Недостапноста на извори и документи се користи за лажно и деградирачко толкување
- Поради недостиг од извори и документи (недостапност и селективен пристап на бугарските архиви), не е доволно јасно дали Киро Глигоров е ослободен благодарение на Симитчиев или Спиро Китинчев – градоначалникот на Скопје, но неизбежен е фактот дека без интервенцијата на Китинчев, современата македонската историја можела да биде поинаква. Глигоров можел да остане во бугарскиот затвор или да биде интерниран во царска Бугарија, со што немало да учествува во некои од значајните настани од македонската историја, како што е Првото заседание на АСНОМ, со други зборови животниот пат на Киро Глигоров можел да биде поинаков од оној што го знае пошироката македонска јавност
- Понекогаш недостигот од разбирливост во врска со некои личности или настани од минатото се злоупотребува од одредени историчари, аналитичари или политичари. Тие личности нештата од минатото ги претставуваат онака како што тие ги замислуваат, без да изведат анализа на изворите или документите, а честопати се прават и обиди за деградирање на одредени значајни личности од минатото. Совршен пример за тоа претставуваат текстовите на Цочо Билјарски, поранешен директор на бугарскиот Централен државен архив, еден од возобновувачите на Македонскиот научен институт од Софија, но и поранешен припадник на бугарската Државна безбедност. Билјарски во своите текстови или колумни ги негира македонските национални особености, а честопати се обидува да деградира и одредени личности од поновата македонска историја
Историјата во суштина е нарација што е условена од изворите, документите, сведоштвата, археолошките наоди, артефактите, од натписите итн. Оттука, во историските книги и учебници не може да се претстави целосно Втората светска војна, во смисла да се опфатат сите настани, политички перипетии или битки. Бидејќи станува збор за илјадници историски настани, историчарот става акцент на одредени нешта што ја поедноставуваат нарацијата, како што се причините поради кои настанала Втората светска војна или зошто нацистичка Германија на крајот безусловно капитулира. Во интерес на конзистентната наративност, историчарите вршат селекција на изворите и честопати пренебрегнуваат одредени нешта од минатото, држејќи се на главната линија и без заморни дигресии. Оттука, во историскиот наратив понекогаш одредени настани или личности не се доволно или воопшто не се протолкувани, поради што кај пошироката јавност настануваат недоразбирања околу некои историски случувања. Еден очигледен интересен пример за тоа е „ослободувањето на Киро Глигоров од бугарскиот затвор во 1942 година“ или „интервенцијата на Спиро Китинчев, градоначалник на Скопје во Втората светска војна“…
Напади врз поранешниот македонски претседател
Понекогаш недостигот од разбирливост во врска со некои личности или настани од минатото се инструментализира и злоупотребува од одредени историчари, аналитичари или политичари. Тие личности нештата од минатото ги претставуваат онака како што тие ги замислуваат, без да изведат анализа на изворите или документите, а честопати се прават и обиди за деградирање на одредени значајни личности од минатото. Пластичен пример за вакво нешто претставуваат текстовите на Цочо Билјарски, поранешен директор на бугарскиот Централниот државен архив, еден од возобновувачите на Македонскиот научен институт од Софија, но и поранешен агент на бугарската Државна безбедност. Билјарски во своите текстови или колумни ги негира македонските национални особености, а честопати се обидува да деградира и одредени личности од поновата македонска историја. Цочо Билјарски во еден свој текст, поранешниот македонски претседател Киро Глигоров го именува како камелеон што се трансформирал од Бугарин во „Србин, повторно Бугарин, па Југословен и на крајот Македонец“. На овој начин Билјарски се обидува да ги релативизира македонските национални чувства на Киро Глигоров и да ги обезвредни негови активности во полза на македонските национални и политички интереси.
Билјарски преставува одредени биографски податоци од минатото на Киро Глигоров, а меѓу другото вели дека Глигоров во 1942 година „бил уапсен од бугарската полиција под обвинение дека е просрпски комунист. Тој беше ослободен откако за него гарантираше Спиро Китинчев, градоначалникот на Скопје“. На овој начин Билјарски се обидува да го деградира поранешниот македонски претседател бидејќи бил ослободен со помош на Спиро Китинчев, соработник на бугарските окупаторски власти. Конкретно за овој настан, Киро Глигоров вели дека бил ослободен благодарение на Асен Симитчиев, за кого Китинчев интервенирал кај бугарската полиција.
– Дојде еден детектив во ќелијата, праша: Кој е Асен Симитчиев? Ајде дома. Асен му рече: А, не одам јас без другарот, и тој е затворен како мене, поради некоја грешка. Агентот му одговори дека не може тоа да го реши на своја рака, треба да праша. Ме прашаа како се викам. Му кажав: Кирил Глигоров. Од каде си? Од Штип. Тој рече: Па, како може од Штип да биде Србин?! По извесно време се врати од кај полицискиот началник и ни рече: Ајде надвор и двајцата, одете си – вели Киро Глигоров за овој настан.
Поради недостиг од извори и документи, не е доволно јасно дали Киро Глигоров е ослободен благодарение на Симитчиев или градоначалникот на Скопје, но неизбежен е фактот дека без интервенцијата на Спиро Китинчев, современата македонската историја можела да биде поинаква. Глигоров можел да остане во бугарскиот затвор или да биде интерниран во царска Бугарија, со што немало да учествува во некои од значајните настани од македонската историја, како што е Првото заседание на АСНОМ, со други зборови животниот пат на Киро Глигоров можел да биде поинаков од овој што го знае пошироката јавност.
Кој е Спиро Китинчев?
Бидејќи станува збор за личност што соработувала со бугарските окупаторски власти во Втората светска војна, неговата биографија е непозната за пошироката македонска јавност. Скромните податоци велат дека е роден во Скопје. Тој, како студент во Швајцарија, се приклучува во редовите на Македонската младинска тајна револуционерна организација (ММТРО). На 16 декември 1918 година Китинчев бил меѓу организаторите за обединувањето на македонските студентски друштва под името Главен совет. Во 1919 година, на состаноците на Париската мировна конференција, овој Генерален совет издаде апели, меморандуми, како и весникот „Независна Македонија“, работејќи во корист на самостојна македонска држава.
Според одредени информации, Китинчев во 1936 година му се приклучил на Македонското народно движење, познато како МАНАПО, а по поразот на Кралска Југославија во април 1941 година, Китинчев станал градоначалник на Скопје заедно со Србинот Јовановиќ и Турчинот Кемал Рустем-бег, секој задолжен за соодветната заедница. Во јули 1941 година бил именуван за титуларен градоначалник и на оваа функција останал до 1944 година. По создавањето на македонската држава во рамките на Југославија, Китинчев бил обвинет за великобугарски шовинизам. Бил осуден на смрт, но подоцна казната му била заменета со 20 години тешка работа. Починал во затворот „Идризово“ по една година од туберкулоза.
Непобитен е фактот дека Китинчев како градоначалник соработувал со бугарските окупациски власти, но одредени извори и документи говорат и нешто друго. На 13 јануари 1918 година, весникот „Велика Србија“ пренесува еден текст од швајцарски весник што е насловен „Против Бугарите“, а потпишан од Спиро Китинчев -Македонецот. Идниот скопски градоначалник во овој свој текст меѓу другото вели: „Мојата цел овде е да покажам дека Бугарите, дури и да се преправаат дека се наши браќа и наши ослободители, не се однесуваат подобро со нас од Турците. Бугарите отсекогаш ги мразеле Македонците. Оваа омраза се зголеми по Балканската војна. Македонците што биле во Бугарија биле навредувани од нивните ’браќа’. Бугарите ги обвинија Македонците дека се причина за војната и дека поради нив изгубиле толку многу војници. При влегувањето на Бугарите во Македонија, сите Македонци што не биле вклучени во српската војска или оние што не можеле да се борат, паднале во рацете на Бугарите“.
Споменатиот текст, Китинчев го завршува со следните зборови: „Бугари! Вам ви е познато дека во текот на пет века сме се бореле против турскиот јарем. Па, добро! Ако тоа треба, ние ќе се бориме и против вас. Бидејќи ние сакаме слобода за татковината и ќе работиме да ја добиеме“.
Доколку се земат предвид идеолошките определби на Китинчев, колку и да звучи чудно, историчари тврдат дека постојат сведоштва каде што тој како градоначалник на Скопје, на начин како што умеел, се обидувал да ги заштити Македонците. Во тој контекст треба да се разбере неговата интервенција кај бугарската полиција и ослободувањето на Кири Глигоров од бугарскиот затвор. Д.Ст.
Кој се плаши од својата историја?
Историографијата иако го проучува минатото, за нешто што е завршено, преку пронаоѓањето факти, е толку жива и динамична што постојано е во потрага по нови научни сознанија. Историографијата прави збирка на истражувања во историјата, посветени на одредена тема или историски период, или збирка на историски дела што имаат идеолошко, јазично или национално единство. Така се прави и кај нас и во регионот, а тој приод е познат и пошироко. Во еден таков контекст, бугарскиот богат државен историски архив мора да биде широко отворен, да има неселективен приод за истражувачите, за на светлината на денот да дојдат вистините и за бугарската нација, држава и историја, но и за настани (и за личности) што потврдуваат (или одрекуваат) одредени постојни историски наративи, од балканската или европска историја, а посебно вистини и факти за посебните национални истории на соседните народи и држави.
За разлика од бугарскиот, нашиот архив е широко и целосно отворен. Ние воопшто не се плашиме од фактите, документите, од историјата. Нека го прифати тој принцип и Софија. Тогаш отворено ќе може да се направи севкупен и вистински холистички приод на сите спорни историски прашања. Историографијата мора да биде ослободена од политичките стеги. Таа не треба да биде фабрикувана за одредени политички цели, односно да се прави историска ревизија и наратив во функција на официјална Софија, која од оваа временска дистанца сака да се извлече од своето минато, во кое во два колосални настани (Првата и втората светска војна) била на погрешната страна на историјата. Нема потреба од такви еквилибристики. Доволно е да се упати извинување, како што тоа го направи и официјален Берлин, и да покаже дека и Бугарија може да застане рамо до рамо со чесниот и отворен приод како Германија, да се затвори тоа поглавје на историјата и, извлекувајќи заклучоци, да се качи на пиедесталот на високодемократските држави и нации, преземајќи ги одговорно сите принципи, начела и обврски што таквото ново својство ги носи. Д.Ст.