Илустрација: „Нова Македонија“

ЕВРОПА ПРОТИВ ЕВРОПА

  • Сега кога по отворениот покер е јасно дека ЕУ нема да го смени начинот на гласање со консензус, се поставува прашањето како понатаму ќе се одвива процесот на проширување. Дали Западот ќе ја остави Украина на цедило? Дали сепак Брисел ќе најде формула да го оствари сонот од Лисабон до Одеса виа Скопје, при што решавачки принцип ќе биде геополитиката?

Пред шеесетина години европските лидери имаа една визија за создавање економски простор со паневропски димензии. Можеме ли денес да замислиме дека таква идеја постоела во времето на Студената војна, на блоковската поделба, на два система што никако не можеле да се спојат? Но идејата продолжила да се развива зашто имала и бизнис и географска логика – ЕУ од Лисабон до Владивосток. Еден економски простор со можности да стане суперекономија на која денес тешко некој би можел да ѝ парира. И можеби нема да ни се верува, но во еден период главни носители на овој план биле Германија и Русија, а потоа и стопанските комори, при што танкерот на можностите го влечеле фирми како „Сименс“ или „Бош“ и рускиот металургиски гигант „Сверстал“ и многу други. Денес иницијативата Лисабон-Владивосток остана само во архивите. Кој ја уби таа идеја? Зошто членките на ЕУ се откажаа од руските ресурси што им беа оставени како можност, а таа ги нема? Се чини дека старите европски татковци и нивните идеи не фатиле корен кај помладите европски водачи. Преголем генерациски јаз, кој денес се надоместува со визијата за ЕУ од Лисабон до Одеса. Тоа е скратување на Европа за некои 7,6 илјади километри!
За нас Македонците, пак, Одеса, како сегашна крајна точка на планот на ЕУ за проширување, има некоја симболика, зашто токму во Одеса еден период (1909-1913) живеел и творел големиот македонист и основоположникот на современиот македонски јазик Крсте Петков Мисирков. Дали ќе го видиме овој план во завршна фаза и дали Македонија, конечно, ќе се најде во пакетот на ЕУ? Од Лисабон до Одеса, со Скопје на мапата како една од точките на ЕУ?

ОТВОРЕН ПОКЕР ЗА ПРАВОТО НА ВЕТО

Минатата недела на самитот на Европската политичка заедница во Копенхаген се играше отворен покер. И тоа што „Нова Македонија“ претходно го објави, потоа беше потврдено – во ЕУ нема договор за да се смени начинот на гласање со консензус. Или сите или никој! Притоа јавно беше кажано дека веќе не се само Виктор Орбан и Унгарија против воведување гласање со квалификувано мнозинство, само и само заради туркање на Украина, а најверојатно и на Молдавија во ЕУ на брза лента. Против тој гласачки механизам се и Франција (Макрон), па и Грција (Мицотакис), но и Холандија, па и Бугарија… Сите имаат некои свои причини, како што некои медиуми наведоа дека за Грција тоа е Турција, за Бугарија е Македонија, за Хрватска би била Србија… Нема крај. Укинувањето на правото на вето за приемот на нови членки би отворил внатрешен геополитички фронт, кој би бил многу опасен за постоењето на Унијата. Тоа е сега уште појасно и потврдено од европските лидери.
Како зацементиран принцип на гласање консензусот ја одржува Европа жива и тој механизам има своја кохезиона моќ, а доколку би се укинал, сосема е јасно – укинувањето на правото на вето би водело кон распад на ЕУ ваква каква што ја знаеме. Ова е потврдено во многу анализи. Идентично би било и со укинувањето на правото на вето на членките на Советот за безбедност на ОН. Каква смисла би имало ако на пример Франција, САД, или Русија би го изгубиле тоа право да останат во Советот како постојани членки?! Тие би се изедначиле со сите други членки на ОН, а ги има околу 200.
Да се потсетиме дека пред десетина години грчките политичари (Пангалос) јавно рекоа дека доколку Македонија стигне до членство во ЕУ тие ќе го употребат своето „нуклеарно оружје“ – ветото. И го употребија, исто како што сега го прави тоа Бугарија.
И ако можеме да анализираме, а притоа секако дека ќе докажеме дека Западот ја урна идејата за Лисабон-Владивосток, прашањето зошто ЕУ сега се мачи со овој геополитички проблем е многу позамрсено, но и потешко за да се признае. На пример, како е можно Македонија 20 години да биде во чекалница, па дури и да не ѝ се дозволи ниту да отвори едно единствено поглавје? Зошто не важат Копенхашките критериуми, а мора да важат, туку нејзиниот пат до Брисел е поплочен со поставување двојни стандарди, уцени и услови, кои немаат врска со европеизмот како еден од највисоките дострели на демократскиот свет – правото на суверенитет. Тоа ние не го доживеавме.
Европската дијагноза на почетокот на годинава на Минхенската безбедносна конференција им ја постави американскиот потпретседател Џејмс Даглас Венс, кога ја кажа историската реченица дека Американците не се загрижени за безбедноста на Европа од закани од Русија, од Кина или од некоја друга странска сила туку дека заканата доаѓа внатре од Европа и дека Европа има проблеми со демократијата. На тој самит, пак, посебна и многу важна точка беше темата за двојните стандарди на Европа. Самите лидери на ЕУ во длабинска анализа, еден од нов е Жозеп Борел, велат дека ЕУ во светот ја препознаваат и по двојните стандарди. Ние како Македонија, значи, сме биле и постојано сме во право. Зошто никој не нѐ слуша? И до кога ќе биде тој бриселски ѕид поставен пред Македонија?

Некои планови на бриселските лаборатории

Сега кога е јасно дека нема консензус во ЕУ за менување на гласачкото златно правило, европски аналитичари сметаат дека со тоа е зададен сериозен удар на двоецот Урсула фон дер Лајен, како претседателка на Европската комисија, и Антонио Кошта, како претседател на Европскиот совет. Две клучни политички фигури што го туркаа проектот (амбициозно нарекуван план Б) најавен и од канцеларот Фридрих Мерц. Но со ова се поставува прашањето дали Украина ќе биде оставена на цедило? Веќе постојат такви анализи, особено во Велика Британија. Молдавија веќе е во сферата на политичка неизвесност, зашто изборите во кои се кршеа геополитички копја покажаа сериозен расцеп во молдавското општество, кое ќе биде тешко да се состави. Украинските рани, пак, се уште подлабоки, па се поставува прашањето дали Западот не успева да најде формула за Истокот.
Во моментов е јасно дека нема сериозен план на маса како понатаму. Постојат само варијанти. Една е дека е можно да се донесе геополитичка одлука сите земји што се во кандидатски статус да влезат како блок во Унијата? Тоа беше стар план, но тогаш кога се правеа европските математики крајните точки на ЕУ беа до Западен Балкан. Дали ЕУ ќе може да го соџвака тоа. Многу тешко, иако со тоа би се оставило билатералните прашања да ги решаваат земјите меѓусебно.
Во бриселските лаборатории се разработувани и планови за формирање „мини-сојузи“, така што некои земји би останале надвор од ЕУ, односно не би имале членство, но би влегле во некој поцврст сојуз и би имале некое чувство дека се во европскиот круг и дека се на радарите во Брисел. Еден од тие сојузи, за нас интересен, е веќе во формирање меѓу Словачка, сега и Чешка со победата на Бабиш, Унгарија, Австрија, а Македонија и Србија се гледаат како сателити. Притоа да не заборавиме дека ЕУ ќе влегува во финансиска криза, па затоа и ништо не би можело да се третира како сериозен план.
За Македонија останува притисокот за да го смени Уставот, но дали земјава ќе тргне кон тој план во овие геополитички неизвесности е прашање за сериозна процена. Во секој случај тоа претставува голем ризик. Она што е факт, и тоа болен, е дека „ние ја чекаме Европа, а како да го чекаме Годо“.