Фото: „Нова Македонија“

Мноштво плодни почви (а неискористени), доволно вода за наводнување (а неефикасни мелиоративни системи), поволна клима… Македонија ги има базичните елементи за постигнување висока конкурентност во делот за квалитет на земјоделскиот производ. Но, според експертите со кои се консултиравме, треба да се втемели нов концепт како појдовна точка, врз основа на кој ќе се развие добра стратегија за развој на нашето домашно земјоделство, за да може да се одрази на другите елементи: во делот од цената, откупот и рокот на испорака на земјоделскиот производ, па и преработките во повисок степен (за да се има конкурентност во полн капацитет)…

Македонија има предност во производството на храна – битно е да знаеме како да ја искористиме

Домашното производство на храна станува приоритетно прашање. Со тоа и земјоделството како една од основните стопански дејности. И тоа воопшто не е преамбициозна идејата за производство на храна за дома, туку и за извоз. Тоа е еден реален одраз на состојбата, за што само треба волја да се активира и да се организира. Токму земјоделството е нашата шанса да го динамизираме економскиот развој и преку таа стопанска дејност да влијаеме да нашиот БДП, подобрувајќи го и домашниот економски-социјален стандард и на деловен план, а и на граѓаните.
Деновиве, во истиов контекст, во врска со ценовните натегања за храната, економски експерти и земјоделските експерти потврдуваат дека „една од појдовните точки за пониски цени во маркетите, што ќе води кон помали трошоци кај граѓаните за храна, е преку обезбедување на домашните потреби од храна од домашни извори“.
Со еден збор, земјоделството и земјоделското производство треба да се третираат со чувство на високо уважување и да се гледа на него како на еден од главните колосеци во насока на развојот на националната економија.

Изострување на диоптријата заради препознавање на бенефитите од квалитетно и конкурентно земјоделско производство

За изострување на диоптријата кон земјоделството, потребно е пред сѐ да се направат услови за подобра видливост на елементите што треба да се внесат во новиот концепт (а потоа ни треба и методолошки разработена чекор по чекор стратегија за нештата да се развиваат скалесто, а не прекутрупа, велат нашите соговорници).
Македонија е полна со позитивни изненадувања од областа на земјоделството и за државата и за граѓаните. Природните услови се одлични, но, за жал, и тие не се искористени. Мноштво плодна почва (а неискористена), доволно вода за наводнување (а неефикасни мелиоративни системи), поволна клима… Македонија навистина ги има базичните елементи за постигнување висока конкурентност во делот за квалитет на земјоделскиот производ. Но, според експертите со кои се консултиравме, треба да се втемели нов концепт како појдовна точка, врз основа на кој ќе се развие добра стратегија за развој на нашето домашно земјоделство, за да може да се одрази на другите елементи: во делот од цената, откупот и рокот на испорака на земјоделскиот производ, па и преработките во повисок степен (за да се има конкурентност во полн капацитет)…

Како Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да им биде партнер на земјоделците

Ги запрашавме во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дали има простор да се поддржи домашното производство на жито, сончоглед, но и зеленчук и овошје преку оформување оперативно тело што плански ќе посочи што треба да одгледуваат земјоделците и ќе ги поттикне преку обезбедување земјиште, извоз и откупни пазари… Надлежните велат дека на терен веќе се работи со земјоделците.

– Министерството е цврст партнер и поддржувач на домашното производство, се работи посветено со цел да се зголеми земјоделското производство. Потенцијалот за земјоделско производство е огромен, имаме плодни почви, поволна клима за одгледување различни култури. Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството преку своите вработени на земјоделците им трансверира знаења и информации во насока на подобрување на квалитетот и кванититетот на земјоделското производство и економска оправданост со цел одржлив развој во руралните подрачја, дава податоци и насоки за аграрната политика и врши теренски посети. Дополнително, министерството им излегува во пресрет на земјоделците преку подрачните единици за да обезбедат помош – општа, правна или каква било информација – нагласуваат од оваа институција.

Фото: Архива „Нова Македонија“

Не може да се очекуваат резултати за краток период?

Земјоделските стручњаци укажуваат дека не може да се очекуваат резултати за краток период и мора да се има точен план што ќе се поддржи и кои сектори и да се има јасна стратегија како ќе се постигнат зацртаните цели.
– Оформувањето и спроведување политики што ќе водат кон успех и раст на земјоделството во Македонија се доста комплексна тематика за која нема „магично“ стапче. Македонија како мала земја има силна конкуренција, прво во соседите, а потоа и поголемите и поразвиени земји. Државите во нашето соседство сериозно инвестираат и ја користат предноста од природата, а еден таков пример е Албанија – вели универзитетскиот професор Драги Димитриевски од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Димитриевски за „Нова Македонија“ објаснува дека со анализата што ја изработиле ќе биде потребно да се пристапи кон промени на самите мерки, не во структурите туку во мерките што се насочени кон поддршка на земјоделството.
Дополнително укажува дека и процесот на депопулација, или иселувањето, исто така ги влошува состојбите во земјоделството. Поради фактот што веќе е и очигледен, а тоа е заминувањето на жителите од руралните средини во поголемите градски средини или, пак, во други држави, што значително влијае врз намалување на производството.
– Нашите предлози се да се насочи поддршката, наместо поддршка на доходот да се поддржи руралниот развој. Ако средствата се делат преку мерките за рурален развој, тогаш ќе мора да се инвестира во плодни крави со поголеми приноси или, пак, во технологија што ќе им ја олесни работата. Може средствата да се наменат за оранжерии, за затоплување, во дигитализација што масовно го освојува земјоделството – објаснува професорот.

Најава за нови откупно-дистрибутивни центри

Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски неодамна најави нови откупни центри за храна, а од министерството за „Нова Македонија“ потенцираат дека откупно-дистрибутивнитe центри се корисни не само за земјоделците туку за сите жители во државата.

– Се има предвид дека се од суштинско значење не само за регионот во кој ќе бидат позиционирани туку и би ја зајакнале конкурентноста, ќе се овозможи пристап до меѓународни пазари и економски придобивки за земјата и регионот. Стручните служби интензивно работат и се прави детална анализа каде сѐ е неопходно да се инвестира во вакви центри покрај веќе постојните што стоеле закочени во минатото – потенцираат од оваа институција.
Од таму исто така дополнуваат дека во соработка со земјоделците се бараат најдобрите решенија во согласност со нивните барања и капацитетите да бидат во целосна искористливост за регионот. Намената секако зависи од застапеноста и функционалноста за тој регион. Е.Р.


Од анализа на универзитетскиот професор д-р Марјан Бојаџиев

Учеството на земјоделството во БДП се намалило за 34 отсто: од 10,03 отсто на 6,63 отсто за само 10 години

Во својата анализа, објавена неодамна во „Нова Македонија“, универзитетскиот професор д-р Марјан Бојаџиев вели дека во земјоделската размена, трговскиот дефицит изнесува 1,17 милијарда евра во само четири години.
– Толку пари сме морале да откинеме од нешто друго што заработила економијата, или да позајмиме, за да можеме да ја задоволиме побарувачката за храна – пишува професор Бојаџиев.
И професорот Бојаџиев во својата анализа констатира дека за земјоделството треба нов приод. Тој напиша дека „системот на земјоделски субвенции едноставно не дава резултати. Производството не се зголемува. Напротив, субвенциите за македонското земјоделство се како да фрламе парички во Фонтана ди Треви и да се надеваме на чудо“.
– Шансите да ги намалиме цените на храната и прехранбените производи во малопродажбата, едноставно, се многу мали, бидејќи доминираат увозни артикли на чија цена не можеме да влијаеме. Учеството на земјоделството во БДП се намалило за 34 отсто; од 10,03 отсто на 6,63 отсто за само 10 години. Ако продолжи овој тренд, за 10 години ќе се намали на 3,9 отсто. Речиси како во Америка, каде што земјоделството има ниско учество. (Само што ни фалат уште околу $60,000 по жител за да бидеме како Америка.) Во земјоделската размена, трговскиот дефицит изнесува 1,17 милијарда евра во само четири години. Толку пари сме морале да откинеме од нешто друго што заработила економијата, или да позајмиме, за да можеме да ја задоволиме побарувачката за храна. Да не ја заборавиме наједноставната формула на БДП: „БДП е еднаков на збирот од вкупното производство на стоки и услуги и нето-извозот, односно извоз минус увоз“. Ова значи дека самите сме го намалиле БДП во последнава година за 390 милиони евра. Покриеноста на увозот со извоз во земјоделството се намалува од 75 отсто во 2020-та на 66 отсто во 2023-та. Ако продолжи овој тренд, во 2033 покриеноста на увоз со извоз во земјоделството ќе изнесува само 29 отсто?!