Фото: „Нова Македонија“

Додека јавноста нетрпеливо го очекува почетокот на обелоденувањето на нацрт-законот за правична застапеност, како и најавениот јавен претрес на споменатиот закон, добар знак од владината коалиција е градењето единствен став на идејата (која, пак, ја промовираше премиерот Кристијан Мицковски) за обезбедување мислење за тоа законско решение од страна на Венецијанската комисија

Балансерот и по него: При крај е подготовката на законот за правична застапеност

Коалицијата Влен, според нивните јавни изјави (конкретно на Арбен Таравари како министер и Изет Меџити како прв заменик на премиерот), објави дека веќе е готов документот на нацрт-законот за правична застапеност, кој неделава требаше да биде даден на јавна расправа.
Додека јавноста нетрпеливо ги очекува почетокот на обелоденувањето и најавениот јавен претрес на споменатиот нов закон, добар знак од владината коалиција е градењето единствен став на идејата (која, пак, ја промовираше премиерот Кристијан Мицковски) за обезбедување мислење за тоа законско решение од страна на Венецијанската комисија

Каков документ подготвува работната група на Влен?

Документот засега им е достапен само на ограничен круг поединци и институции. Меѓутоа, поради сензитивноста на моментумот, како и на содржината на нацрт-законот за правична застапеност, со право во јавноста се поставува прашањето каков документ и што се подготвува во кујната на Влен, која сепак е член на владејачката собраниска и владина коалиција. За издвојување е дека Владата, според нејзините соопштенија за јавност, сѐ уште немала никаков официјален увид во неговата подготовка, односно конкретни содржини.
Нашите соговорници, гласно размислувајќи за содржините на новиот нацрт-закон, сепак, издвојуваат и предизвици што се однесуваат и на „процедурата на донесување“, која, според нив, е исто така битна. Тие, отворајќи полемика за временската рамка или некакви рокови за донесување на законот, ги поставуваат прашањата за тоа „кога ќе се отвори јавната расправа“ или пак „како ќе се имплементираат евентуалните конструктивни забелешки од експертската јавност“? Потоа, тие се прашуваат и „дали ќе се почека забелешките од јавноста да бидат стипулирани во нацрт-законот, а потоа испратени до Венецијанската комисија за оценка“ итн.
Во секој случај, според соговорниците со кои се консултиравме, „не треба да се најдеме во временски теснец и да се одолжи сета оваа работа со донесувањето на законот, затоа што токму односот кон овој предизвик ќе покаже колку нашата државна администрација, поточно државната управа се преобразила во поефикасен систем во функција на своите граѓани“.
Имено, „мултидисциплинарниот приод на работа на повеќе полиња“, во случајот со ова законско решение, како што велат соговорниците, „бара од ангажираните на ова прашање многу повисоко ниво на ангажман, координација, знаење и политички и правни вештини“.
Затоа, мобилизацијата на сите мислечки и творечки потенцијали во државава (експерти, професори, медиуми, најширока јавност…) би било добар предуслов за овој силен предизвик, откога се укина т.н. балансерот, да биде педантно завршен во рамките на Уставот и законите, за да нема потреба, како многупати досега, да се активираат и ангажираат механизмите на Уставниот суд. Р.Н.М.


Некои карактеристики на Венецијанската комисија

Венецијанска комисија всушност преставува „млада“ институција на меѓународно ниво, но во подем поради досегашната објективност и стекнатиот епитет за „релијабилност на институцијата“. Нејзе сѐ повеќе ѝ се доверува верификацијата на сите нови (сензитивни) закони во сите држави од Источна и Централна Европа. Сепак, за издвојување е дека оценките на Венецијанската комисија се советодавни, а не обврзувачки.
Таа е формирана во 1990 година, вистинското име ѝ е Европска комисија за демократија преку право, а нејзин делокруг на работа се законодавствата на државите од Средна и Источна Европа или кои произлегле од распадот на некогашниот социјалистички блок и Југославија, како Чешка, Словачка, Босна и Херцеговина, Украина, Романија, Летонија, Естонија, меѓу кои и Македонија.
Член на Венецијанската комисија од Македонија е Рената Дескоска, поранешна министерка за правда и за образование во владите на Зоран Заев. Р.Н.М.