ДО КАДЕ Е СЛУЧАЈОТ СО ПОРАНЕШНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ НИКОЛА САРКОЗИ?
- Поранешниот претседател на Франција во понеделникот беше примен од претседателот на Канцеларијата на националниот финансиски
обвинител, кој ги објави датумот на неговото затворање и казнената установа во која тој ќе почне со издржување на казната…
Поранешниот француски претседател Никола Саркози го дозна датумот на неговото затворање. Шефот на Националното финансиско обвинителство (ПНФ), Жан-Франсоа Бонер, му го соопшти тоа на поранешниот француски претседател Никола Саркози за време на сослушувањето, кое траеше приближно дваесет и пет минути, имено дека „ќе биде затворен на 21 октомври во затворот ’Ла санте’ во Париз“.
За потсетување, поранешниот француски претседател Саркози беше осуден на петгодишна затворска казна со одложена наредба за затворање, заедно со привремено извршување на казната, поради противправно „либиско финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година“. Саркози е првиот претседател на Француската Република, а според прегледот на агенцијата „Франс-прес“, и прв европски шеф на држава што е испратен во ќелија.
Саркози не е „обичен затвореник“
Иако требаше да има можност да не оди во затвор веднаш по пресудата (како што беше случај со другите обвинети во случајот – посредникот Александар Џухри и банкарот Вахиб Насер), судот не му даде можност да го чека дома идното судење пред Апелацискиот суд. Затоа Никола Саркози влегува во притвор како осудено лице од прв степен, но сепак се смета за невин, бидејќи ја чека својата жалба, која би можела да се случи во рок од неколку месеци.
Иако нема корист од исклучителен статус, Никола Саркози сепак не е затвореник како и секој друг. Да беше така, веројатно ќе мораше да дели ќелија или дури и да биде принуден да спие на душек на подот (како повеќе од сто затвореници во „Ла санте“), во преполн затвор – стапката на зафатеност се приближува до 190 отсто, според синдикатот Форс овриер (ФО).
Како и кај сите медиумски и политички личности или кај оние за кои затворската администрација смета дека се потенцијално во опасност преку контакт со други затвореници (радикални екстремисти, корумпирани полицајци, трансродови лица што сториле противправни дејства итн.), за Никола Саркози теоретски би можеле да се применат две опции, објаснуваат француските медиуми.
Првата, најтрадиционалната, е да му се приклучи на озлогласениот дел КБ4 (QB4) од парискиот затвор, исто така наречен „ранлив дел“ и со прекар „ВИП-дел“. Втората е да се префрли во одделот за самица. Во пракса, тоа не менува многу нешта во однос на неговиот затворски режим: во двата случаја тој ќе биде сам во својата ќелија, придружуван од чувар при сите негови движења, особено кога оди во собата за посети. Одлуката за неговото назначување е исклучиво на затворската администрација.
Затворот – сведок за неверојатни судбини
Сместено на првиот кат од одделението „Санте“ (Здравје), „ВИП-крилото“ се состои од деветнаесет идентични ќелии и сопствен двор за шетање, за да се спречи неговите жители да се мешаат со други затвореници. Тоа не спречува свиркање, потсмевање или фотографирање со мобилен телефон кога затворениците можат да забележат добропозната личност како ги истегнува нозете пред нивната ќелија.
Блискиот пријател на Никола Саркози, Патрик Балкани, кој беше затворен во „ВИП-одделението“ на „Ла санте“ на неколку месеци помеѓу 2019 и 2020 година, раскажа како се откажал од излегување на прошетки откако доживеал некои дофрлања при првата прошетка.
Историјата на овој оддел во „Ла санте“ сведочи на пресек на многу неверојатни судбини. Во 2022 година главниот помошник на Никола Саркози, Клод Геан, веќе бил затворен во исто време со поранешниот пејач Жан-Лук Лахе и агентот за модели Жан-Лук Брунел (кој изврши самоубиство), двајцата обвинети за силување малолетници. Пред него, низ КБ4 поминаа Морис Папон, Бернар Тапи, поранешниот шеф на Елф-Аквитанија, Лоик Ле Флош-Прижен, и поранешниот трговец со акции Жером Кервиел.
Сепак, според неколку затворски извори за париски „Ле монд“, Никола Саркози веројатно нема да го додаде своето име во овој затворски социјален именик.
„Целта е да се избегнат какви било инциденти и затоа мора да го спречиме да се сретне со кој било затвореник“, уверува еден од нив.
– Во ранлива област, покомплицирано е, на пример, да се организираат индивидуални прошетки – нагласува Иван Гомбер, национален секретар на синдикатот на директори на затвори ФО.
Треба да се истакне дека двајца од обвинетите заедно со Никола Саркози – Александар Џухри и Вахиб Насер – веќе се затворени во „ВИП-одделението“ на парискиот затвор. „Наједноставното и најефикасно решение е Никола Саркози директно да се испрати во самица“, шепоти затворската администрација. Додека сè уште има корист од стандардниот затворски режим: без целосни претреси на телото, неограничени телефонски повици, најмалку три посети неделно. Друга предност за поранешниот шеф на државата е тоа што со тоа ќе избегне да поминува низ приемното одделение, како што е случајот со сите затвореници.
Реновиран затвор
Самицата нема да ги промени неговите физички услови на притвор. Реновиран од 2019 година, парискиот затвор е во многу добра состојба. Секоја ќелија, приближно 10 квадратни метри, има кревет, мала маса прицврстена на ѕидот, туш, тоалет и телефонска говорница со однапред запишани броеви. Покрај обезбедените оброци, поранешниот претседател ќе има можност да јаде во мензата, односно да готви за себе, користејќи шпорет. Тој ќе има пристап до фрижидер (за 7,5 евра месечно) и гледање телевизија (14,15 евра месечно). Сепак, неговите активности во самица би биле ограничени на нивната наједноставна форма: покрај многу мал ограден двор за вежбање изолиран од остатокот од затворот, Никола Саркози би имал пристап до вежбалница и библиотека. Секогаш би бил сам таму.
Останува прашањето колку ноќи ќе спие поранешниот претседател на Републиката во затвор. Засега, единствено знаеме дека неговите адвокати ќе можат да поднесат барање за негово ослободување до Советот за кривични жалби од првиот ден од неговото затворање, кој има максимум два месеца за одговор. Но, според судски извор, „тоа треба да се случи многу порано за него“. Кои критериуми ќе ги користи судот за да одлучи?
– Судијата ќе се повика на членот 144 од Кривичниот законик, кој ги детализира критериумите за притвор пред судење – уверува Жан-Пол Сере, почесен претседател на Француското здружение за кривично право, во „Ле монд“.
Со други зборови, правосудниот систем ќе мора да разгледа дали, во случај на ослободување, постои ризик од бегство, повторна казна или притисок врз други сведоци. Тоа наведе неколку судии интервјуирани од „Ле монд“ да кажат дека е многу веројатно оти Никола Саркози би можел да има корист од многу брзо ослободување.
– Освен ако јавната кампања на поранешниот шеф на државата против правосудниот систем и судиите дефинитивно не се врати како бумеранг против него – истакнува Жан-Пол Сере.
Тони Гламчевски, наш постојан дописник од Франција