БИТОЛА
Општина Битола и турскиот град Бејликдузу потпишаа протокол за побратимени градови. Протоколот го потпишаа градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, и градоначалникот на Бејликдузу, Мехмет Мурат Чалик, со кој ќе се развива соработката во социјалните, економските и културните области.
Градоначалникот Коњановски при средбата потсети на историската поврзаност помеѓу двете земји, како и на големата соработка, која континуирано се негува:
„Најубавата песна за Битола е напишана од жител на градот, Турчин по националност, кој во 1956 година се иселил во Турција, но никогаш не ги заборавил својот роден град и луѓето што ги сакал и почитувал. Песната „Битола мој роден крај“ ја напишал на македонски јазик, со што оставил вечна врска со жителите на градот и Македонија и станал нераскинлив дел од историјата на овој град, при што Ајри Демировски, е прогласен и за почесен граѓанин на Битола. Преку културата и традицијата доаѓаме и до новото време, во кое со почит се грижиме за историските споменици, но истовремено ги зајакнуваме и нашите врски, ја зголемуваме соработката и создаваме нови можности за развој и напредок“.
– Битола веќе има воспоставено соработка со Бурса од Турција. Имено, стопанските комори од двете земји развиваат добри односи, а минатата година потпишавме и протокол за соработка помеѓу зоните „Жабени“ и „Тире“, што значи зајакнување на деловните односи помеѓу зоните, како и промовирање, проширување и подобрување на економската соработка преку трговија и инвестиции меѓу соодветните деловни заедници. Од неодамна ја имаме и првата инвестиција од Измир, односно турската компанија за производство на лифтови „АРЛИФТ“, која заедно со бизнис-партнери од Битола одлучи да инвестира во Индустриската зона „Жабени“ во Битола. Со овој протокол започнуваме уште едно ново и важно поглавје, како за соработката помеѓу двете земји така и за идните планови за двата града, Битола и Бејликдузу. Верувам дека, како што стои и во самиот протокол за побратимени градови, дека нашето збратимување ќе резултира со развивање на соработката во социјалните, економските и културните области – вели Тони Коњановски, градоначалникот на Општина Битола.
Двете страни се согласиле да развијат соработка: помеѓу административните институции, во областа на лесната индустрија, инфраструктурата и земјоделството, културата, образованието, здравството и други социјални проекти, во туристичките активности, обновливите извори на енергија и стратегиите за намалување на јаглеродот, циркуларната економија, одржливата технолошка трансформација и развојот на урбаните економии.
Соработката меѓу двете општини ќе вклучува и споделување искуства и обезбедување обуки и можности за пракса на вработените, подготовка и имплементација на заеднички план за соработка, поттикнување на учеството на локалните компании, институции и невладини организации во процесите на соработка.
Напоредно, деновиве во општината Битола се поставува атмосферска канализација на улицата СРУ 5. Градежните работи на терен ги изведува КЈП „Нискоградба“, во согласност со планираната динамика, а вкупната вредност на овој проект изнесува 773.864 денари. По завршувањето на оваа фаза, планирани се поставување водоводна мрежа и коловоз и поврзување на улицата Крушевска Република со Партизанска, што е доста значајно за растоварување на сообраќајот во овој дел на Битола. К.М.