Репортажа од Португалија
Една од европските земји што вреди да се посетат е Португалија, земјата на музиката фадо, на градот Лисабон, Атлантикот и на виното. Но има уште многу други причини зошто би ја посетиле автентичната Португалија, земјата на крајот на Европа. Пред сѐ поради убавите места и плажи, љубезните домаќини, кои иако не знаат многу англиски јазик, сепак сакат да помогнат кога ќе ги запрашате за што било. Мојот избор за посета на Португалија „падна“ на Лисабон и Синтра, првиот – главен град на земјата, а вториот – туристичко место во кое свој печат оставиле португалските кралеви. Најлесно да стигнеме до Португалија, односно на Лисабон, беше преку Мадрид, па со автобус до сликовитиот автентичен португалски град.
Лисабон град со видиковци
Времето беше променливо – малку сонце, малку облаци, за подоцна целосно да се смени и да заврне дожд. Температурата околу 10 степени. Ама и покрај таквите временски услови, тргнавме да го разгледуваме градот. Нормално, пеш, бидејќи така најдобро се доживува.
Лисабон е град распослан на седум рида, со калдрмисани улици, со угорнини, разнобојни градби, град на жолтите трамваи, на сините плочки што ги красат куќите однадвор… Трамвајот ќе го забележите во секој дел од градот, дури и на највисокиот, како и преку висечкиот мост на реката Тежо. Лисабон е познат уште како европски Сан Франциско, пред сѐ поради тоа што на секој чекор, под секоја натстрешница, беа поставени импровизирани кревети во кои се сместени бездомници. Толку многу што во другите европски градови ги нема во таков број.
Да напоменам дека Лисабон е поделен на квартови – баирос, кои во суштина немаат јасно дефинирани граници. Тука се Бајша, Алфама, Белем, Баиро Алто, Чиадо, Каис де Содре, Алкантара… Нашата прва цел беше областа Бајша, долен дел од Лисабон, изградена по разорниот земјотрес во 18 век. Името го добила од првиот маркиз, тогашен премиер на Португалија. Маркизот раководел со обновата на градот и тогаш наредил да се изградат големи уредени плоштади, ниски градби, и сега овој дел е преполн со ресторани, хотели, продавници.
Најпрво доаѓаме до плоштадот „Росио“, односно плоштадот на кралот Педро IV. Од едната страна е опкружен со националниот театар, а од другата со куќи и кафулиња. Над плоштадот се издига споменикот на кралот Педро, украсен со фигури што претставуваат правда, мудрост, сила, умереност. Од двете страни има барокни фонтани. Продолжуваме по главната пешачка зона, улицата Аугусту, кон плоштадот „Комерсио“. Иако дува ветер, времето е врнежливо, не се откажуваме да стигнеме до еден од најубавите и најфотографирани плоштади, кој се наоѓа покрај реката Тежо, каде што некогаш пред земјотресот била кралската палата. Правоаголен плоштад опкружен со жолти градби, над кои доминира Триумфалната порта. На капијата се претставени историски личности, како Васко де Гама, маркизот од Помбал, различни фигури.
Се враќаме наназад, кон плоштадот „Фигуеира“, познат по градби на четири ката, со коњичката статуа на кралот Жоао. Плоштадот денес е место за средби, важен сообраќаен јазол што ја поврзува областа Бајша со другите делови. Во овој дел е и плоштадот „Рестаурадорес“, посветен на независноста на Португалија, по 60-годишно владеење на Шпанците. На највисокиот дел од градот можете да се качите со жичницата, која ќе ве спаси од повеќеминутно искачување и ќе стигнете до еден од познатите видиковци Сао Педро де Алакантара. Иако возењето со лифтот „Санта Жуста“ треба да е најбрз начин од Бајша да се искачиш до Баиро Алто, сепак во пракса не е така. Големиот број на туристи што сакаат да се искачат до видиковецот горе, го одолговлекува искачувањето, па така, сепак, најдобро е да се тргне пеш и да се стигне до една од најубавите височинки, од каде што градот се гледа како на дланка. А кога ги спомнуваме видиковците, оттаму посетителот навистина има величествен поглед на Лисабон, на црвените покриви од куќите.
Алфама е една од најстарите и најинтересна области во Лисабон, која се наоѓа помеѓу замокот – тврдината и реката Тежо. Таму ќе се воодушевите шетајќи низ тесните улички, од замокот Сао Жорже, кој се издига високо на ридот, кој со векови бил одбранбено место за градот, а со текот на годините го менувал својот лик. И бил тврдина каде што живееле португалските кралеви. Во овој дел ќе ја разгледате и Лисабонската катедрала, некогашна џамија изградена во 12 век од Маврите. Катедралата повеќе личи на тврдина отколку на црква. И задолжително возете се со трамвајот број 28, кој е вистинска атракција. Тука е и националниот Пантеон, споменик од 17 век, во која се погребани познатите Португалци. И така, завршува првиот ден од разгледот на Лисабон. Полека нѐ опкружува темнината, се вклучуваат светилките и започнува ноќниот живот низ градот, во кој на секој чекор се слуша убавата музика фадо.
Наредниот ден исто така осамна облачен, ама не нѐ поколеба да продолжиме во истражувањето на Лисабон. Кулата Белем од 16 век е една од знаменитостите, која имала одбранбена улога, за потоа да стане симбол на португалската престолнина. Кулата била прва и последна градба што морепловците и истражувачите ја гледале при заминувањето и враќањето во Лисабон, која во еден период била користена како затвор, но и како светилник. Продолживме кон Споменикот на откритијата, кој ги слави морските достигнувања на Португалија, односно 33-те најважни личности – истражувачи, картографи, научници, мисионери, уметници и кралеви. Изграден е во 1960 година, а на плоштадот околу него е насликан голем компас со мапата на светот, која во средината ги покажува патиштата на португалските морепловци што пловеле во времето на откритијата. Од врвот има преубав поглед на атракциите, на црвениот мост, на другата страна на реката Тежо, а околу има шеталиште, кое води до мало пристаниште… Отспротива, кога ќе се премине улицата, е манастирот „Жеронимос“, најубавата градба во Лисабон, симбол на моќта и богатството на Португалија во времето на откритијата.
Градењето на манастирот започнало во чест на успехот на Васко де Гама, на местото каде што истражувачот се молел со другите членови на експедицијата пред заминувањето на експедицијата што го променила текот на европската историја. Во манастирот ќе го забележите гробот на Васко де Гема, но и на поетот Луис, автор на епот „Лузијада“, во кој се опева пронаоѓањето на патот до Индија. Манастирот е извонредна градба, која плени на секој чекор со разновидните архитектонски облици, во кои посетителот ќе ужива. Во овој дел се и Националниот музеј на кочии и Палатата на претседателот… И кога сте веќе во Белем, задолжително вкусете ја пастата белем ната. Вкусен колач што се приготвува по рецептот што го направиле монасите од манастирот во 19 век. Повторно, со трамвај се враќаме на плоштадот „Комерсио“. Мала прошетка и се упатуваме кон улицата Пинк, во област што некогаш ја нарекувале кварт на црвените фенери, каде што се собирале морнари и ситни криминалци, а сега е популарно место за забава со голем број ресторани и кафулиња. Во близина е и шеталиштето покрај реката. Она што Лисабон го прави модерен град е добро организираниот јавен превоз, метро, автобус, трамвај, воз, жичници, траекти. Цените се пристапни како за превозот така и за храната. Лисабон е една од најевтините престолнини во Европа. На пример за три до пет евра можете да појадувате, а десет евра во просек е ручекот односно вечерата, која ќе ја искомбинирате пиејќи жинжин, португалски ликер од вишни, засладен со цимет.
Синтра – бајковитиот град на португалските кралеви
Синтра е волшебниот град на Португалија, едно од најубавите места, кое вреди да се посети. Град со бајковити палати, скулптури и извонредна природа. До него се стигнува со воз од Лисабон за нецел час. За да се искачи пеш најгоре до тврдината и до палатата Пена, на посетителот му треба повеќе од час, а со автобус е околу 15 минути. За жал, поради силниот ветар и неповолните временски услови, кога ја посетивме Синтра не беше дозволено искачување до Маварската тврдина, па го разгледуваме градот околу Националната палата и во центарот. Тврдината е на највисоката точка на ридот. Била под контрола на Маврите до 12 век, а потоа по мирен пат ја презел Алфонсо, првиот крал на Португалија. Палатата е едно од седумте чуда на Португалија, каде што претходно имало мал манастир, а подоцна била летна резиденција на португалските кралеви. Во близината е Квинта, големиот имот со екстравагантна палата, парк со езеро, фонтани и други градби. Една имагинарна градба… Градското јадро е со тесни кривулести улички, шармантни шарени куќарки, голем број ресторани и сувенирници. Она што особено ме привлече беа многубројните скулптури што имав можност да ги видам шетајќи, кои ја отсликуваат португалската историја. А Националната палата, надворешно навидум обичен објект, внатре е вистински раритет и богатство. Таа била некогашна резиденција на португалските кралеви. Мешавина е од различни архитектонски стилови, а позната е по двете кули што доминираат над градската панорама. Внатре е импресивна. Се смета дека е најдобар пример на украсување со плочки азулео. Неколку фантастични сали, кралски грбови, кујни…
Времето за прошетка низ Синтра и преубавата природа полека минува. Португалија ќе остане длабоко врежана во сеќавањата како земја со богата историја, култура, традиција и преубава музика фадо.
Текст и фото: Каролина Мицевска