Фото: ЕПА

Пристапот на ЕУ кон економскиот раст и меѓународната трговија повеќе не е соодветен за целта, рече Макрон во разговорот на конференцијата „Берлински глобален дијалог“, додавајќи дека ЕУ ризикува да стане ирелевантен играч на меѓународните пазари

Францускиот претседател бара реформа на моделот на раст на европскиот блок

Економското размислување на Европската Унија мора итно да се промени, бидејќи Унијата во спротивно ризикува да биде „надвор од конкуренција во однос на САД и Кина за три или четири години“, предупреди францускиот претседател Емануел Макрон при завчерашното обраќање во Берлин.
– Пристапот на ЕУ кон економскиот раст и меѓународната трговија повеќе не е соодветен за целта – рече Макрон на конференцијата „Берлински глобален дијалог“.
Toj додаде дека ЕУ ризикува да стане ирелевантен играч на меѓународните пазари и обична „зона за приспособување на прекумерните капацитети“ во Кина и во САД.
– Ако продолжиме со нашиот стар модел на раст, ќе испаднеме од конкуренција за три или четири години – рече шефот на француската држава.

Макрон предупредува: Економскиот раст на ЕУ зависен од Кина, Русија и од САД

– Навистина верувам дека сме изложени на ризик – додаде францускиот претседател Емануел Макрон, укажувајќи на фактот дека економскиот раст на ЕУ во голема мера е зависен од „извозот на автомобилската индустрија во Кина, евтиниот руски гас и одбранбениот чадор од САД, без никакви дополнителни прашања“.
Макрон ја повика ЕУ да се „разбуди“ и да ги „ресетира“ своите операции.
Тврдењата на францускиот претседател доаѓаат во време на неодамнешното објавување на извештајот на врвниот италијански економист Марио Драги за европската конкурентност, кој предупредува на „бавна агонија“ доколку Унијата не се залага за себе.
Забелешките на Макрон доаѓаат во истиот ден кога поранешниот италијански премиер Енрико Лета, кој исто така беше автор на клучниот извештај за зајакнување на економијата на ЕУ во април, предупреди дека блокот стана „колонија“ на САД, барем во однос на зависностите од финансискиот сектор.
Додека францускиот лидер претходно ја изложи својата европска визија во два клучни говора во Сорбона во 2017 година и во април годинава, тој завчера додаде слој на итност, повикувајќи на „агенда за создавање поле за рамноправно натпреварување“.
Оваа агенда вклучува пообемна употреба на алатки за економска безбедност за спречување нефер трговски практики, продлабочување на единствениот пазар за да се овозможи поинтегриран енергетски пазар и пообемно јавно и приватно финансирање.
Макрон исто така тврдеше дека Европа треба да стане постратегиски ориентирана во ситуација кога и конкурентите не ги почитуваат правилата за трговија, внимателно повторувајќи го априлскиот говор на Драги.
– Тоа нема да значи протекционизам, туку напротив, обновување на еднаквите услови за натпреварување – рече Макрон.
Предложената агенда на Макрон ќе биде поттикната преку „поедноставувачки шок“ со широк опсег, што ќе повлече намалување на регулаторниот товар. Францускиот претседател Емануел Макрон исто така изрази подготвеност да ја преземе борбата на европско ниво, каде што реформската агенда е најитна – наместо да се фокусира на напорниот внатрешен политички пејзаж, со кој мораше да се справи во изминатите неколку месеци.
– Веќе е доцна, ако сум искрен. Мораме да спроведеме реформи – нагласи Макрон.

Француско-германски несогласувања за клучни прашања

Во меѓувреме Макрон призна дека постојат несогласувања меѓу Париз и Берлин за клучните приоритети, вклучувајќи и за зголемување на тарифите на ЕУ насочени кон кинеската индустрија за електрични возила (ЕВ) и за трговскиот договор ЕУ – Меркосур.
– Дали сакате да бидете потрошувачки континент или континент производител – праша тој во Берлин, наведувајќи ги примерите на европската индустрија за соларни панели, која во последниве години значително се намали поради силната конкуренција од Кина.
На истиот начин Макрон потврди дека Франција нема да го поддржи целосно постигнатиот договор ЕУ-Меркосур, доведувајќи ја во прашање усогласеноста на аргентинскиот претседател Хавиер Милеи и другите членки на јужноамериканскиот блок Меркосур со целите на договорот од Париз – што претставува долгогодишен француски приговор на трговскиот договор.
Потврдувајќи ги спротивставените ставови за тарифите за ЕВ и за преговорите со Меркосур, портпаролот на германската парламентарна група за слободна трговија од либералната владина партија ФДП, Карл-Јулиус Кроненберг, во средата изјави за „Еурактив“ дека „ако мнозинството земји на ЕУ сакаат повисоки царини против Кина, договорот со Меркосур за слободна трговија мора да биде усвоен како компензација“.
Германија, чија автомобилска индустрија има блиски економски врски со Кина, широко се спротивстави на наметнувањето тарифи на ЕУ за електричните возила произведени во Кина и се очекува да се воздржи на гласањето на земјите членки на ЕУ за мерката закажано за денеска.
Од своја страна, Шолц во средата повика на брзо склучување на договорот ЕУ – Меркосур, истакнувајќи дека земјите како Шпанија и Италија исто така се желни да го финализираат. Последните забелешки на Макрон, на кои претходеа слични силни приговори од новиот француски премиер Мишел Барние во септември, се во спротивност со оние на германскиот канцелар Олаф Шолц.
Макрон исто така се чинеше дека ги урна германските надежи дека ќе се согласи на поограничен договор Меркосур, за кој ќе биде потребно само квалификувано мнозинство во Европскиот совет да помине, наместо национална ратификација, опција за која германската автомобилска индустрија активно се залага. Е.Р.


Договорот ЕУ – Меркосур чека на ратификација

Договорот на Европската Унија со Меркосур се подготвува 25 години, а разговорите за спогодбата за слободна трговија меѓу европскиот блок од една страна и Аргентина, Бразил, Парагвај и Уругвај од друга страна почнаа во 1999 година.
Начелен договор беше постигнат во 2019 година, иако никогаш не беше ратификуван. Вклучувајќи население од над 780 милиони луѓе, договорот ќе укине околу 93 отсто од царините на ЕУ, што ќе го овозможи најголемиот трговски договор на Унијата досега во однос на намалувањето на царините.


Попушта стисокот на Макрон во Франција

Францускиот претседател Емануел Макрон се бори да го задржи своето влијание откако неговата нова влада ја презеде функцијата на почетокот на минатиот месец, објави европското издание на магазинот „Политико“, повикувајќи се на сопствени извори.
Макрон, кој дојде на функцијата пред седум години со визија за „јупитеристички“ пристап кон француското претседателство, забележа дека неговата контрола врз власта слабее откако премиерот Мишел Барние го претстави својот нов тим. Новата влада е составена од цврсти конзервативци, покрај членовите на центристичката коалиција на Макрон.
Макрон го назначи поранешниот главен преговарач на ЕУ за брегзит, Барние, за премиер, на почетокот на септември, за да го надмине политичкиот ќор-сокак во Франција, што следуваше по предвремените избори во текот на летото. Изборот на Макрон за ветеран конзервативен премиер значи дека тој сега е во чудна позиција да ја дели власта со десницата, дури и ако владата на Барние вклучува некои од центристичките сојузници на претседателот. Е.Р.