Кога во демократски проектираната визија за градење на државата се подметнуваат модели за протекторат се поставуваат прашања за целта, идеите, но и за интелектуално-политичките капацитети на предлагачите
По јавното барање на одредени политичари Македонија да стане протекторат
Во современиот геополитички амбиент, амбициите за развивање на државноста кон кои тежнее Македонија, со сите предизвици што ѝ се поставуваат, се насочени кон демократските модели за самостојност, самоопределување и сувереност, според принципите на меѓународното право. Кога во така проектираната визија за градење на државата се подметнуваат модели за протекторат се поставуваат прашања за целта, идеите, но и за интелектуално-политичките капацитети на предлагачите. Идеите за барање статус на протекторат, по моделот на Косово, неодамна ги пласираше претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, на официјалниот веб-сајт на неговата партија.
– Кажувам со целосна одговорност: земјите од Западен Балкан немаат капацитети и свои ресурси да ги развиваат своите држави. Македонија, Албанија, Црна Гора, Косово, Србија, Босна и Херцеговина немаат такви свои капацитети. Нам ни беше дадена шанса 32 години самите да се организираме. Ние имаме потреба од еден вид протекторат, набљудување од некого, кој е поразвиен. Меѓу земјите од Западен Балкан најголема доверба во институциите на државата има во Косово, во споредба со сите овие споменати држави, бидејќи Косово се наоѓа под повеќегодишен протекторат, кој ги воспостави темелите на функционирањето на системот – ги наведува своите процени и „политички визии“ Таравари.
Изјави во корист на штета на развојот и напредокот на демократијата
Без оглед на тоа дали Македонија покажувала акутни или хронични слабости како држава, што впрочем се симптоми на секоја млада демократија, секако не треба да се потцени и потенцијалот на ваквите „идеи“ за загрозување на сувереноста на државата.
– Самото искажување на идеи за протекторат, од политичар што е дел од власта во една држава, најкоректно може да се толкува – дека не можел да смисли ништо попаметно, па се фатил за најевтин популизам. Таквите гледишта се на ниво на кафеански разговори во кафулиња, чајџилници… И лесно поминуваат во јавното мислење на тоа ниво на општествена свест и образование, кое не треба да се потцени како капацитет на гласачко тело. Но таквите идеи за протекторати и оцената на развојот на општеството и државата не се засновани на ништо релевантно како информација, ниту има подготвено некакво истражување. Ваквите популистички позиции на политичките лидери можеби не прават штета на државата, во смисла на потенцијал за загрозување на суверенитетот, но прават штета на нејзиниот развој и напредокот на демократијата. Наместо да калкулираат со популизам, секако покорисно би било политичките лидери да се посветат на акумулација на знаења и ангажман во своите средини (во кои претендираат на влијание и гласови) за конструктивно унапредување на животот во Македонија – вели професорката Мирјана Најчевска.
Историчарот Александар Литовски пронаоѓа одредени точни констатации во детектирањето на нефункционалноста и слабоста на институциите во процената на Таравари, но сепак цени дека Македонија е далеку од состојба да бара да биде протекторат.
– Во духот на политичката (не)сериозност на идејата за барање протекторат врз Македонија, би прашал – дали можеме да најдеме некој меѓународен фактор да се пријави да ни биде заштитник (протектор). Одредени констатации за нефункционалноста на институциите можеби се точни, но Македонија од 1944 до 1991 година покажа дека има капацитет да изгради држава и стабилни институции. За постигнување функционалност на институциите е потребна, пред сѐ, политичка волја на политичките елити за искоренување на корупцијата и почитување на законите, а граѓаните да препознаат и да изберат политички партии и поединци со сериозен план за борба против тие дијагностицирани недостатоци. Со воспоставување таков институционален ред, прогресот на државата е неизбежен. Колкави и да се предизвиците со функционалноста на институциите, Македонија нема потреба од протекторат и има сопствени потенцијали и капацитети да се справи со тоа, доколку има политичка волја. Навлезени сме во еден тренд на автошовинизам, според кој, сѐ што е наше – не чини и не вреди, што не е точно. Повторно ќе кажам – Македонија покажала капацитет за самостојна државност – вели Александар Литовски.