Најновите пораки несомнено испраќаат јасен сигнал од страна на Брисел дека билатералните прашања ќе мора да се тргнат од маса доколку ЕУ има намера да им го задржи интересот на земјите кандидати за членство по големиот број разочарувања, но, од друга страна, тоа значи дека и земјите кандидати ќе мора сериозно да се посветат на реформите и на воспоставувањето владеење на правото на највисок степен. Тоа, од друга страна, ќе придонесе и за менување на перцепцијата кај одредени земји членки што отворено се противат на нови проширувања со образложение дека земјите од Западен Балкан не се подготвени
Унгарското претседателство со ЕУ иницира нов импулс во процесот на проширувањето
Долго замрзнатиот процес на проширување на Европската Унија целосно го намали ентузијазмот за реформи кај земјите кандидати, кои се свесни дека без оглед на реформските процеси и жртвите што ќе ги направат, Унијата повторно ќе излезе со наметнување билатерални прашања како услов за продолжување на евроинтеграциите. Таквиот пристап сериозно влијаеше врз растот на евроскептицизмот во Македонија, но и во другите земји кандидати, особено по одлуката на Унијата прекутрупа да отвори пристапни преговори со Украина и Молдавија, занемарувајќи ги целосно земјите од Западен Балкан, кои со години чмаат во европската чекалница без да направат ниту еден сериозен чекор. Свесно дека ваквата неизвесна ситуација со проширувањето со земјите од Западен Балкан е неодржлива на долг рок, унгарското претседателство со Унијата има намера да иницира нов импулс за интеграцијата на Западен Балкан, зацртувајќи си го тоа како една од главните цели како претседавач со Европската Унија.
Во таков контекст може да се набљудува и посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Македонија, со што сака да испрати јасна и недвосмислена порака дека Унгарија и по завршувањето на претседателствувањето со ЕУ ќе инсистира на продолжување на процесот на проширување со Македонија и другите земји од Западен Балкан. Потврда дека работите се придвижуваат во таа насока е и завчерашното одржувањето на Советот за општи работи на Европската Унија, каде што за првпат учествуваа и министри од земјите кандидати, Македонија, Србија, Црна Гора и Албанија. На состанокот се разгледувале извештаите на членките, но и на кандидатките од Западен Балкан за механизмот за владеење на правото. Дискусијата се фокусирала генерално на трендовите за владеење на правото и без донесување формални заклучоци.
За четирите земји кандидати како најнапредни во делот на владеењето на правото, еврокомесарот за правда Дидер Рејндерс рече дека секоја од нив е јасно посветена да преземе мерки да го зајакне владеењето на правото, а Унијата ќе ги поддржи во нивните реформи.
– Пристапниот процес е и ќе остане процес целосно заснован врз заслуги, во кој секоја земја кандидат ќе биде оценувана според нејзиниот прогрес кон исполнување на сите критериуми. Владеењето на правото и фундаменталните вредности се камен-темелникот на овој процес – изјави Рејндерс.
Ваквите пораки несомнено испраќаат јасен сигнал од страна на Брисел дека билатералните прашања ќе мора да се тргнат од маса доколку ЕУ има намера да им го задржи интересот на земјите кандидати за членство по големиот број разочарувања, но, од друга страна, тоа значи дека и земјите кандидати ќе мора сериозно да се посветат на реформите и на воспоставувањето владеење на правото на највисок степен. Тоа, од друга страна, ќе придонесе и за менување на перцепцијата кај одредени земји членки што отворено се противат на нови проширувања со образложение дека земјите од Западен Балкан не се подготвени.
Тргањето настрана на билатералните прашања целосно оди во прилог на македонските евроинтеграции, кои повеќе од 20 години се блокирани исклучиво поради билатерални закачки што немаат никаква врска со исполнување на Копенхашките критериуми, туку се работи исклучиво за задоволување нечии интереси. Во тој контекст, инсистирањето на официјална Софија за впишување на македонските граѓани со бугарска самосвест во Уставот мора да се третира како билатерално прашање за кое треба да разговараат Софија и Скопје, а евроинтеграциите да напредуваат според исполнувањето на другите европски критериуми. По последните потези од Брисел и новиот импулс што го иницира унгарското претседателство, сега се отвора реална можност земјите кандидати да почнат полека да напредуваат во евроинтеграциите врз процесот на сопствени заслуги, со што и процесот на проширување повторно ќе добие на динамика бидејќи секоја земја ќе сака што поскоро да ги спроведе предвидените реформи ако има јасна временска рамка за членство и ако не е обременета со дополнителни билатерални услови.
Искусниот дипломатот Драган Јањатов смета дека по подолго време има некои позитивни сигнали од Брисел.
– Мојот впечаток е дека ЕУ подготвува некакви чекори во насока на забрзување на процесот на проширување така што ќе се остават настрана билатералните прашања. Тие не кажуваат што точно би правеле, но дефинитивно има некакво придвижување – вели Јањатов.
Според него, тргањето настрана на билатералните прашања ќе се случи така што ќе се промени начинот на одлучување во ЕУ.
– Мојата интуиција ми вели дека консензуалното гласање ќе го избришат и на тој начин ќе можат земјите кандидати да се оценуваат според нивните заслуги наместо да бидат блокирани од земји членки поради некои билатерални прашања. Секако има придвижување и да се надеваме дека одлучувањето ќе оди со мнозинство и дека ќе почнеме да ги отвораме поглавјата – заклучува Јањатов.
Грција повторно се промовира во лидер на проширувањето
Анахроните политики ја изземаат Бугарија од регионалните интегративни процеси
Грција отсекогаш ја поддржувала и била една од пионерските земји што го ставила на дневен ред како приоритет прашањето за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, истакна грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис по средбата со групата „Пријатели на Западен Балкан“ и со министрите за надворешни работи од регионот.
– Ние продолжуваме да ја поддржуваме европската перспектива. Се обидуваме да најдеме начини за да има динамика за проширување – изјави Герапетритис пред грчките медиуми.
Според него, проширувањето е од особена важност бидејќи Европа се наоѓа на раскрсница со огромни предизвици во однос на одбраната, развојот и конкурентската позиција на ЕУ во светот.
– Грција ќе остане пионер во напорите за проширување на ЕУ. Ние сме силниот пол на стабилност на Балканот и источниот Медитеран. Ние ќе продолжиме да го правиме тоа. Меѓународното право останува наш компас и секогаш ќе го нагласуваме – порача шефот на грчката дипломатија.
И додека Грција јасно и недвосмислено ја истакнува лидерската улога што сака да ја има во процесот на проширувањето во регионот, Бугарија ја загуби позицијата што ја имаше некаде во 2018 година, кога како претседавач со ЕУ на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија се промовираше како лидер што ќе ја предводи европската интеграција на Западен Балкан.
Но горливото прашање за Македонија и романтичните соништа од 19 век беа посилни од европската перспектива за обединет и интегриран Западен Балкан во ЕУ, па Софија наместо да биде регионален лидер, се претвори во глобален кочничар на процесот на проширување. Со таквиот настап Бугарија свесно ѝ ја препушти лидерската улога на Грција, но што е уште пострашно, наметна политика на уцени кон земјите кандидати, кои доколку сакаат да продолжат по патот на евроинтеграциите, ќе мора да ги исполнат бугарските услови. Македонија е блокирана поради идентитетски и историски прашања, Србија поради положбата на бугарското малцинство на југот на земјата, а Албанија е под константен притисок на Софија да не се меша во операцијата за асимилирање на македонското малцинство во оваа земја. Со таквите потези повеќе од извесно е дека официјална Софија ја напушти позицијата на поддржувач на проширувањето, останувајќи настрана од процесите што ги води Атина прогласувајќи се себеси за единствен поддржувач на процесот на проширувањето на Западен Балкан и клучен медијатор во сите процеси. С.Т.