Одржан редовниот брифинг на премиерот со амбасадорите на ЕУ
Премиерот Димитар Ковачевски, денеска го одржа редовниот брифинг со амбасадорите на земјите членки на ЕУ, на кој присуствуваше и заменик-шефот на Мисијата на ЕУ во нашата земја, Јулијан Васало. На состанокот, Ковачевски се осврна на најважните прашања од евроинтеграцискиот процес на Македонија, во контекст на актуелната безбедносна криза со војната во Украина.
– Поминуваме низ драматични времиња поради трагичната ситуација во Украина и бруталната агресија на Русија против друга европска држава која предизвика огромен број мртви, беда и болка кај нејзините граѓани. Нашите мисли денес се со нашите украински пријатели кои го заслужуваат нашето најголемо внимание, поддршка и ангажман – рече Ковачевски.
Она што Унијата го демонстрира, беше заеднички заклучено е единство во вредностите, единство во целта и единство во акција.
Македонија е на иста линија на надворешна политика со ЕУ, посебно во делот на санкции но и учество во хуманитарната помош. Македонија, како кредибилна земја-кандидат, се приклучи и ја сподели и својата одговорност со тоа што 100% се усогласи со политиките на ЕУ како одговор на руската воена агресија.
За Македонија, задоцнетиот процес на интеграција во ЕУ е извор на системска ранливост, чиишто ефекти се прелеваат на целиот регион, а злонамерните актери лесно и вешто го искористуваат. Во време кога меѓународниот поредок заснован на правила е разнишан, двоумењето на ЕУ кон оние кои вложуваат огромна општествена енергија за да се придружат до европските правила, стандарди и вредности е нешто што ние заедно не можеме да си го дозволиме. Затоа е императив да се одржат првите меѓувладини конференции и да се отпочнат пристапните преговори и со Македонија и со Албанија сега, за време на француското претседателство со ЕУ.
– Ако ништо не се случи до јуни ќе страда самиот политички моментум. Многупати во меѓусебните разговори со европските колеги го слушам аргументот за влијанието на изборните циклуси. Политичката поддршка, како и насекаде, се важни за вас, како и за нас. Тогаш зошто да се ризикува да се изгуби посветен партнер подготвен да ја направи вистинската работа? Каква порака би испратило тоа до останатите земји и народите од Западен Балкан? Она што ќе следи ќе биде посветеноста на една мала мултиетничка земја, на средината на Балканот да се натпреварува рамноправно во полето за игра и да докаже дека вреди да се приклучи на семејството на Европската унија врз основа на сопствените дела. Малку е потребно за да се шутне топката во вистинската насока и да се постигне заедничка победа и за Северна Македонија и за Западен Балкан и за Бугарија и ЕУ во целина. Ова се многу непредвидливи времиња и сите ние ја носиме одговорноста брзо да го завршиме договорот и да дозволиме нормалност во процесот на интеграција во ЕУ – додаде премиерот Ковачевски.