Споменикот на Кирил и Методиј во центарот на Скопје / Фото: „Нова Македонија“

Методиј Солунски напишал еден оригинален правен состав „Закон за судење на луѓето“ на македонски дијалект, кој се смета за прво книжевно творештво на словенски јазик, но напишано со грчки букви. Од овие краишта потекнуваат и идејата и првата потреба за составување автентично словенско писмо

Да не го заборавиме делото на Свети Методиј Солунски

На 6 април 885 година, во Моравија, се упокои Свети Методиј Солунски, постариот брат на Свети Кирил (Константин Филозоф). Во житијата може да се прочита дека народот му одел на последно простување, му го оддавал заслуженото признание, „зошто им беше cе на сите, за да ги придобие сите“. Со тоа се искажувала благодарност за неговата повеќедецениска мисионерска дејност за просветлување на народот и воведување на словенското писмо и јазик во црковната литургија. Оваа негова посветеност, како и посветеноста на Свети Кирил, кон словенското дело има огромно значење за понатамошниот културен развој на сите словенски народи. Благодарение на неговата активност беа поставени основите на словенската култура, просвета, писменост и книжевност. Во Македонија низ вековите постојано се величеше споменот кон Свети Методиј и неговиот помал брат Свети Кирил. Двајцата солунски браќа беа тежиштето на македонската преродба од 19 век, тогаш беше изразен жив интерес за нивното дело, нешто што продолжува и денес. Македонските преродбеници и други дејци организираа прослави, ги празнуваа нивните јубилеи и денови, именуваа нови училишта и цркви според нив. Припадниците на македонскиот народ отсекогаш со особен пиетет и почит се однесувале кон ликот и делото на Свети Методиј и неговиот брат Свети Кирил.

Што вели Житието на Светите Методиј и Кирил Солунски?

Потекнувал од благородничко семејство и ваквото потекло му било наследено од двајцата родители. Татко му Лав бил солунскиот друнгариј (помошник на солунскиот градоначалник), а неговата мајка Марија исто така била од угледна аристократска фамилија. Лав бил благоверен и праведен, ги одржувал сите божји заповеди, чист од секоја злоба како некогаш праведниот Јов. Живеел со својата сопруга, им се родиле седум деца, од кои најстариот бил Методиј, а најмладиот, седмиот, Кирил. Не е познато кога точно е роден и дали Методиј му е крстено име или тоа име го добил при замонашувањето. Се верува дека е роден некаде помеѓу 815 и 820 година.
Свети Методиј се истакнувал со високоморален живот, светол ум, бил вешт и храбар и покажувал посебни способности во борбените вештини. Поради тоа уште од млади години бил ангажиран од византискиот двор, воено и административно да управува со архонтија (кнежевство) во својство на архонт. Таа должност ја вршел десет години, помеѓу 845 и 855 година. Во службата бил справедлив и коректен. Не го угнетувал народот, туку заштитнички се однесувал кон него. Често им зборувал и ги поучувал на морален живот и тие го сакале и со пријатност го слушале. Неговото кнежевство се нарекувало Словенско Кнежевство и се протегало северно од Солун до теченијата на реките Струма и Брегалница (Струмичко-Брегалничкиот Регион).
Со неговата дејност во овој крај од Македонија се поврзува и Брегалничката мисија, во што му помага и неговиот помлад брат Свети Кирил. Тоа е нивната прва христијанска мисија извршена по течението на реките Бела, денес Водочница и Брегалница, во која биле покрстени 54.000 луѓе. Имајќи предвид дека христијанство во тие краишта било веќе добро утврдено и веќе функционирале Тивериполската и Баргалската епископија, тогаш би заклучиле дека тие дополнително ја зацврстиле позицијата на христијанската црква во тие краишта.
Тука Методиј напишал еден оригинален правен состав „Закон за судење на луѓето“ на дијалектот на македонски народ од тој крај, кој се смета за прво книжевно творештво на словенски јазик, но напишано со грчки букви. Од овие краишта потекнуваат и идејата и првата потребата за составување автентично словенско писмо.
Во 856 година, време на политичките и црковни превирања во кои е убиен логотетот Теоктист, близок пријател и покровител на семејството на светите браќа, Методиевото словенско кнежевство доживува политичкиот и воен крах, а се смета дека и лично Методиј доживува семејна трагедија. Сето тоа го натерало да го намрази светот и да ја напушти световната кариера, замонашувајќи се во манастирот, каде што се предал во целосно исполнување на сето монашко правило.
Бил молчалив, смирен, тивок, послушен кон сите и смерен во постот, бдението и непрестајната молитва. Покрај тоа, се занимавал и со книги и изучување на светите отци. Се претпоставува дека тука го добил и името Методиј.

Почитување на ликот и делото на Свети Методиј

Македонските преродбенички писатели со особен пиетет и почит се однесуваа кон личностите на Кирил и Методиј и нивното големо дело. Христифор Жефаровиќ во 1741 година прв го претстави ликот на Методиј. Јордан Хаџи Константинов-Џинот и Динката во своите написи говореа за солунските браќа. Партениј Зографски ги преведе нивните житија. Константин Миладинов ги именува како „просветители наши Кирил и Методиј“.
Во 1860 година во Охрид работеше тајно училиште посветено на Кирил и Методиј. Во еден запис од 1865 година еден свештеник од Крива Паланка пишува за „нашите словенски учители и просветители Кирил и Методиј“. Особено голема дејност во развивањето на кирилометодиевската традиција презеде Рајко Жинзифов, кој во руските списанија од 1863 година наваму печатеше статии посветени на Кирил и Методиј. Toj истакнува дека тие се родиле во „славјанска Македонија“, а нивното дело го празнувале сите словенски народи, особено во време на илјадагодишнината од Моравската мисија. Во своите песни тој го зема мотивот за солунските браќа. Големо внимание и почит кон Кирил и Методиј изразувале и Ѓорѓи Пулевски, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков и други македонски дејци.
Особено од значење биле подготовките за празнувањата и самите празнувања на илјадагодишнината од смртта на Методиј во 1885 година. Забележителни, по тој повод, се истапувањата со свои говори и беседи на Трајко Китанчев и Григор Прличев. Трајко Китанчев, кому добро му била позната дејноста на Кирил и Методиј, говорел, како што посочува Ѓорче Петров, на македонски народен јазик.
Знаменито е и словото на Григор Прличев, кој со почит и возбуда говорел за солунските браќа. Својата беседа за Кирил и Методиј ја исполнил со една носталгична импресија за „мајка Македонија“, која била „многу ослабната“, изразувајќи, во исто време, верба во нејзината иднина. Големи биле и другите празнувања во 1885 година, тогаш истакнатиот деец Исаија Радев Мажовски патувал во Петроград на овие празнувања, од името на словенска Македонија.
Ѓорче Петров вели дека во време на планирањето на Илинденското востанието во 1903 година имало предлог тоа да се подигне на денот на Кирил и Методиј. Во развивањето на кирилометодиевската традиција и култот кон личностите на Кирил и Методиј исто така особено е значаен и придонесот на Македонското научно литературно другарство во Петроград, кое за свои патрони ги зема Кирил и Методиј и во времето од 1903 до 1914 година го афирмира нивното дело. Во таа дејност особено активни биле Крсте Мисирков и Димитрија Чуповски.
Македонската прогресивна генерација од периодот помеѓу двете војни со особена почит се однесува кон ликовите и делото на Кирил и Методиј. Во 1940 година, во Македонскиот литературен кружок во Софија, Никола Јонков Вапцаров говорел за Кирил и Методиј и за нивното големо дело. Д.Ст.