Се создава ново сојузништво во рамките на Европската Унија против европскиот милитаризам и вооружувањето на Украина
- Унгарскиот премиер Виктор Обран се надева дека ќе се здружи со Андреј Бабиш, чија партија победи на неодамнешните парламентарни избори во Чешка, како и со словачкиот премиер Роберт Фицо, за усогласување на позициите пред состаноците на лидерите на ЕУ. Иако цврстиот политички сојуз сè уште е во развој, неговото формирање би можело значително да ги попречи напорите на либералните елити во ЕУ да ја поддржат Украина финансиски и воено
Суверенистички лидери на неколку членки на Европската Унија работат на меѓусебно здружување за да се спротивстават на оспоруваните планови на водечките либерални елити на Унијата за вооружување на блокот, но и на Украина, со што новата коалиција би можела да има и пошироки ефекти врз односот на политичките сили во споменатиот европски блок (ЕУ). За таа цел, Унгарија се стреми да ги здружи силите со Чешка и Словачка за да формира „сојуз против Украина во Европската Унија“, изјави за „Политико“ Балаж Орбан, еден од главните политички советници на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Унгарскиот премиер се надева дека ќе се здружи со Андреј Бабиш, чија политичка партија, со суверенистичка идеологија, победи на неодамнешните парламентарни избори во Чешка, како и со словачкиот премиер Роберт Фицо, за усогласување на позициите пред состаноците на лидерите на ЕУ. Иако цврстиот политички сојуз сè уште е во развој, неговото формирање би можело значително да ги попречи напорите на либералните елити во ЕУ да ја поддржат Украина финансиски и воено.
– Мислам дека сојузот ќе дојде и ќе биде сè повидлив – рече Балаж Орбан, одговарајќи на прашањето за евентуалното дејствување на потенцијалниот сојуз во Европскиот совет.
Создавање нова вишеградска група
Тој потсети и на здружувањето на овие држави заедно со Полска за време на мигрантската криза пред неколку години.
– Функциониравме многу добро за време на миграциската криза. Така можевме да се спротивставиме – рече Балаж Орбан за таканаречената вишеградска група 4, составена од Унгарија, Чешка, Словачка и од Полска, во време кога евроскептичната Партија на правото и правдата беше на власт во Варшава по 2015 година.
„В4“, како што беше позната групата, доживеа внатрешен раскол по избивањето на војната во Украина, бидејќи Полска се залагаше за воинствени остри позиции кон Москва, а Унгарија зазеде спротивен став.
Новата вишеградска алијанса би имала три наместо четири члена. Сегашниот премиер на Полска од десниот центар, Доналд Туск, е цврсто проукраински настроен и не се очекува да влезе во каков било сојуз со Орбан.
Сепак, Фицо и Бабиш ги повторија ставовите на унгарскиот лидер за Украина, повикувајќи на дијалог со Москва, наместо на кој било облик на притисок или ескалација. Бабиш беше критикуван од Западот за неговиот јавен скептицизам во врска со поддршката на понатамошната европска помош за Киев, а сегашниот министер за надворешни работи на Чешка предупреди во интервју за „Политико“ дека Бабиш ќе дејствува како сојузник на Орбан во Европскиот совет.
Будимпешта ги динамизира каналите на комуникација и соработка со истомислениците во ЕУ
Активностите на Унгарија за формирање политички сојузи во Брисел одат подалеку од Европскиот совет, рече Балаж Орбан. На пример, партијата Фидес на унгарскиот премиер, дел од десничарската група Патриоти за Европа, би можела да ги прошири своите партнерства во Европскиот парламент, рече тој, именувајќи ги групите во ЕП, како што се Европски конзервативци и реформисти и Европа на суверени нации, како и „одредени левичарски групи“ како потенцијални сојузници.
– Значи, оваа реконструкција на Вишеградската група 4 е во тек. Имаме трета најголема фракција во европскиот парламент. Имаме мрежа на аналитички центри, која е широко распространета тука во Брисел, а има и трансатлантска мрежа. И бараме партнери, сојузници за секоја тема – наведе Балаж Орбан.
Колегиумот „Матијас Корвинус“, аналитички центар што добива најголем дел од своето финансирање од сојузници на унгарскиот лидер и чиј претседател е Балаш Орбан, го прошири своето присуство во Брисел од своето основање во 2022 година.
Мејнстрим-партиите во ЕП и претседателката на ЕК, Фон дер Лајен
Мејнстрим-партиите, како што е централно-десничарската Европска народна партија, би можеле да се свртат против претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, уништувајќи го центристичкото мнозинство што го поддржа нејзиниот реизбор, рече советникот на Орбан.
Сепак, се проценува дека ќе биде потребно извесно време за да се реформира која било верзија на вишеградската алијанса. Иако повторно беше избран за премиер на Словачка во 2023 година, Фицо не се согласи официјално да се здружи со унгарскиот лидер во одредени области на политиката, а Бабиш сè уште не формирал влада по неодамнешната изборна победа на неговата партија. Р.С.
Будимпешта вперува прст кон Брисел за координирани активности за отстранување на владата на Орбан
Балаж Орбан, еден од главните политички советници на унгарскиот премиер Виктор Орбан, отворено го обвинува Брисел за „организиран, координиран напор за обид за отстранување на унгарската влада“, што вклучува „политичка поддршка на опозицијата“, во ситуација кога унгарскиот премиер Виктор Орбан ќе се бори за реизбор следната година.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е на власт во последните 15 години, во обидот да добие нов мандат, ќе има најсериозен конкурент од партијата Тиса на опозицискиот лидер Петер Маѓар, кој, според Балаж Орбан, има извонредна логистика од страна на либералните европски елити од Брисел. Р.С.


































