Веќе сто дваесет и две години македонските гемиџии ја будат совеста на европските институции

Денес, кога лицемерната практика и поведенија на актуелните европски политички елити од Брисел се подготвуваат со сила, притисок и со нови условувања да ѝ ги „прекројат“ Уставот и судбината на Македонија, дали македонскиот дух и македонското поколение ќе опстојат врз посмртните останки и заветот на „Светците на македонската револуција“, на солунските атентатори и ќе ја разбудат повторно совеста на европските институции, како што се обидоа и овие големи македонски покојници пред 122 години, дека никој нема право да ги загрозува уставната еднаквост, уставниот суверенитет и правото на македонскиот народ на самостоен живот во Европа, како народ еднаков со сите други народи на континентот и во светот?
На 27 мај 1903 преживеаните македонски гемиџии беа судени за своите бомбашки напади и намерата да ги поттикнат лидерите на тогашна Европа да се заземат за Македонија. Само 34 години по нивната саможртва за Македонија, еден од лидерите на политичка Европа ќе стане и Невил Чемберлен, кој на 27 мај 1937 година ќе биде избран за премиер на Велика Британија. Како еден од најпознатите премиери во поновата политичка историја на Велика Британија, во своето радиско обраќање од премиерскиот кабинет на улицата Даунинг стрит број 10 во Лондон на 3 септември 1939 година Чемберлен повика на спротивставување кон претстојната фашистичка закана од страна на Адолф Хитлер и тогашна Германија кон Британците и другите европски народи.
Повикот на Чемберлен од 1939 за борба против притисоците и неправдите е во суштина ист, или сличен, како и македонското национално кредо – вјерују на легендарните гемиџии, кажано само со различни зборови.

– Ќе се бориме против злите работи – против бруталната сила, лошата намера, против неправдата, притисокот и обесправеноста! И сигурен сум дека ќе победи правдата против нив! – ќе упати Чемберлен порака.
Во политичките анали на британската држава, Невил Чемберлен останува запомнет по својата политика на смирување во 30-тите години од минатиот век.
– Тој беше цврст застапник на напредната социјална и домашна политика дома, во Велика Британија, и неуморно работеше на функцијата и покрај кризите и предавствата – се нагласува во тие анали на британската политика.
Универзално важечкиот повик на Чемберлен од 1939 година за борба против лошата намера, против неправдата, притисокот и обесправеноста, како и неговата бескрајна увереност дека ќе победи правдата наспроти сево ова, има свое длабоко значење и сега во соодносот меѓу Македонија и ЕУ, меѓу Македонија и Бугарија, во таа смисла што треба да претставува вдахновение да се опстои кон сите притисоци за нов „уставен инженеринг“ врз македонската држава и македонскиот народ. Крепејќи се, пред сѐ, врз заветот на „самооткажаните“ и на државотворната оставина на илинденско-асномската епопеја.

Свето Тоевски