Имајќи ги предвид неодамнешната изјава на еврокомесарката Кос од Давос, како и изјавата на Соломон Паси (уште од пред две години), и континуитетот на таа линија на европските лидери, токму сега повторно се поставува прашањето: Дали конечно е сосема јасно зошто првиот чекор во правец на игнорирање на „добрососедскиот договор“ и другите следствени анекси и протоколи, всушност, е јасната наша политичка експозиција за сите наши сегашни и следни активности – лобирања и аргументации до сите светски центри каде што се почитува меѓународното перемпторно право, односно принципите јус когенс, кои се посилни од диспозитивното т.е. пишано право (jus dispositivum), а посилни се и од нормите содржани во меѓународните договори и конвенции (како што е меѓународниот Договор за добрососедство со Бугарија или, пак, Преспанскиот договор, на пример)!
Ултиматумите и уцените испорачани од оската Брисел-Париз-Софија имаат континуитет
Eврокомесарката за проширување Марта Кос од Светскиот економски форум на една од сесиите под наслов „Проширување заради напредување: Дали Европа ќе расте?“ децидно изјави дека земјите кандидати за ЕУ се обврзани да исполнат одредени услови според принципот „земи или остави“. Тоа е еден стравотно понижувачки континуитет на ултиматуми и уцени што со години се провлекува во Брисел, деноминирајќи ги сите темелни принципи на самата ЕУ, но и на Копенхашките критериуми за земјите надвор од ЕУ што сакаат да ѝ се приклучат на Унијата, на утврден, легален и легитимен начин.
– Понекогаш слушам: „Земјите од Западен Балкан чекаат толку долго“. Но не се работи за тоа колку долго чекаат. Прашање е на нивната политичка волја и колку се способни да го исполнат тоа што се бара од нив. Земјите кандидати се обопштено обврзани да исполнат одредени услови според принципот земи или остави. Жал ми е што го кажувам тоа толку отворено – порача најбезобѕирно еврокомесатката за проширување Марта Кос.
Спокојно да донесуваме одлуки, избирајќи ги своите надворешни партнери и поддржувачи
Но, сега, кога веќе толку отворено нам ни е ставено до знаење дека „нема да влеземе во ЕУ до 2030 година“, се поставува прашањето: „Чуму толкаво брзање од еврокомесарите? Чуму толкави притисоци, ултиматуми, па уцени и закани од специјалните европратеници, евроамбасадорите, од претходната американска администрација на Бајден, од Олаф Шолц, а особено од Макрон, во пакет со нетрпеливата официјална Софија, за тоа дека Македонија мора веднаш и повторно да направи државно-статусни промени, имено, промени на Уставот, и да ги внесе Бугарите во неговата преамбула?“ Можеби одговорот на ова прашање е содржан во изјавата на Соломон Паси, поранешниот бугарски министер за надворешни работи, дадена за бугарската телевизија во 2023 година, која неодамна ја преобјави на својот фејсбук-профил д-р Елка Јачева-Улчар, универзитетската професорка од Институтот за македонски јазик во Скопје. Изјавата на Паси се разбира дека беше проследена со впечатлив коментар на професорката Улчар.
Имено, Паси напиша: „Бугарија има полно право да изгради два универзитета во Македонија, во Скопје и Битола, како и неколку гимназии и основни училишта. Ние ќе отидеме во Македонија со бугарски учебници и тие сосема природно ќе ги прифатат бугарскиот идентитет и култура. Со доволна упорност, со доволни издвојувања од буџетот на Бугарија ние можеме да им го промениме менталитетот на Македонците и за помалку од 10 години!“… (?!)
Професорката Улчар искоментира својствено за еден македонист, патриот и легалист на својот фејсбук-профил околу изјавата од Паси:
„Господи Боже, дали се овие нормални?“
Јасно исчекорен првиот чекор во насока на игнорирање на бугарските хегемони аспирации стипулирани во „Договорот“…
Дали е сега конечно и сосема јасно дека на понудата и предлогот „земи или остави“ од ЕУ и Марта Кос околу уставните измени единствениот одговор мора да биде: „Нема да помине!“?! Имајќи ја предвид изјавата на Соломон Паси уште од пред две години, легитимно ни се отвора прашањето: Дали е сега конечно и сосема јасно зошто првиот чекор во правец на игнорирање на целосниот бугарски договор со сите негови анекси и протоколи, всушност, е јасната наша политичка експозиција на сите овие наши активности, лобирања, аргументации до сите светски центри каде што се почитува меѓународното перемпторно право, односно принципите јус когенс, кои се посилни од диспозитивното т.е. пишано право (jus dispositivum), а посилни се и од нормите содржани во меѓународните договори и конвенции (како што е меѓународниот Договор за добрососедство со Бугарија или, пак, Преспанскиот договор, на пример)!
Натаму, за потсетување е и предизвикот на заедничката македонско-бугарска историска комисија, која во новиот состав (од македонската страна), со право зазема став за категорично отфрлање на идејата за внесување бугарски учебници со „санстефанска содржина“ во македонскиот образовен систем заради бришење на македонската национална свест кај учениците Македонци и воопшто за „бугаризирање на менталитетот на македонскиот народ најмногу во рок од десет години“, кажано со терминологијата на Соломон Паси, на што инсистира веќе подолго време бугарскиот дел од комисијата.
– Незамисливо е лицитирање со македонската историја, „продавање“ на Охридската архиепископија, на Кирил и Методиј, на Свети Климент и Наум, на Гоце Делчев и сето македонско револуционерно движење, за да се „заслужел“ „влез“ во Европската Унија! – велат извори блиски до комисијата. Р.Н.М.