука“ на трговски контрамерки – дозволува, по административна истрага, започнување одмазда против трета земја.
– На чисто правно ниво, сите елементи потребни за активирање на овој инструмент се присутни – коментира Алан Ерве, професор по јавно право на Институтот за политички науки во Рен за париски „Л’монд“.
Додека во ерата на Трамп трговските преговори се мешаат со секое прашање – вклучително и воената поддршка за Украина – неколку европски земји се преплашени од идејата за губење на врските со Соединетите Американски Држави.
– Сè уште треба да постои политичка волја и одобрение од земјите членки. Некои земји, како Германија, Италија и други, не се за. Изнесувањето на базуката навистина не е духот во комисијата – потврдува европскиот извор.

Сепак се размислува за поместување на црвените линии и за нови отстапки кон САД?

Под притисок, некои земји членки би можеле да бидат во искушение да го омекнат Доналд Трамп со тоа што ќе направат дополнителни отстапки. Комисијата, на пример, би можела да биде попомирувачка со американските технолошки гиганти за време на истрагите спроведени според ДМА или ДСА. За Александар де Стрил, професор по европско право на Универзитетот во Намур (Белгија), „постои значителен ризик Европската комисија или земјите членки да дадат приоритет на заштитата на одредени економски сектори, како што е автомобилската индустрија, со тоа што ќе изберат да ги применуваат ДМА и ДСА помалку строго“.
– Веќе можеме да видиме дека комисијата забавува и отвора помалку истраги откако Доналд Трамп се врати на власт – забележува Де Стил.
Големиот тест за комисијата ќе биде исходот од истрагата започната во декември 2023 година против „Икс“, компанијата на Илон Маск, за наводни прекршувања на ДСА. Оваа истрага се одолжува. Додека европски извори со кои контактирал „Л’монд“ уверуваат дека овие одложувања немаат никаква врска со преговорите, туку се поврзани со стратегијата на адвокатите на „Икс“ да ги одолжуваат работите со „преплавување на службите на комисијата со контрааргументи“. Некои експерти веруваат дека случајот „Икс“ се користи како лост во преговорите меѓу Европејците и Американците.
Друг ризик е таканаречениот „омнибус“ закон за дигитално поедноставување, кој се очекува во декември. Може да се злоупотреби за ослабување на ДСА.
– Многу е важно комисијата да гарантира дека овој закон нема да биде начин за одговор на притисокот од Доналд Трамп, во спротивно тој ќе се удвои и ќе нападне други закони – предупредува Андреа Ренда.
Ова не би било прв-пат ЕУ да се обиде да ги смири Соединетите Американски Држави на овој начин. Изворите споменуваат укинување на европскиот дигитален данок или напуштање на директивата за одговорност за вештачка интелигенција.
– Трамп сака да ја уништи Европската Унија. Попуштањето на неговите барања или останувањето неактивен би бил многу лош потег – заклучува Александар де Стрил.
Засега, најавите на Доналд Трамп остануваат само зборови, а Европската комисија повеќе од кога било се потпира на својот трговски договор. Таа се придржува до него, предлагајќи ја својата регулатива, која предвидува пониски тарифи за американски индустриски стоки и одредени земјоделски производи. Оваа регулатива вклучува клаузула за суспендирање на договорот доколку САД не го почитуваат „договорот“.

Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција