Општина Кисела Вода се приклучува на европски проект

Кисела Вода

Во чест на Меѓународниот ден на жената, 8 Март, Општина Кисела Вода објави дека ќе биде дел од европскиот проект „Заедно за зелен раст“ (Together for Green Growing – Together4GG), поддржан од програмата „ЕИТ фуд АМПЛЕ 2025“ (EIT Food AMPLE Program 2025). Кисела Вода им се приклучува на Варшава и на Мадрид како единствени градови во кои ќе се спроведува овој значаен проект, што ја потврдува посветеноста на општината кон економскиот напредок на жените и создавањето нови можности за нив.
Проектот „Заедно за зелен раст“ е создаден за да ги поддржи жените во прехранбениот сектор и да ги поттикне на економска независност преку иновации и модерни бизнис-решенија. Целта е да се понудат обуки за претприемаштво, финансиска писменост, дигитален маркетинг и развој на бизнис, со што ќе се зајакне нивната позиција во локалната економија.
Покрај средствата обезбедени од проектот „Заедно за зелен раст“, во висина од 50.000 евра, Општина Кисела Вода самостојно обезбедува три милиони денари сопствени средства за успешна имплементација и спроведување на проектните активности.
Проектот ќе започне во април 2025 година, со регрутација на учесничките, а ќе трае до октомври 2025 година. Оваа иницијатива не само што ќе создаде нови бизниси туку и ќе ги промовира еколошките и одржливи решенија во локалната економија, додека истовремено ќе обезбеди платформа за формирање совет за женско претприемаштво како поддршка за сите учеснички.

– Кисела Вода е општина што се залага за економска рамноправност и еднакви можности за жените. Со овој проект нудиме платформа преку која жените ќе можат да започнат свои бизниси, да креираме вистински услови за успех на локалната економија, да поддржиме иновации и да стимулираме лидерство кај жените. Токму затоа, покрај средствата од проектот, во висина од 50.000 евра, ние како локална самоуправа вложуваме дополнителни три милиони денари, за успешно да ја имплементираме оваа важна иницијатива. Посветени сме на создавање нови можности за економски развој и подобрување на животот на нашите жени.
Нашата цел е да креираме вистински услови за успех на локалната економија, да поддржиме иновации и да стимулираме лидерство кај жените. Благодарни сме за добиената доверба, како и на програмата „ЕИТ фуд АМПЛЕ 2025“ и партнерите „Вита нова“ и „Нутри баланс“, кои ќе го реализираат проектот со нас, обезбедувајќи стручна и логистичка поддршка, како и обуки за здрава исхрана и одржливи прехранбени практики. Симболиката на овој проект, кој се објавува токму на 8 Март, е јасна порака за значењето на жените во економијата. Ова е можност за жените во нашата општина да добијат поддршка за свој бизнис во прехранбениот сектор и наедно да бидат пример за идните генерации. Заедно да креираме подобра иднина за жените и локалната економија – изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.