Повод: 89 години од раѓањето на најстариот жив македонски македонист и дијалектолог Коста Пеев
На 20 јуни 2025 година се навршија 89 години од раѓањето на најстариот жив македонски македонист и дијалектолог Коста Пеев, студент на Блаже Конески и еден од најголемите експерти за дијалектите на Егејска Македонија. Пеев даде непроценлив придонес во борбата против обидите за бугаризација на македонскиот јазик и народ, како и за зачувувањето од трајниот заборав на македонските дијалекти во Егејска Македонија, особено на кукушкиот дијалект. Коста Пеев е струмичанец, кој потекнува од македонско семејство од настраданиот Кукуш во 1913 година.
Во 2002 година Пеев се огласува со жестока реакција кон појавата на „Бугарскиот дијалектен атлас“ (обопштувачки том), изработен од Секцијата за бугарска дијалектологија и лингвистичка географија во Институтот за бугарски јазик при Бугарската академија на науките. Со оваа „научна студија“, поправо целосен научен фалсификат, биле прикажани македонскиот јазик и македонскиот јазичен простор во Република Македонија како „бугарски јазик“ и „бугарски јазичен простор“.
„На појавата на Атласот на бугарските дијалекти гледаме како на остатоци на идеја зародена во едно одминато време од пред век и половина, кога не постоеше македонска државност и кога одделни кругови од соседните земји, опфатени од мегаломански идеи за голема Бугарија, голема Србија, голема Грција, подоцна и голема Албанија, настојуваа по секоја цена да доминираат, т.е. со притисоци и моќ да го оневозможат создавањето нова македонска држава на Балканот. За споменатите цели со децении беше ангажирана голема политичка машинерија, која користеше и брутални средства, а многу често беше вклучувана и културната елита ’за да го оправда’ дејствувањето на односнава политика. На настојувањата на хегемонистичките власти од соседите за доминација, уште од втората половина на 19 век секако им пречеше дејноста на познатите преродбеници Јордан Хаџи Константинов Џинот, Венијамин Мачуковски, Ѓорги Пулески, натаму на групата околу списанието ’Лоза’ и др. Нивните дела во многу нешта ја покажаа посебноста на македонскиот народ, во што подоцна најмногу постигна Крсте П. Мисирков (во почетокот на 20 век). Овие континуирани напори за себесознавање, независно од отпорот, се крунисаа со успех: денес е реалност постоењето на македонската држава. Оттаму останува чувството на горчина дека соработниците на софискиот Институт за бугарски јазик си дозволиле цел еден народ, македонскиот, неговиот јазик, а тоа значи и неговата културна историја, да го избришат од картата на Јужните Словени, да му го одземат заслуженото место во панорамата на словенските нации. Тезите на Атласот на бугарските дијалекти што заговараат голема Бугарија немаат иднина, бидејќи противречат со т.н. ’коректив на здравиот разум’ и со постојната реалност. Да не заборавиме дека прокламираниот стремеж за европеизација не подразбира губење или преземање на националната посебност“, ќе напише Коста Пеев во своја статија, објавена на 11 март 2002 година.
Остра реакција кон Бугарската академија на науките
Пеев пројавува еднакво остра реакција и кон Бугарската академија на науките, која тогаш не ги уважува Меѓународниот славистички комитет и неговите ставови околу постоењето на македонскиот јазик и македонските дијалекти, особено во Пиринска Македонија, денес во Бугарија.
„Бугарската работна група при Општословенскиот атлас не сакаше да го прифати ставот на Редакцијата (зад кој став, сепак, стоеше Комисијата за дијалектолошки атласи или, пошироко, Меѓународниот комитет на славистите) ’за вклучување на македонските дијалектни податоци во Општословенскиот лингвистички атлас како особеност на македонскиот, а не како особеност на бугарскиот јазик’ и поради тоа во 1982 год. Бугарската академија на науките донесе решение да ја прекине соработката со Општословенскиот лингвистички атлас и во таа смисла ги повлече материјалите не само од бугарските народни говори туку и од македонските од Пиринска Македонија. На тој начин на дијалектните карти што се претставени во томовите што сега излегуваат од Општословенскиот лингвистички атлас и од помалиот Општокарпатски дијалектен атлас, односниов простор останува празен“, реагира Пеев.
Зачуван од заборавот еден важен сегмент од македонскиот дијалектен простор
Проф. д-р Коста Пеев е автор на обемните студии „Речник на македонските дијалекти од југоисточниот дел на Егејска Македонија“ (во шест тома), „Кукушкиот говор“ и „Дојранскиот дијалект“. За својата двотомна научна монографија „Кукушкиот говор“ ја доби највисоката награда од областа на науката, наградата „Гоце Делчев“. Оваа двотомна монографија зачувува од заборавот еден важен сегмент од македонскиот дијалектен простор. Таа претставува уште едно научно сведоштво за континуитетот на македонскиот јазик и неговите дијалекти, како и за огромното богатство на македонското јазично и културно наследство.
Определбата на грчката политика за уништување на Кукуш и на Кукушко не била случајна. Во средината на XIX век општиот економски подем особено силно се пројавил во Кукуш. Развитокот на занаетчиството и трговијата, особено збогатувањето на граѓанската класа, го обусловиле раздвижувањето на националното осознавање. Меѓу пројавите на преродбата во Кукуш, особено треба да се истакне борбата против патријаршијата и фанариотското духовенство. Таа борба во исто време значеше и борба за воведување на народниот јазик во црквите и во училиштата. Многу природно, како резултат на сите овие превирања на национален план, созреал обидот за издавање граматика на „македонско наречје“ од кукушкиот учител Венијамин Мачуковски, кој во 1872 година излегол со оглас за собирање претплата за издавање на својата граматика, која ја употребувал во својата учителска практика. Овој оглас бил дочекан со остра ре акција во цариградскиот, бугарски печат, па граматиката на Мачуковски не се издала.
„Уништувањето на Кукуш за време на Втората балканска војна од страна на грчката солдатеска претставува израз на една политика со која се настојува да се прекине животната нишка на еден македонистички центар – Кукуш“, има кажано Коста Пеев во едно интервју пред две децении во врска со палежот на Кукуш од 20-22 јуни 1913 година од грчката војска, како и за своите мотиви и напори да го спаси кукушкиот дијалект и големото богатство на еден дел од македонскиот народ, да се спречи забот на времето да го однесе во заборав духот на народот македонски, кој бил принуден да се расели од Кукуш и Кукушко.
Свето Тоевски