Фото: ЕПА

„Бугарскиот договор“ нема врска со добрососедството, туку е кршење на резолуциите на ООН за вистинското добрососедство. Вистинското добрососедство е разработено во серија резолуции на Организацијата на Обединетите нации, но и во документи на европското право. „Бугарскиот договор“ крши еден од најважните елементи на принципот на добрососедството – принципот на недопустливоста на хегемонизмот, кој е многу прецизно наведен во Резолуцијата за недопустливост на политиката на хегемонизам во меѓународните односи (Resolution on inadmissibility of the policy of hegemonism in international relations – UN General Assembly (34th sess.: 1979-1980), 14 December 1979)

Воскреснувањето на јус когенс: Време за оживување на една замрена резолуција на Генералното собрание на ООН

Завчера Марта Кос, еврокомесарката за проширување, најотворено изјави: „Никој не може да ѝ гарантира на Македонија дека и по промената на Уставот нема да има нови услови за членство во Европската Унија“. Кос уште напомена дека треба „добра волја и со визија да се дојде до компромис“. Но, мисли ли Кос дека треба Македонците со „добра волја“ да рипнат во бездната, создадена со „Бугарскиот договор“, да имаат „визија да се дојде до компромис“ за бугаризацијата не само на македонската нација туку и на сѐ што носи предзнак македонско?
Овие бугарски и европски наредби, заповеди, ултиматуми и уцени немаат никаква врска со вистинското добрососедство. „Бугарскиот договор“, Бугарија, која се бори да го оствари против Македонија, Европската Унија, која го застапува тој договор и ја поддржува Бугарија на овој план, сите тие се во директен судир со меѓународното право и еден од неговите најважни принципи – принципот на вистинското добрососедство меѓу државите и народите. Вистинското добрососедство е разработено во серија резолуции на Организацијата на Обединетите нации, но и во документи на европското право. „Бугарскиот договор“ крши еден од најважните елементи на принципот на добрососедството – принципот на недопустливоста на хегемонизмот, кој е многу прецизно наведен во Резолуцијата за недопустливост на политиката на хегемонизам во меѓународните односи (Resolution on inadmissibility of the policy of hegemonism in international relations – UN General Assembly (34th sess.: 1979-1980), 14 December 1979).
За да имаат предвид официјална Софија, Европската Унија и сите оние што ѝ наредуваат на Македонија беспоговорно и целосно исполнување на „француската рамка“ заедно со сите нејзини анекси и протоколи, како што бара бугарскиот министер Георгиев, „Нова Македонија“ посочува на најважните делови на оваа резолуција на Генералното собрание на ООН, со која ѝ е забрането, недопуштено на Бугарија да ја спроведува политиката на политички, културен, историски и идентитетски хегемонизам кон Македонија и македонскиот народ, која се спроведува со таканаречениот „добрососедски договор“.
Важно е да се посочи дека со оваа резолуција на ООН се забранува и нарушувањето на правото на самоопределувањето на народите, кое, исто така, му се попречува на македонскиот народ со „Бугарскиот договор“.

Бугарија и ЕУ го кршат и членот 8 од Договорот од Мастрихт, во име на некакво „добрососедство“

Консолидираната верзија на Договорот на Европската Унија од 3 јануари 2020 година го содржи членот 8, со кој се чини напор поблиску да се дефинира принципот на добрососедството во европскиот контекст и со него се истакнува: Европската Унија ќе развие посебен однос со соседните земји, со цел да се воспостави област на просперитет и добрососедство, заснована на вредностите на Унијата и карактеризирана со блиски и мирни односи засновани на соработка“. Дали „Бугарскиот договор“ развива „просперитет и добрососедство, со блиски и мирни односи засновани на соработка“, или всушност развива „добрососедски“ конфронтации и турбулентни наместо мирни и блиски односи? „Бугарскиот договор“ најдиректно го крши членот 8 од Договорот на Европската Унија од 1992 година, инаку познат како Договорот од Мастрихт.
Во својата докторска дисертација со наслов „Принципот на добрососедство во правото на ЕУ“, одбранета во универзитетот „Гронинген“ во Холандија во 2014 година, д-р Елена Башеска, еден од најпознатите европски експерти за оваа проблематика, има констатирано: „Спроведувањето на принципот на добрососедство во согласност со меѓународното право почива на еднаков третман на државите пред законот. ЕУ не успеа доследно да го примени принципот на добрососедство во своите надворешни односи. ЕУ не успеа да го протолкува и примени принципот на добрососедство доследно и во својата правна рамка во процесот на проширување. Љубовта меѓу соседите може да биде преценета, но соседите се тука да останат – палењето на нивната куќа ја става на коцка вашата сопствена безбедност“.
Што ли би констатирала Башеска денес за начинот на „добрососедството“ вграден во „Бугарскиот договор“? Дали би имала многу аргументи да ја доразвие својата констатација дека, парафразирано, „добрососедството на Бугарија“ не смее да се претставува „палење на македонската куќа“, бидејќи тоа претставува и „палење во центарот, во внатрешноста на регионот“, со последици за кои барем историјата многу добро се сеќава. А таа треба да се чита. А не да се ретушира.


„Нова Македонија“ потсетува на дел од клучните одредби на Резолуцијата за недопустливост на политиката на хегемонизам во меѓународните односи на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации, која е од најнепосредно значење и за регулирањето на вистинските односи на добрососедство меѓу Македонија и Бугарија – нешто што не постои во вистинската смисла на зборот токму поради „Бугарскиот договор“, со кој се крши таа важна резолуција на ООН

Резолуција за недопустливост на политиката на хегемонизам во
меѓународните односи (Resolution on inadmissibility of the policy of hegemonism in international relations – UN General Assembly (34th sess.: 1979-1980), 14 December 1979).

„Генералното собрание, потсетува на должноста на државите да се воздржат во нивните меѓународни односи од воена, политичка, економска или која било друга форма на принуда насочена против суверенитетот, политичката независност или територијалниот интегритет на која било држава, истакнувајќи дека хегемонијата е манифестација на политиката на една држава или група држави да контролираат, доминираат и потчинуваат, идеолошки, воено, или економски, други држави… хегемонизмот се обидува да ја ограничи слободата на државите да ги одредуваат нивните политички системи и да го следат економскиот, социјалниот и културниот развој без заплашување, пречки или притисок, да ги зачуваат суверенитетот и националната независност… на сите држави… Генералното собрание на ООН го осудува хегемонизмот во сите негови манифестации, вклучително и она што се спроведува на глобално, регионално или субрегионално ниво; Ги отфрла сите форми на доминација, потчинување, мешање или интервенција и сите форми на притисок, без разлика дали се политички, идеолошки, економски, воени или културни, во меѓународните односи; Одлучно ги осудува политиките на притисок и употреба или закана со употреба на сила, директна или индиректна агресија, окупација и растечката практика на мешање и интервенција, отворено или прикриено, во внатрешните работи на државите; Ги повикува сите држави, во водењето на меѓународните односи, строго да ги почитуваат принципите на Повелбата на Обединетите нации и оние кои се однесуваат на почитувањето на суверенитетот, суверената еднаквост, националната независност, единството и територијалниот интегритет на државите, немешање во нивните внатрешни работи, ненапаѓање, мирно решавање на спорови и соработнички права на луѓето, доминација до самоопределување…“, се наведува покрај другото во наведената Резолуција на Генералното собрание на Организацијата на Обединетите нации.

Свето Тоевски