Штип
Во Штип започнаа градежните активности во новоформираната населба кај Три Чешми, со што се добива уште еден просторен развоен потенцијал. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, најави изградба на комплетна водоводна и канализациска мрежа, како и на три нови улици во оваа населба.
– Планираната населба опфаќа 80 парцели за индивидуално домување. Досега се продадени десет, а за уште десет е во тек постапката за аплицирање. Паралелно со изградбата на инфраструктурата ќе продолжи отуѓувањето и на другите 70 парцели, што очекуваме значително да го зголеми бројот на жители во овој дел од градот – вели Јорданов.
Министерството за транспорт и врски веќе има распишано тендер за изградба на водоводната и канализациска мрежа не само во новата населба кај Три Чешми туку и за викенд-населбата Плуждино. Целата инвестиција се проценува на околу 22 милиони денари.
Дополнително, Јорданов најави проширување на градот и во насока помеѓу населбите Баби и Сењак, каде што ќе бидат понудени за продажба околу 100 плаца за изградба на индивидуални куќи.
– Изградбата на нова населба претставува стратегиска инвестиција во иднината на градот. Со создавање современо урбано живеалиште, директно се одговара на потребите на младите брачни двојки, кои сè почесто се соочуваат со недостиг од достапни и квалитетни станбени решенија. Новата населба ќе овозможи поразновидна и подостапна понуда на пазарот, што ќе ја поттикне побарувачката, но истовремено и ќе придонесе за стабилизирање на цените на недвижностите. На овој начин ќе се создаде балансиран урбан развој што одговара на реалните социјални и економски потреби на општината – истакнува градоначалникот на Штип. К.М.