Фото: ЕПА

Во Киев, како и во Европската Унија, се загрижени дека американскиот претседател Трамп ќе го искористи претстојниот самит за да се претстави како кандидат за Нобелова награда за мир, токму преку наметнување договор, па побрзаа да исцртаат црвени линии со помош на кои се надеваат дека ќе издејствуваат поповолен исход. Украина главно посакува договор со значајни безбедносни гаранции, а жестоко се противи и на реинтеграцијата на Русија во глобалните економски текови, според сознанија на реномираниот медиум „Политико“

Во пресрет на самитот меѓу претседателите Трамп и Путин

Траен мир, безбедносни гаранции и огромни финансиски репарации се меѓу главните барања што Украина ги изнесе во пресрет на утрешниот мировен самит во Алјаска, САД, каде што ќе се сретнат американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, стравувајќи од наметнување неповолно решение по неа, додека се наоѓа под голем притисок откако руски војници успеаја да навлезат подлабоко во Источна Украина, пренесуваат светските медиуми.
Во Киев, како и во Европската Унија, се загрижени дека американскиот претседател Трамп ќе го искористи претстојниот самит за да се претстави како кандидат за Нобелова награда за мир, токму преку наметнување договор, па побрзаа да исцртаат црвени линии со помош на кои се надеваат дека ќе издејствуваат поповолен исход. Украина главно посакува договор со значајни безбедносни гаранции, а жестоко се противи и на реинтеграцијата на Русија во глобалните економски текови, според сознанија на реномираниот медиум „Политико“.
Во продолжение се наведени стратешките интереси што Украина бара да бидат заштитени при разговорите со Русија:

1. Трајно примирје без територијални отстапки

Русија мора да се повлече за да има мир, нагласи украинскиот претседател Зеленски во објава на Телеграм, категорично истакнувајќи дека Украинците немаат намера да прават територијални отстапки.
– Оваа војна мора да заврши – и Русија мора да ја заврши. Сите одлуки што се против нас, сите одлуки што се без Украина, се во исто време одлуки против мирот – истакна Зеленски, додавајќи дека секој потег за прекин на борбите мора да ја вклучи Украина.
Ставот на Украина е дека нема да направи никакви отстапки во врска со своите граници, како што е загарантирано со меѓународното право и сопствениот устав, со што Зеленски напомена дека неговата земја нема да се повлече од фронтовските линии.
– Нема да го напуштиме Донбас. Не можеме да го направиме ова. Донбас за Русите е отскочна штица за идна нова офанзива. Ако го напуштиме Донбас по наша слободна волја или ако бидеме притиснати, ќе отвориме трета војна – рече Зеленски.
Доколку Киев мора да направи некаков компромис како дел од конечниот договор врз основа на реалноста на бојното поле, тогаш ќе разговара за територијалните прашања само откако Русија ќе се согласи и ќе се држи до прекинот на огнот – изјави извор на „Политико“ запознаен со ова прашање под услов да остане анонимен.
Американската страна ја предлага идејата дека Украина треба да се откаже од источната територија на Донбас во замена за спречување на руските трупи да ја окупираат јужна Украина. А американскиот претседател Трамп сугерира дека мирот бара „размена на територии“. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, сугерира дека конечниот компромис ќе биде одредени територии да мора да бидат руски преку воена окупација, но правно сè уште украински.

2. Плаќање репарации од страна на Русија

Уништувањето нанесено врз Украина во човечка и материјална смисла е огромно. Процените се движат од 500 милијарди долари до еден трилион долари. Украина е непоколеблива дека Москва мора да плати за нанесената штета, бидејќи голем дел од средствата на Русија се чуваат од блиски европски сојузници на Киев. На пример, речиси 200 милијарди евра се во Белгија.
– Русија мора да плати за причинетата штета од приближно 500 милијарди евра. Додека ова не се случи, на Москва не смее да ѝ се дозволи пристап до нејзините замрзнати средства – изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц на конференцијата за закрепнување на Украина минатиот месец.

3. Безбедносни гаранции

Украина го гледа членството во НАТО и во Европската Унија како единствен долгорочен начин за запирање на руските напади.
– Дали ќе бидеме во НАТО? Во ЕУ? Не сум слушнал ништо, eдноставно ниту еден предлог што би гарантирал дека нова војна нема да започне утре. Ни требаат безбедносни гаранции што ќе ја зачуваат, пред сè, нашата држава, суверена држава, нашата независност – рече Зеленски.
Сепак, Трамп го отфрли членството во НАТО (тивко поддржано од неколку други скептични земји членки на Алијансата) и Москва сака категорична обврска во Северноатлантскиот сојуз дека никогаш нема да ја прими Украина. Зеленски, исто така, се жали дека Киев постојано е блокиран на патот кон Европската Унија од страна на влади што се плашат од економското влијание од приклучување на огромниот земјоделски сектор на Украина на европскиот блок.
Украина, исто така, ги отфрла барањата на Москва да ја намали својата активна војска од 900 илјади војници (најголема армија во Европа веднаш до Русија), како и за прекин на испраќањето оружје за Киев од западните сојузници.

4. Продолжување на економскиот притисок врз Русија

Аналитичар што ја следи состојбата во Украина процени дека војната досега ја чинела Русија околу два трилиона долари, што е блиску до нејзиниот годишен економски производ. Киев и неговите европски сојузници сакаат да се задржи економскиот притисок врз Русија, предупредувајќи дека укинувањето на примарните и секундарните санкции и дозволувањето да продолжи трговијата би ѝ дало време на Москва да се прегрупира за уште еден напад за да го заврши освојувањето на Украина. Тие исто така ќе се обидат да го убедат Трамп дека заканата од повеќе санкции од САД ќе го принуди Путин да преговара посериозно.

5. Враќање на цивилите

Украина тврди оти Русија киднапирала речиси 20 илјади украински деца, при што досега се вратени вкупно 1.453 деца со медијација на Катар и други земји. Москва, пак, тврди дека ги префрла Украинците на безбедно место од конфликтот, па затоа одбива да ги врати децата кај нивните роднини. Киев бара враќање на цивилите, како и размена на воените заробеници меѓу двете спротивставени страни Р.С.