Фото: ЕПА

САД, НАТО и целиот свет на штрек: Стравување од ескалација на војната во Украина

  • Претседателот на Постојаната комисија за разузнавање на Претставничкиот дом на САД, Мајк Тарнер, испрати писмо до американскиот претседател Џо Бајден и изјави дека на ваквите случувања треба да се гледа како на „црвена линија“ за САД. Вашингтон одговори дека во овој случај севернокорејските војници на бојното поле претставуваат легитимна цел, како што посочи и американскиот државен секретар Ентони Блинкен. Генералниот секретар на НАТО, Руте, пак, истакна дека појавата на Севернокорејците на страната на Русија претставува „опасно проширување“ на војната во Украина
  • Западните лидери веќе сфатија каква е фактичката состојба на теренот во Украина со присуството на севернокорејските војници. Нуклеарната сила С. Кореја веќе има „активна странска легитимација“ како завојувана страна, коментираат експертите со кои се направени консултации, со свои обврски и барања во војната што продолжува на наредно и повисоко ниво

Потврденото присуство на севернокорејски војници на страната на Русија го стави Западот на штрек, притоа зголемувајќи ги стравувањата од понатамошна ескалација на конфликтот во Украина, што се забележува и преку заострената реторика од САД и од нивните сојузници од НАТО. Вклучувањето на Северна Кореја во руско-украинскиот конфликт, што се смета за „прашање на денови“, ќе има особена тежина бидејќи би претставувало официјално здружување меѓу две нуклеарни сили.
Рускиот парламент минатата недела го ратификуваше договорот за „сеопфатно стратегиско партнерство“ со Северна Кореја, кој предвидува заемна воена помош. Рускиот државен врв на прес-конференција, за време на самитот на БРИКС во Казањ, ја коментираше спогодбата Русија – Северна Кореја, потпишана во Пјонгјанг во јуни. Севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун сериозно го сфати договорот, при што, со доаѓањето на севернокорејските воени трупи во Украина, С. Кореја веќе има „активна странска легитимација“ како завојувана страна, коментираат експертите со кои се направени консултации.
Во меѓувреме, министерот за надворешни работи на Северна Кореја, Чое Сун Хуи, беше во Москва за да потврди и натамошна посветеност на Пјонгјанг на стратегиското партнерство потпишано со Москва, со други форми и облици, во рамките на меѓународното воено право.

Западот во забрзани подготовки, но во која насока?

Најново е дека Пјогјанг се обврза да испрати помош до Москва во случај на напад на еден од руските региони. На пример, до Курск, каде што украинските сили се обидуваат да ја задржат територијата што ја освоија за време на нивниот ненадеен упад во август. Министерот за одбрана на САД, Лојд Остин, тврди дека околу 8.000 севернокорејски борци веќе преминале во западната руска провинција. Според Пентагон, над 10.000 севернокорејски војници се вклучени во војната во Украина, додека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, објави информација од разузнавачките агенции на Алијансата дека воени единици на Северна Кореја се наоѓаат непосредно до регионите на воените операции меѓу Украина и Русија.
Од друга страна, западните лидери веќе сфатија каква е фактичката состојба на теренот во Украина со присуството на севернокорејските војници. Нуклеарната сила С. Кореја веќе има „активна странска легитимација“ како завојувана страна, коментираат експертите со кои се направени консултации, со свои обврски и барања во војната што продолжува на наредно и повисоко и пожестоко ниво. Претседателот на Постојаната комисија за разузнавање на Претставничкиот дом на САД, Мајк Тарнер, испрати писмо до американскиот претседател Џо Бајден и изјави дека на ваквите случувања треба да се гледа како на „црвена линија“ за САД. САД очекуваат севернокорејските трупи да се вклучат во борбата против Украина во наредните денови, во руската област Курск, изјави во четвртокот американскиот државен секретар Антони Блинкен, нагласувајќи дека во тој случај севернокорејските војници на бојното поле би претставувале легитимна цел. Тој имаше обраќање откако Северна Кореја го изврши својот најдолг тест на интерконтинентална балистичка ракета, а Јужна Кореја предупреди дека Пјонгјанг може да добие ракетна технологија од Русија во замена за помошта во војната во Украина. Генералниот секретар на НАТО, Руте, пак, истакна дека појавата на Севернокорејците на страната на Русија претставува „опасно проширување“ на војната во Украина.

Вклучувањето на Северна Кореја на страната на Русија наметнува сериозни прашања: Каде е ООН?

Во еден ваков тек на настаните, сега се поставуваат прашањата дали Пјонгјанг веќе влезе официјално во воениот конфликт како завојувана страна? За ова прашање сите светски релевантни институции молчат, плашејќи се гласно да го чујат својот потврден одговор.
Значи, дали и Северна Кореја станува легитимна воена цел за Украина и за западните сојузници? И обратно?!
Дали НАТО децидно ќе стави точка на амбициите на Киев да ѝ се приклучи на Алијансата?! Според соговорниците, од сега па натаму, шансите за кооптирање на Украина во НАТО се еднакви на нула, затоа што во една таква претпоставена констелација на односи, членот 5 од Статутот на НАТО е „портал кон тотална глобална војна“!
Натаму, дали, кога ќе дојде време за мировни преговори, на преговарачката маса ќе има и претставници на Пјонгјанг што ќе испорачаат свои барања, заедно со Москва? Затоа што, според експертите, „доколку С. Кореја е активно завојувана страна“, при каков било исход на теренот, кога ќе дојдат мировните преговори, С. Кореја би имала и свои обврски и свои барања, што мировниот договор ќе ги налага. А, сепак, амбициите на Пјонгјанг, на Далечниот Исток, но и глобално, не се за занемарување.
Од друга страна, западните аналитичари, сепак, малку и го релативизираат проблемот, тврдејќи дека севернокорејските војници, поради нивниот број, засега се помалку важни од огромните резерви на муниција на Северна Кореја. Според јужнокорејските и украинските разузнавачи, Пјонгјанг ѝ испратил на Москва околу девет милиони артилериски гранати, што претставува приближно половина од сите истрелани од Русија годинава.
САД, Велика Британија, Јужна Кореја и Украина се меѓу државите што ја обвинуваат Русија за кршење на резолуциите на Обединетите нации и на основачката Повелба на ОН со распоредувањето војници од Северна Кореја, која долго време е под санкции на ОН, чија цел е запирање на развојот на нуклеарно оружје и на балистички ракети од страна на Пјонгјанг.
Рускиот амбасадор при ОН, Василиј Небензја, рече дека воената интеракција на Русија со Северна Кореја не го прекршува меѓународното право.
– Дури и ако е точно сѐ што се зборува за соработката меѓу Русија и Северна Кореја од нашите западни колеги, зошто САД и сојузниците се обидуваат на сите да им ја наметнат погрешната логика дека тие имаат право да му помогнат на режимот на Володимир Зеленски, а дека руските сојузници немаат право да прават нешто слично – порача Небензја.
Северна Кореја досега не го призна распоредувањето војници во Русија, но соопшти дека секој таков потег ќе биде во согласност со меѓународното право. Р.С.


Киев бара дозвола да ги ракетира севернокорејските трупи, западните сојузници се двоумат

Украинските сојузници треба да дозволат Киев да ги нападне севернокорејските војници во Русија, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека неколку илјади севернокорејски борци се подготвуваат да влезат во борбата на линијата на фронтот во украинско-рускиот оружен конфликт. Зеленски уште еднаш ги повика западните земји да ја укинат забраната за ракетни напади со долг дострел на руска територија, во овој случај за превентивни напади на кампови каде што се стационирани странски војници.
– Наместо таквата неопходна дозвола за користење оружје со долг дострел, Америка се двоуми, Британија се двоуми, Германија се двоуми – се пожали украинскиот лидер во објава на Телеграм и додаде „сите само чекаат севернокорејската армија да почне да ги напаѓа Украинците“.
Американските власти продолжуваат да ги отфрлаат барањата на Украина за гаѓање цели во Русија со нивното оружје, и покрај извештаите дека ќе следува неизбежно распоредување севернокорејски трупи во Украина, што го очекуваат во наредните денови, според американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
Врховниот воен командант на украинската армија, Олександр Сирски, пак, посочи дека украинските трупи моментно се соочени со една од најмоќните офанзиви на Русија од почетокот на војната пред речиси три години.