Секогаш кога од некоја причина привремено ја напуштам земјата, како кога одам на одмор или кога за некоја професионална потреба заминувам во друга држава, уште во моментот кога излегувам од границата на својата земја, неа ја замислувам како идеален простор, како во него (неа) да владеат блажен спокој и социјален мир. Политичките неправди или искривиколчените состојби од каков било вид, како да ги нема, или не постојат во земјата во која се крстиме и посакуваме да ја видиме со убав лик и сложна става.
Сигурно ваквите размислувања се само заблуди, кои се јавуваат кога ќе се најдете на одредена географска далечина од каде што не можете или не сакате да ги видите понеубавите работи, погрдите нешта што ја тиштат земјата што привремено ја напуштате.
Избравме нова власт, поранешната си замина во потрага по нов, поинаков начин на владеење (да им посакаме да го најдат), дел од таа власт, и покрај тоа што над дваесет години играше само на една карта, на етничката, сега со уличарски итроштини (Охридски или Мајски договори, па црвени подруми!) повторно бара да го заигра етничкото оро за да остане дел од новата власт, па сега како риба се прпелка по топлиот песок.
На новата власт да ѝ дадеме време, колку што нуди законот, и да ѝ посакаме колку-толку да расчисти дел од наталожените проблеми што нѐ тиштат. Оттука, во периодот кога сме надвор од државата ќе се сеќаваме и ќе се потсетуваме на личности и на случувања што сме ги имале во поблиското и подалечното време, дури и на некои настани што сме ги споменале во друга насока и со поинакво значење.
Ова мое излегување од нашиот ценет простор, прво е насочено кон градот Воден (сместен во северна Грција), од каде што на дваесетина километри постојат топли лековити бањи. Исто така Воден е чуен по убавите крупни цреши, кои во овој период од годината се зрели и вкусни за јадење.
Планот ми е, по неколку дена во бањите од Воден, да одам да се заплискам некаде во Егејот, можеби во Волос или во Коринос, место под Олимп, каде што има долга плажа, која е врзана со митска приказна. Имено, кога Сизиф успеал да ги надмудри боговите и да избега од лошиот крај каде што бил приклештен, тој отишол на плажата под Олимп, скокајќи по златниот песок и ладејќи се во бистрата вода од Егејот, така ги користл благодатите што ги нуди животот. Но од врвот на Олимп го забележал Зевс и ги запрашал неговите: Кој е оној човек што толку весело си игра по топлата плажа? На Зевс му беше речено, тој е Сизиф, кој успеал да избега од адот и сега се радува. За таквиот грев, Зевс му определил на Сизиф друга казна, апсурдна, да бутка камен по угорнина на рид, штом ќе стигне на височината, каменот да се истркала до подножјето на планината и сѐ така додека трае веков.
Зборувајќи за Воден ги спомнавме овошните плодови црешите. Покрај нив, сливите се овошје што се има распространето на целиот балкански простор, па и пошироко. Сливите ги има во секакви бои, жолти, црвени, има питоми и диви сливи, има благи и покиселки. Сливите се меѓу првите дрвја што со цутењето, на некој начин, ја најавуваат пролетта.
Пред четириесетина години, техничкиот уредник Коста Бојаџиевски на тогашната позната издавачка куќа „Македонска книга“, при една средба ме запраша: Коле, слушам наесен ќе имаш изложба во Париз, дали имаш изработено каталог за изложбата? На Коста му реков дека немам, од финансиски причини ќе направам само леток.
Коста малку се подзамисли, потоа рече: Дали би се сложил, да му изработиш портрет на Блаже Конески, за возврат јас, односно, „Македонска книга“ да ти направи пристоен каталог за изложбата? Секако дека би се сложил, но дали Блаже ќе сака? Таа работа остави ми ја мене, потврди Коста. Со Блаже се знаевме од порано, но само молчешкум, не сум имал можност да направам разговор со него. Кога сѐ беше договорено за изработка на портрет на Конески, ме обзеде малку трема. Дури кај мене се појави и сомнеж! А што ако не успеам да изработам добар портрет? Што ако портретот на Блаже излезе лош, со тоа и неуспешен? Во такво размислување го исчистив ателјето, сместив стол за моделот, на одредено место го поставив штафелајот. Извадив нови четки, да не случајно тие бидат причина за евентуалниот „промашен портрет“!
Април беше кога на договорениот ден, возач го донесе Блаже во мојот дом. И тогаш и сега, да се влезе во ателјето треба да се помине низ дворот од куќата, а во средината од дворот, во тоа време, наш роднина од Неред, по желба на мајка ми, имаше посадено слива што раѓаше крупни и благи сливи, кои кога созреваа добиваа боја на темен кармин. Блаже и возачот ги пречекав пред капија, кога минувавме низ дворот, Блаже го насочи погледот кон сливата, чиј плод беше сѐ уште презелен. Во ателјето му покажав на Блаже каде да седне, јас застанав пред штафелајот, додека работев на портретот Блаже со патерицата во рака се вдаде во неговите мисли. Тој ден, во првата сликарска сеанса не проговоривме за ништо. Во наредните средби, ѕидот меѓу моделот и сликарот исчезна. Почнавме да разменуваме секакви мисли, во даден момент Блаже ќе замолчеше, ми се чинеше дека пребарува нешто во неговите сеќавања. По неколку сеанси, работата на портретот почна да ме храбри, како да ме носеше кон добра мисла дека делото ќе биде пристојно, па и успешно.
Возачот редовно го носеше Блаже на позирање и редовно во договорено време го земаше. При едно доаѓање, кога минавме низ дворот, Блаже повторно погледна кон сливата, а родот крупен, зелен ама тек-тук понекоја топла нијанса се појавуваше на сливите. Во ателјето, Блаже, прво погледна во портретот, кимна со главата, како да сакаше да каже нешто, потоа седна на столот. Патерицата двапати ја премести врз своите колена, забележав дека нешто го измачува. По кратко време со својот рапав и јасен глас ми спомена: Коле, не можам повеќе да издржам. Срам не срам ќе ти кажам, ќе те замолам. Тие сливите, и кога одам дома не можам да ги заборавам. Те молам дали можеш да ми скинеш, две-три, такви ги сакам, кога се зелени.
Во неколкуте сеанси што останаа до завршувањето на портретот, покрај столот каде што позираше Блаже, секогаш стоеше бело чиниче во кое имаше зелени сливи, кои Блаже Конески такви ги сакаше.