Колку убаво, колку едноставно, колку литературно, па дури и колку поетично е кога ќе се каже, збор по збор се слуша јазик. Оваа мисла е позајмена, не знам чија е, знам дека не е моја, важно е корисна и добро звучи. Тие што се разбираат од областа на јазиците, ајде да речам, или да не кажам лингвистите, велат дека јазикот е еден од темелите на една држава, нација, култура и цивилизација. Уште ако споменеме дека јазикот – тоа сме ние, во таков случај доаѓаме до највозвишената точка за вреднување на еден јазик, кој не само што служи за размена на мислења меѓу луѓето, јазикот претставува и историски и културен белег на еден народ.
Дотука е добро, јас толку можам да кажам за вредноста и за значењето на јазикот, во овој случај за македонскиот јазик. Знам дека многу други, тие на кои јазикот им е професионална и животна преокупација сето ова што е врзано за јазикот би го искажале и напишале на многу постручен начин. Си дозволив да влезам во оваа материја бидејќи сакам да го гледам јазикот од една визуелна и документарна опција, односно што со македонскиот јазик, во каква форма ни се нуди и на кој начин го употребуваме, во наједноставните состојби од секојдневниот живот!
Во помладите години, па и сега, имав можност да прошетам низ Европа и пошироко. Професијата што ја вршам, ликовната, во многуте патувања и престојувања во разни земји ме обврзуваше да забележувам знаци и предмети што се врзани со јазикот на конкретната земја, но од еден друг агол. На пример, ако и сега се најдете во Велика Британија, од север до југ, од исток до запад, значи на целата територија од оваа земја, или кралство, показните табли од патните насоки се изведени со исто дизајнерско решение, напишани на јазикот на државата Велика Британија, и тоа без исклучок! Истото тоа го има и во Франција, Италија, Шпанија, за Германија да не зборуваме. Има исклучоци за земјите, државите во кои постојат „кантони“, области, во кои се употребува двојазичност, но и во таков случај постои еден јазик што се употребува во сите општествени слоеви, за луѓето да можат да се разберат во нивната секојдневна комуникација.
Ако во Македонија, тргнеме од север до југ, од исток кон запад, ќе сретнеме шаренило од табли и показни знаци напишани на разни јазици, некаде во отсуство на македонскиот јазик, изведени со примитивни дизајнерски решенија, значи кому како ќе му текне! Најпоразително е кога ќе се забележи показна табла што означува влез во град или населено место, напишана на јазик што содржи и укажува промена на топонимот на одреден град или населено место! Колку што мене ми е познато, промена на топоним на географско место без дозвола на соодветен државен орган е забрането со закон и претставува своевидно кривично дело!
Оттука, треба да се запрашаме, како е можно некои работи во земјите кон кои се стремиме да им се придружиме се средени, а кај нас тоа не може, или мислиме дека тоа не е важно и е небитно! Важно е и битно е, бидејќи со таквиот наш однос покажуваме колку ни значи македонскиот јазик и, просто кажано, колку си ја сакаме државата! За да не мисли некој дека забораваме, во таквиот имагинарен цивилизациски однос, да не оставиме простор за сите јазици што ги употребуваат етничките групации во нашава држава, па некој да помисли дека таквите јазици ги отфрламе како крпи за бришење прашина? Не, сите јазици се своевидно историско и културно богатство, се разбира нивната употреба треба да се темели врз закон, бидејќи само така една држава може да дејствува и да функционира како правен субјект! Сѐ друго е анархија!
Да замислиме дека влеговме во град или населено место, на пример во западна Македонија, што ќе нѐ пречека таму? Фирми, реклами, натписи на споменици напишани на разни јазици, некаде и на македонски јазик, ама некаде! Еве пример, во убав град од тој дел на државата е подигнат споменик на извесен просветител, податоците за личноста од споменикот се напишани само на албански јазик! Па, си велам, како е можно или со кој ум, некому му текнало да го скрати значењето на просветителот, кога тој со својата дејност ширел култура и образование? Дали образованието и културата треба и можат да ѝ припаднат само на една етничка групација, која било и да е? Уште една глупост!
Ако таквата слика можеме да ја видиме во западниот крај, во град од централна Македонија има сериозна компанија што произведува пијалаци. Етикетата од течниот производ е напишана само на латинично писмо, кирилско нема! Зошто „Сребрен грав“ е така напишано никој не знае! И во источна Македонија е присутна ваквата слика, не заостанува ниту јужна, за северна да не спомнуваме, бидејќи главниот град е во северниот дел од државата и токму таму (овде) владее вистинска суша за македонскиот јазик! Во главниот град присутна е чудесна јазична какофонија! Има „сауд геит“ нема порта, има „норд геит“ нема македонска, го има и славниот „ист геит“ ама македонска порта нема! Ја нема и „На-Ма“! Во главниот град „Сити-галери“ има колку сакате.
Овие забелешки не треба да се разберат како солење памет, туку се прашувам зошто бегаме од нашето? Нели кирилското писмо се роди во Македонија, за потоа да го прифатат Бугарија, Србија, Украина, дури и Русија! Или некој може да помисли, кога спомнавме некои од овие земји што не се во тренд, дека треба и да замижиме на дел од нашата јазична историја? Сега не зборуваме за силни војни и политички недоразбирања, туку разменуваме мислења за култура, јазик и образование, општочовечки стремежи и доблести. Секоја држава би се гордеела со ваква историја каква што ние имаме, многу генерации со векови се бореле да изградат споменик за јазик, култура и традиција. Во 1924 година, во Егејска Македонија излезе буквар на македонски јазик, напишан според говорот на Крсте Петков-Мисирков. По Втората светска војна, во Бугарија излезе учебник по македонски јазик!
Сега кога сме самостојна и независна држава таквиот споменик треба да го доизградиме и збогатиме со нови јазични и културни вредности.
За парадоксот да биде поголем, ако мислиме нашата средина да ја претвориме во лажна имитација што ќе заличува на некои од западните земји, со што тие чопоративно ќе бликнат да нѐ посетат и да видат кои сме и какви сме, тоа е илузија! Западот е заситен од тоа што го имаат и поседуваат. Тие што доаѓаат кај нас трагаат по нешто што тие го немаат, нешто што е поразлично од кај нив. Ние такви вредности, јазични, културни и историски, имаме, само што не знаеме или не сакаме да ги цениме, па неодговорно ги дробиме и расфрламе во депонијата на примитивизмот!
Или ако толку ни пречат нашиот македонски јазик и неговото кирилско писмо, ајде да се одлучиме да го трампаме за нешто друго, латинско или за не знам што друго! Нашиот источен сосед ќе се тресе од радост ако чуе дека светите браќа Кирил и Методиј им ги шиткаме за ич пари, како што направивме со историјата од античкиот период и како што на името на државата си залепивме едно сервилно етикетче, кое, за жал, ќе нѐ следи некое грдо време.
Да не заборавиме, во такви околности, наместо збор по збор се слуша јазик, да не ни се случи, збор по збор се слуша празно и ништо!