Илустрација: „Нова Македонија“. При изработката е користена АИ-технологија

Дали ЕУ ја извезува својата енергетска вина кон помалите земји?

  • Европската Унија не наметнува само еколошки стандарди. Таа наметнува и обврзувачки рокови, регулаторни механизми, дополнителни давачки и казнени политики, условување во пристапните процеси. Прашањето што се поставува е дали ова е климатска политика или геоекономски инструмент
  • За земјите како Македонија и другите помали и економски неразвиени држави, строгите рокови за декарбонизација и скапиот премин кон обновливи извори не се само еколошко прашање – тие се прашање на економски опстанок, индустриски развој и конкурентност

Зелената транзиција во Европската Унија се претставува како морална, цивилизациска и економска нужност. Но зад реториката за одржливост сѐ почесто се поставува едно суштинско прашање: Дали правилата што Брисел ги наметнува се праведни за сите или повторно најмногу тежат врз најслабите? За земјите како Македонија и другите помали и економски неразвиени држави, строгите рокови за декарбонизација и скапиот премин кон обновливи извори не се само еколошко прашање – тие се прашање на економски опстанок, индустриски развој и конкурентност.
Факт е дека најразвиените западноевропски земји ја изградија својата индустриска моќ врз јаглен, нафта, гас, масивна нуклеарна инфраструктура. Германија, Франција, Велика Британија… со децении емитуваа огромни количества стакленички гасови во процесот на индустријализација. Тоа беше цената на нивниот економски подем. Затоа денес тие држави имаат развиена технологија, капитал за инвестиции, субвенциски фондови, стабилни индустриски системи, пристап до евтини кредити.
Во таква позиција, тие можат да си дозволат скап експеримент со целосна зелена транзиција. Но прашањето е дали е фер истите стандарди и истите рокови да важат за развојни економии како македонската, кои допрва се обидуваат да изградат здрава индустриска база.

Зелената транзиција како регулаторен притисок

Европската Унија не наметнува само еколошки стандарди. Таа наметнува и обврзувачки рокови, регулаторни механизми, дополнителни давачки и казнени политики, условување во пристапните процеси. Прашањето што се поставува е дали ова е климатска политика или геоекономски инструмент. Затоа што во пракса помалите економии немаат доволно време, доволно капитал, доволно технолошки капацитет, доволно мрежна стабилност, за да направат безболен премин. Парадоксот станува уште поочигледен ако се погледне фактот дека некои западни држави повторно активираа јаглени капацитети во енергетската криза, го продолжија животниот век на нуклеарни централи, инвестираат во гасна инфраструктура како транзициско гориво. Со други зборови, кога станува збор за нивната индустрија, прагматизмот победува над идеологијата. Но кога станува збор за помалите држави, се инсистира на строга примена на регулативата.

За малите земји наметнатото динамизирање на зелената агенда е голем товар

Македонија, на пример, е мал емитер на глобално ниво, чии емисии на јаглерод диоксид на светско ниво се во рамките на „статистичка грешка“, а националната економија е во транзиција, зависна од базични енергетски извори, со ограничен фискален простор за големи субвенции. Ако ваква економија мора во кратки рокови да затвори термоцентрали и да премине на поскапо производство, последиците може да бидат сериозни. Логично е дека последиците на овие европски регулативи (за кои, рака на срце, и ние си ставивме преамбициозен рок до 2030 година дека ќе престанат со работа нашите термоцентрали), ќе бидат поскапа струја за индустријата, намалена конкурентност на производите, деиндустријализација, затворање фабрики, зголемена зависност од увоз, како и поголема невработеност… Во производството и трговијата цената е клучен фактор. Ако производството во Македонија стане поскапо поради скапа енергија, производите автоматски ќе станат помалку конкурентни. Затоа, треба да се поддржи Националната стратегија за енергетика, која најавува користење на базните ресурси за производство на струја до нивно исцрпување или, пак, минимум до 2040 година, кој период, според многу енергетски експерти, ќе биде доволен за енергетско преструктурирање. Е.Р.


Енергетска развојна правда, што значи тоа?

Во разговор со повеќе експерти од областа на енергетиката, добивме интересни размислувања, иако некои од нив, добронамерно во своите елаборации, споменаа дека можеби малку сме задоцниле со ваквите иницијативи како еден вид претставки од јавноста до Брисел. Така, во контекст на ставот што го нарекоа „Енергетска развојна правда“, тие ги дадоа следниве размислувања.
– Еден можен и рационален пристап би бил развиените земји, кои историски најмногу загадувале, побрзо да се преструктурираат, а помалите и неразвиени економии да добијат подолги транзициски периоди. Исто така, на помалите земји во развој да им се дозволи користење базични извори (термоцентрали, гас) додека не достигнат повисоко ниво на развој, а паралелно да се инвестира во постепена модернизација, а не во нагло затворање – велат тие.
Но тие исто така нагласуваат дека станува збор за барање развојна правда, посочувајќи ги и дополнителните ризици од зелената агенда.
Ова не е одбивање на зелената агенда. Ова е барање за развојна правда, акцентираат нашите соговорници, истакнувајќи за јавноста дека постојат и дополнителни ризици од зелената агенда, како на пример „зависност од увоз на зелена технологија, зависност од странски инвестиции, зголемување на јавниот долг поради зелени кредити, зголемена енергетска нестабилност ако нема доволно базична енергија и друго“. Ако зелената транзиција резултира со повисоки цени, намалено производство или деиндустријализација на земјава, зголемена социјална нестабилност, тогаш таа станува економски ризик, а не развојна шанса, според соговорниците, кои поентираат со уште една хипотеза.
– Климатските промени се реален проблем. Но и економската нееднаквост е реален проблем. Доколку зелената политика ги игнорира историските одговорности на развиените, ги игнорира економските разлики, ги игнорира индустриските потреби на помалите земји, таа ризикува да се претвори во нова форма на економска централизација. Прашањето не е дали треба да има зелена транзиција. Прашањето е дали таа ќе биде праведна и постепена – или ќе биде наметната и економски болна. За Македонија и за другите мали економии, одговорот на ова прашање не е идеолошки. Тоа е прашање на развој, индустрија и иднина – велат тие.
Затоа, решителноста да ја истуркаме својата агенда, во енергетската област, вклучувајќи ја и Националната програма, треба да добие широк граѓански и бизнис-консензус. Е.Р.