И додека Германија како одговорна држава го прифати и живее со фактот дека во одреден дел на историјата има темно минато, таа во ниту еден момент не ги злоупотреби евроинтеграциите на другите европски држави за да се испере од нацистичкото минато и да бара од другите да заборават на тој период од историското минато и да ја ретушираат/ревидираат историографијата. Од друга страна, Бугарија го прави токму спротивното. Имено, иако е неоспорен историски факт дека Бугарија за време на Втората светска војна била на страната на фашистичката оска, таа се обидува да ја преобликува историската фактографија, фингирајќи преку Македонија и наметнувајќи теза дека Бугарите за време на Втората светска војна биле администратори во земјава, кои подоцна помогнале таа да се ослободи од фашистите. И тоа го користи како алатка да го диригира напредокот на земјава во пристапниот процес кон ЕУ!?
Берлин не ја спречи Полска да биде дел од ЕУ какошто тоа ѝ го прави Бугарија на Македонија
Подолг период Македонија е под засилен бугарски притисок да ја негира сопствената антифашистичка борба и да прифати дека Бугарија не била на страната на фашистичкиот окупатор за време на Втората светска војна, туку, да биде апсурдот уште поголем, била администратор и учествувала во ослободувањето на дел од македонските територии токму од фашистите.
И додека претходните македонски власти потклекнаа пред притисоците од Софија и го прифатија бугарскиот историски инженеринг, некои европски држави и ден-денес воопшто не се стеснуваат јавно да го вперат прстот кон Германија и да ја посочат како нацистички окупатор. Тие земји по повеќе од 75 години од крајот на Втората светска војна и натаму инсистираат оваа земја да плати репарации за злосторствата и разурнувањата што ги предизвикале нацистите.
Деновиве, на 85-годишнината од избувнувањето на Втората светска војна, со германскиот напад на 1 септември 1939 година врз полскиот град Вјелуњ и полскиот гарнизон во Гдањск, полскиот претседател Анджеј Дуда изјави дека Полјаците им простиле на Германците, но не заборавиле и очекуваат отштета за уништувањето и злосторствата на Хитлерова Германија врз Полјаците.
– Едно се простувањето и признавањето на вината, а друго е обесштетувањето. И тоа прашање сѐ уште не е затворено. Длабоко верувам дека ќе се реши бидејќи никој никогаш не се откажал од очекувањето дека ако некој дојде и ни уништи нешто, тој е должен да ни плати за тоа – рече полскиот претседател во Вјелуњ.
Германија не злоупотреби ничиј евроинтегративен процес за да се испере од
фашистичкото минато
И додека Германија како одговорна држава го прифати и живее со фактот дека во одреден дел на историјата има темно фашистичко минато, таа во ниту еден момент не ги злоупотреби евроинтеграциите на другите европски држави за да се испере од нацистичкото минато и да бара од другите да заборават на тој период од историското минато. Од друга страна, Бугарија го прави спротивното. Имено, иако е неоспорен историски факт дека Бугарија за време на Втората светска војна била на страната на фашистичка Германија, таа се обидува да ја преобликува сопствената историја преку Македонија, наметнувајќи теза дека Бугарите за време на Втората светска војна биле администратори во земјава, кои подоцна помогнале таа да се ослободи од фашистите. И тоа го користи како алатка да го диригира напредокот на земјава во пристапниот процес кон ЕУ.
Иако објективната бугарска историска фела целосно ја препознава и признава улогата на бугарската влада како соработник со нацистичка Германија во периодот на Втората светска војна и смета дека Бугарија како држава треба да се извини за сите злосторства направени на териториите што биле под нејзина окупација, вклучувајќи ја и Македонија, бугарските власти имаат поинаков план. Имено, со блокирањето на македонските евроинтеграции и со вметнувањето на историските прашања во преговарачкиот процес, официјална Софија сака да го избрише сопственото фашистичко минато во периодот на Втората светска војна и го користи македонскиот евроинтегративен процес како алатка за остварување на таквата цел. Под притисок на Бугарија, поранешните власти во земјава почнаа со масовна промена на историските споменици, од кои се бришеше терминот „бугарски фашистички окупатор“, при одбележувањето на важни датуми од Народноослободителната борба мораа да внимаваат на вокабуларот за да не ја споменат Бугарија како окупатор, за во еден момент македонската јавност отворено да го постави прашањето против кого всушност се бореле македонските партизани ако тука немало бугарска окупација.
Клучната разлика е што Германија, која е меѓу најстарите членки на ЕУ, во ниту еден момент не се иззеде од сопствената одговорност во Втората светска војна, а што е уште поважно, не изврши притисок врз земјите кандидати да ја редефинираат историјата и да замижат пред фашистичката окупација и злосторства, во името на некоја европска иднина.
– Доколку Германија настапеше како што денес се однесува Бугарија, односно да се претставувала дека не била окупатор туку администратор, а притоа да вршела притисок врз земјите кандидати, немаше да го има големото европско проширување од 2004 година. Ниту една земја, Полска, Чешка, Словачка, Малта, па и Словенија, немаше да прифати такви уцени од страна на Германија, да ја негира сопствената борба за слобода за сметка на европското членство. Но, од друга страна, официјален Берлин беше свесен дека новата заедничка Европа се гради врз исполнување и почитување на европските критериуми, а не со редефинирање на историјата. Сите овие земји имаа и ден-денес имаат некакви историски комисии со Германија, ги има и Франција, но тие со децении работат врз основа на потврдени историски факти и документи, а не врз основа на желбите на одредени „историчари“ што сакаат да ја исперат валканата историја на својата земја. Тие процеси на историска научна дискусија си течат и ден-денес, 20 години по зачленувањето на овие земји. За жал, нашиот пех е што Бугарија влезе во ЕУ со политичка одлука и кога една земја нема созреано низ вистински демократски процес, без исполнети критериуми, тогаш недемократските опашки од минатото ќе продолжи да ги влече и како членка на Унијата, па затоа го компромитира целиот процес на проширување. Сега можеби тоа им одговара и на некои земји членки, но, порано или подоцна, тоа ќе ѝ се удри од глава на целата ЕУ – велат некои од историчарите со кои разговаравме.
Бугарија ја користи позицијата на моќ
Според нив, изјавите што ги дава полскиот претседател Дуда на одбележувањето 85 години од нападот на фашистичка Германија врз Полска се изјави што ги кажува секој државник што не сака бришење на колективната меморија, но истовремено, и по толку децении, бара таа да плати репарации за направената штета на полска територија. И тоа барање полските власти го повторуваат секоја година.
– Во ниту еден момент не скокна германскиот канцелар Шолц да ја предупреди Полска зошто побарала репарации од Германија, уште помалку ја блокира за време на пристапните преговори. Можеше тогаш Германија, да сакаше, да стави неколку вета и да издејствува пеглање на некои историски епизоди, особено она со репарациите. Но Германците не го направија тоа оти искрено веруваат во европскиот проект. За разлика од нив, Бугарија уште верува во соништата со кои влезе во сојузништво со Хитлер, па затоа негира постоење на цел еден народ, на неговиот јазик, историја и култура. Истото тоа од позиција на членка на ЕУ го направи и Грција, која не дозволува воопшто да се спомене постоење на македонско малцинство на нејзина територија, уште помалку да се извини за геноцидот спроведен врз Македонците за време на Граѓанската војна. Токму чинот на извинување претставува чин на преземање на одговорност, но и на затворање на вратата на лошите епизоди од минатото и отворање нова врата, на соработка и зближување. Такви чинови на искрено извинување имаше многу, но највпечатливо остана она пред нешто повеќе од 50 години кога поранешниот германски канцелар Вили Брант, за време на посетата на Полска, во Варшава падна на колена барајќи прошка пред споменикот за побуната во варшавското гето, подигнат во спомен на Евреите што биле заробени таму и со очајна храброст се бореле против германските мачители и за сопственото достоинство – велат соговорниците.
Понатаму тие додаваат и дека ќе помине долго време додека Бугарија не го достигне нивото на Германија, да гледа многу подалеку од сопствените анахрони интереси.
– Треба да се најде политичар во Бугарија што ќе собере сили да го направи тој чин на извинување бидејќи со тоа ќе ја покаже и големината на бугарскиот народ, дека знае да оцени што е зло, што е добро. Македонскиот народ може да им прости на Бугарите за злосторствата во Втората светска војна ако се извинат, меѓутоа не може да заборави затоа што заборавот води кон повторување на злото што го направиле. Македонија, како дел од поранешна Југославија, се откажа и од репарациите што Бугарија требаше да ги плаќа, па во ниту еден момент не го споменува тоа како некаква бугарска обврска. Од друга страна, Бугарија само ја користи позицијата на моќ и ја блокира македонската иднина поради нерасчистени сметки од минатото. Земја што е заробена во минатото не може да погледне ниту во иднината, онака како што погледна Германија – заклучуваат соговорниците.