Наместо да се преслика модел што значи општествена кохезија, деетнизација и напредок во согласност со знаења и стручност, ние ќе се враќаме кон племенски поделби и територијални разграничувања по урнеците на Белгија или на Северна Ирска. Намерата на ДУИ е јасна, да ја растури државата затоа што е подалеку од власта, односно од алатките што му овозможуваа богатење и контрола, но намерата на сите граѓани е уште појасна, да живеат во просперитетна и напредна држава, ослободена од секакви етнички стеги и поделби. Македонскиот модел во минатото покажал дека е многу пофункционален и поефикасен од кој било друг, затоа нема причина да увезуваме туѓи нефункционални модели
Демаскирање на една интенција за институционална парализа: НЕ за моделите што водат кон дисфункционална држава
Наместо кохезија и сплотеност на македонското општество, одредени политички структури упорно работат на разбивање на единството и креирање бинационална држава, која во некое идно време треба да доведе до поделба на земјата и припојување на нејзини делови кон некои соседни држави.
Имено, сите потези што ги влечеше Демократската унија за интеграција додека беше на власт речиси две децении, а сега и во опозиција неполн месец, всушност се во насока на дезинтеграција на државата и воспоставување дуализам во практикувањето на власта, со што практично работеше на воспоставување инфраструктура карактеристична за федералните држави или за државите кај кои е воспоставен ваков систем исклучиво во насока да не се распаднат и со тоа да не го нарушат европскиот концепт.
Од друга страна, Македонија како држава нема такво значење за европската компактност и затоа меѓународниот фактор воопшто не покажува никаква загриженост околу ваквите тенденции во земјава, па наместо да ги делегитимизира уште во првиот момент, дозволува тие непречено да се развиваат и сериозно да го подриваат унитарниот карактер на државата.
Унитарна држава со бинационални елементи
Откако стана јасно дека ДУИ како партија конечно ќе мора да замине во опозиција, повеќе од извесно е дека интегративците по никоја цена нема да се согласат со ваквата состојба, исто како што не се согласија во 2006 година да бидат опозиција, откако тогашниот премиер не ги одбра како партнер во Владата. Чекорите што тогаш ги презеде ДУИ беа во насока на дестабилизација на државата, а имајќи го предвид фактот дека одвај беа поминати пет години од оружениот конфликт во земјава, меѓународната заедница притисна политичкиот наследник на вооруженото крило на ОНА да стане дел од тогашната влада.
Веќе тогаш се воспостави практиката за некаков победник со победник при формирањето на секоја нова влада, со што де факто се легализираше овој бинационален принцип што функционираше до 2017 година, кога токму од ДУИ, водени од желбата постојано да бидат во власта, го погазија и влегоа во влада со партијата што не доби најголем број гласови кај македонскиот блок.
Наместо избори што доликуваат на унитарна држава, Македонија постојано спроведува избори на кои на една страна се натпреваруваа партиите на албанската етничка заедница во земјава, а на друга страна сите други. Така се прогласуваа две изборни победи, се назначуваа двојни функционери и сето тоа резултираше со целосен институционален дуализам, кој доведе до фаза во која се препознаваа сите елементи на бинационална држава, а сѐ погласните барања за дводомно собрание, само се потврда дека работите се движат во таква насока.
Последните најави од ДУИ за ново уредување на државата, всушност се најава за реализација на планот на кој работеа уште од времето кога ја започнаа војната во 2001 година, а тоа е поделба на земјата врз основа на териториите што тие си ги зацртале на мапите за големата албанска држава на Балканот.
Експерт што веќе работел на раздружувања и поделби
Јавноста деновиве внимателно ги анализира пораките што доаѓаат од Мала Речица, имајќи ја предвид меѓународната поддршка што интегративците ја уживаа повеќе од 20 години, без оглед на многубројните коруптивни афери со кои се соочуваа нивните функционери.
Имено, незадоволни од тоа што останаа без власт, од ДУИ најавија дека сега ќе работат на планот на ново уредување на државата. Партијата веќе го ангажирала Пол Вилијамс, професор по право и меѓународни односи на Американскиот универзитет, кој предава на Факултетот за меѓународни односи и на Вашингтонскиот правен колеџ. Тој е претседател и коосновач на Групата за меѓународно јавно право и политика (ПИЛПГ) – невладина про боно организација што им помага на земјите и владите во мировни преговори, во уредување на постконфликтното законодавство и асистира во изготвување документација за кривично гонење воени злосторници.
Тој го подготви Охридскиот рамковен договор во 2001 година, а според податоците што можат да се најдат за него, бил ангажиран и во преговорите за Дејтонскиот договор, Договорот од Рамбуе, преговорите Подгорица/Белград за Србија и Црна Гора. Вилијамс учествувал како советник и во преговорите за Нагорно Карабах, преговорите во Осло и во Женева за Граѓанската војна во Шри Ланка и на мировните разговори во Сомалија.
Вилијамс и самиот за македонските медиуми потврди дека работи на предлог-платформа за правична и соодветна застапеност во процесот на формирање на Владата и меѓуетнички легитимитет на Владата.
Имајќи го предвид неговото портфолио, јасна е намерата на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, да се направи модел според кој ќе се разбие унитарниот карактер на државата и ќе се овозможи нејзина најпрво административна, а потоа и фактичка поделба врз основа на територијалната поделба од 2004 година, односно врз основа на доделените територии по конфликтот во 2001 година. Со други зборови, со ваквиот чекор фактички се реализира поделбата на Македонија за време на Втората светска војна, поточно делот што ѝ припадна на голема Албанија.