Кичево

Изградбата на современ мултифункционален спортски комплекс во Кичево, финансиран од Министерството за спорт, е на самиот крај. На трите терени е поставена ПП-подлога, а во непосредна близина на теренот за футсал, на подлога од вештачка трева, се поставени и десет реквизити за фитнес. Во текот на наредните денови се очекува овој комплекс и официјално да биде пуштен во употреба, а граѓаните на Кичево ќе можат да спортуваат на современ спортски комплекс, каков што во овој град досега немало.
– На местото на запуштените терени во рамките на поранешниот дом на АРМ е изграден спортски комплекс, кој опфаќа повеќенаменско игралиште за ракомет и футсал, со полипропиленски под (ПП) и со трибина за 100 гледачи, фитнес-зона, одбојкарско игралиште со ПП-под и кошаркарско игралиште со подлога од најсовремени стандарди.
Инаку, изградбата на мултифункционалниот спортски комплекс во Кичево поради комплексноста на теренот се одвиваше во неколку фази. Најпрво се извршија расчистување и отстранување на асфалтот од старите терени, каде што од корењата на дрвјата се создале големи нерамнини, што беше отстрането од страна на изведувачот и извршено порамнување на подлогата – истакна портпаролката на Министерството за спорт, Биљана Благоеска.
Портпаролката Благоеска додаде дека до повеќенаменското игралиште за футсал и ракомет е изградена фитнес-зона со под од вештачка трева, со површина од 100 квадратни метри и со 10 мултифункционални реквизити наменети за сите категории на корисници. Поставен е ПП-под на одбојкарското игралиште со површина од 200 квадратни метри, извршено е обележување на теренот и поставени се столбови со мрежа. На претходниот бетонски под на кошаркарското игралиште е поставена нова подлога по најсовремени стандарди, со нови табли, обрачи и обележан терен.

Текст и фото: Зоран Антоски