САД со исклучително голема посветеност им пристапуваат и на предупредувањата што пристигнуваат од македонските официјални власти за можна дестабилизација во Македонија наесен. Во тој контекст, навистина е сериозна информацијата што се лиферува во јавноста дека „на дестабилизирачко сценарио работат некои центри од странство, кои трошат милионски суми за потфатот за креирање меѓуетничка дестабилизација на Македонија“
Се пресретнуваат обиди за потенцијална политичко-безбедносна дестабилизација
Активности на пресретнување секаков обид за потенцијална дестабилизација се спроведуваат во повеќе држави од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија, од страна на активни, но и од поранешни американски разузнавачи што соработуваат со властите.
Најавите на косовскиот премиер Курти за отворање на мостот на реката Ибар во Митровица, и покрај противењето на САД и претставниците на Квинтата, дополнително ја подгреваат тензичната атмосфера, зовриена по неодамнешното затворање на објектите на поштата на северот на Косово и укинувањето на српскиот динар. Информациите што доаѓаат од терен се дека на Косово во моментот има акумулиран револт, кој засега некако се држи под контрола, но доволна е само мала искра што ќе го потпали фитиљот и револтот ќе ескалира во нови насилства, кои лесно може да се прелеат и во соседна Црна Гора, како и во Македонија, а во тоа да биде вовлечена и Албанија како матична држава на сите Албанци што живеат во регионот.
Американците се свесни дека ако се распали каков било конфликт од етничка природа, тој може да доведе до несогледливи последици по целиот регион и на тој начин да се намали американското влијание така што во мировните процеси ќе се вклучат и други страни што ќе сакаат да го наметнат своето влијание на овие простори и ќе се наметнат како некаков нов фактор.
САД ја интензивираат комуникацијата со македонските власти
Затоа САД со исклучително голема посветеност им пристапуваат и на предупредувањата што пристигнуваат од македонските официјални власти за можна дестабилизација во Македонија наесен, а на таквото сценарио работат некои центри од странство, кои трошат милионски суми потфатот за креирање меѓуетничка дестабилизација на Македонија да се реализира во најкраток рок.
Неодамна македонскиот премиер Христијан Мицкоски, придружуван од министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, оствари средба со поранешниот директор за национално разузнавање на САД, Ричард Гренел.
– На средбата се дискутираше за актуелните случувања во регионот на Западен Балкан, при што беше истакнато значењето на одржување на мирот, безбедноста, стабилноста и продлабочување на односите и соработката меѓу државите во овој дел од Европа – се наведува, меѓу другото, во владиното соопштение по средбата.
Повеќе од извесно е дека Гренел како некогашен прв човек на американското разузнавање многу добро ги знае состојбите на Балканот и неговата посета во најголем дел е да ги сподели информациите со кои тој располага, за да се обезбеди координирано дејствување на македонските власти со американските партнери.
САД се во редовен контакт со владини официјални лица за прашања од меѓусебна загриженост, изјавија од Стејт департментот за Гласот на Америка на македонски на прашањата дали САД имаат информации за наводен ризик од дестабилизација во Македонија, како што предупреди премиерот Христијан Мицкоски, како и дали на оваа тема разговарале со македонската влада.
– Додека генерално не обезбедуваме соопштенија од дипломатски состаноци, ние сме во редовен контакт со владини функционери за широк спектар прашања од меѓусебна загриженост – одговорија од прес-службата на Стејт департментот.
Сето ова јасно говори дека и во Вашингтон постои сериозна загриженост за процесите што се случуваат во заднина во Западен Балкан, од кои добар дел се инспирирани од поединци што во намерата да избегнат кривичен прогон или да ги зачуваат нелегално стекнатите средства се подготвени да предизвикаат поширока дестабилизација и на тој начин да се спасат. Впрочем, тоа го наведе и ЦИА во својот годишен извештај, како потенцијален мотив за предизвикување безбедносни закани.
Аналитичари: САД нема да дозволат загрозување на американските геостратегиски интереси
Некои од познавачите на безбедносните состојби во регионот се согласуваат дека е забележлива зголемена активност на луѓе поврзани со разузнавањето, кои на терен работат да превенираат каква било појава на ново безбедносно жариште на Западен Балкан.
– САД успеаја да се наметнат како партнер кај сите земји од Западен Балкан и на тој начин да го истиснат влијанието што од трети страни тука беше помалку или повеќе присутно. Речиси сите земји, со исклучок на БиХ и Србија, се членки на НАТО. Косово, со сето она присуство на војници на Алијансата, де факто функционира како НАТО-членка. Во Албанија се гради најголемата НАТО-база, така што САД ставија свој печат во овој дел на Европа. Сега, по сѐ позачестените индиции дека некој сака да го дестабилизира регионот предизвикувајќи етнички конфликти, американските разузнавачки служби го засилија дејствувањето на терен за да превенираат каков било обид за дестабилизација на која било земја во регионот. Тие се свесни дека во време кога Украина е во офанзива на руска територија, кога следува период на претседателски избори во САД, некои сили ќе сакаат да го искористат тој период да направат дестабилизација. Во игра се многу валкани пари, кои ќе им бидат поделени на многу криминалци што по разни основи се ослободени или избегани од затворите, а кои ќе бидат ангажирани да предизвикаат инциденти. Американците ги имаат сите информации и затоа ги споделуваат со властите во сите земји од Западен Балкан, за да се спречи какво било несакано сценарио што е спротивно на нивните геостратегиски интереси – велат познавачите на безбедносните состојби. С.Т.