Илустрација: „Нова Македонија“

Македонија веќе го почувствува ефектот на ангажманот на Мицотакис, заедно со групата Билдерберг

Сосема неочекувано е откажана посетата на претседателот на Словачка, Петар Пелегрини, на Република Македонија, вклучувајќи ја и средбата со претседателката Гордана Силјановска-Давкова. Веројатно ќе се бара термин за некои други „подобри времиња“, кога претседателот на Словачка нема да биде „презафатен“. Паѓа во очи фактот дека ова откажување следува речиси веднаш по завршувањето на тридневниот собир на светската политичка и бизнис-елита Билдерберг во Стокхолм. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис (за време на средбата на оваа светска влада во сенка, како што неофицијално ги нарекуваат билдерберзите) бил извонредно активен на маргините на формалните средби: во свое име и во име на грчката влада „жестоко ги бранел бугарските позиции во врска со извештајот на Вајц“, за кој (ќе) треба да се расправа (ако воопшто се расправа?!) на седница на Европскиот парламент на 24 јуни 2025 година.
За потсетување, упатени дипломатски и други извори брифираа за „Нова Македонија“ дека „приоритет на Мицотакис му бил и да излобира заштита на интересите на Бугарија и Бугарите против Македонија“, затоа што „бранејќи ги Бугарите и бугарските интереси против Македонија, грчкиот премиер ги бранел и грчките интереси и посебно Преспанскиот договор, со тоа што го негирал милениумски егзистирачкиот засебен македонски ентитетски супстрат“.
Мицотакис пред некои од билдерберзите во Стокхолм ги „аргументирал“ елементите за обезименување на македонскиот вековен идентитет. Сега, дополнително консултираните соговорници сметаат дека „е направен суптилен притисок врз нашиот поддржувач Словачка, особено врз нејзините ставови, искажани од највисоко политичко рамниште во врска со неразумните барања на Бугарија“! Нашите соговорници, поаѓајќи од своето долгогодишно искуство и дипломатска пракса, заклучуваат дека „откажувањето на посетата на словачкиот претседател на Македонија е втор конкретен резултат од лобирањето на Мицотакис меѓу светските билдерберзи?! Има сериозни аргументи дека ова не е шпекулација.

А кој е првиот конкретен резултат од лобирањето на Мицотакис меѓу
билдерберзите во Стокхолм?

Додека бевме во напнато исчекување за одговор од Софија за можна средба на македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова со бугарскиот колега Румен Радев во Хаг на маргините на самитот на НАТО, бугарскиот премиер Росен Желјасков истрча да реализира средба со Теодорос Русопулос, претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Имено, бугарскиот премиер Желјасков побарал „да се заштитат правата на бугарската заедница во соседната земја (Македонија н.з.)“. И на официјалната страница на бугарската влада стои дека Желјасков порачал оти „нема да се дозволи Советот на Европа да се користи за противбугарска кампања“.
Ова е првиот причинско-последичен чекор на оската Атина-Софија, по ангажманот на грчкиот премиер Мицотакис, за да се избоксува по „билдербершка линија“ фаворизирање на ставовите на Бугарија и на Грција во Брисел, ЕУ и Советот на Европа. Имено, дипломатски извори брифираат дека „може слободно да се претпостави какви сѐ насоки примил Русопулос (претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа) од поединци од групацијата Билдерберг, поттикнати од Мицотакис, за да ја одигра во Европскиот парламент улогата на „бугарски адвокат“ на „правата на бугарската заедница“ во Македонија.

Грчко-бугарската оска, на која ѝ се приклучува и Романија (Атина-Софија-Букурешт)

Појасно кажано, на меѓународната сцена во овие моменти е забревтана бугарско-грчката оска, за приоритетно да се спречат можната расправа и усвојување на предлог-извештајот на Австриецот Томас Вајц и известувач на ЕП за напредокот на Македонија околу евроинтеграциите со содржаното признавање на засебниот македонски идентитет и јазик во тој извештај. Зашто, со усвојувањето на тој извештај, дипломатите и наши соговорници ни повторуваат во брифингот дека тоа е колосален исчекор во насока да „започне паѓањето на бугарскиот договор, а последователно и на Преспанскиот, при што ќе паднат сите противмакедонски тврдења на Грција и Бугарија дека не постојат ниту македонски народ и идентитет, ниту македонски јазик и историја“!
За потсетување, откако беше објавен предлог-извештајот на Вајц за Македонија, Грција и Бугарија здружено со удвоени сили работат и лобираат кај светските либерални и други центри на геополитичката моќ да се пресечат сѐ посилните врски со американските конзервативци, да се елиминира оваа опасност, а на овој начин да се елиминира секаков македонски суверенизам. Давањето глас за две резолуции во Организацијата на обединетите нации беше многу јасен сигнал за официјална Атина и официјална Софија дека Македонија нема никаква намера да прифаќа да игра улога на грчко-бугарски пион и вазал, што ќе работи против изворните и автентични македонски државно-национални интереси.
Но, според апелот на дипломатите, официјално Скопје никако не смее да испушти од вид дека Грција „на големо работи на брзата пруга Атина-Пловдив за на тој начин комплетно инфраструктурно да ја изолира Македонија. Иницијативата е стратегиски поддржана и од Букурешт, при што последниве можеби не од истите мотиви како официјална Атина и Софија (иако, според дипломатите, има елементи да се анализира и тоа прашање), туку Романија се приклучува од чисто економски бенефиции, за мрежно надоврзување (вмрежување) со уште еден европски брз коридор, паралелен на коридорот 10 во својот јужен крак, и зголемување на фреквенцијата на проток на стока и луѓе од север кон југ и обратно (од Букурешт и пристаништата од речниот пат Дунав-запад-исток). Ова е уште едно од прашањата за кои било неформално разговарано меѓу билдерберзите во Стокхолм, покренато од Мицотакис, на маргините на работните групи.

Веќе е преочигледна намерата на либералните европски елити, кои се носители и на државни функции во нашето соседство

Од високи нивоа во американскиот Стејт департмент е веќе сигнализирано дека американските десничари веќе воспоставуваат и градат сојуз со европските десничари, обединети околу Виктор Орбан, Роберт Фицо и другите лидери на алијансата „Патриоти за Европа“. Не треба да се има сомнеж дека Грција и Бугарија своите активности ги насочуваат и во овој правец и ги користат сите алатки и механизми да запрат Македонија да добие каква било помош и поддршка и од американските трамписти и од европските суверенисти. Всушност, веќе е преочигледна намерата на либералните европски елити: целта е Македонија да се изолира комплетно – и геополитички и дури и на план на сообраќајна инфраструктура, енергетика, економски, финансиски и секако политички да се дистанцира што повеќе од Европа! Меѓутоа, не дека Македонија нема „свои асови за трка, и за спринт, а особено за маратон“, велат нашите брифери. Р.Н.М.