
Во 168 година пред нашата ера во Хераклеја Синтика последниот македонски крал Персеј, син на Филип Петти, го убил својот брат. Во војната со римската држава, Синтите застанале на страната на Персеј и ревносно се бореле против Римјаните. Но во Битката кај Пидна, Римјаните извојувале победа и ја освоиле Македонија. Потоа македонското кралство било поделено на четири вазални држави, а Синтика ѝ припаднала на првата заедно со Амфипол како нејзина престолнина. Подоцна, по Битката кај Филипи во 42 година пред нашата ера, Хераклеја, старата престолнина Синтика, била прогласена за „слободен град“ според исказот на Тит Ливиј
Хераклеја Синтика е антички македонски град, кој се наоѓал во југозападното подножје на ридот Кожув, крај средниот тек на реката Струма, и источно од денешното село Ширбаново (денес Рупите) во Петричко, Република Бугарија. Името го добива од Херакле, митски предок на македонската династија Аргеади, а епитетот укажува дека градот се наоѓа во територијата на македонското (пајонско) племе Синти. Од историски, географски, културен и етнички аспект, Хераклеја Синтика е град во Македонија, поточно во Горна Македонија. Во Горна Македонија, која била именувана и како Слободна Македонија, влегувале повеќе области, меѓу кои Пајонија и Синтика. Градот се споменува во делата на Тит Ливиј, Диодор, Страбон, Плиниј Постариот итн., а поради недостигот од археолошки наоди, неговата локација долги години беше мистерија.
Локацијата на градот Хераклеја Синтика долго време беше мистерија
Локацијата на античкиот град Хераклеја Синтика долго време во историската наука беше мистерија, научниците врз основа на старите записи и сведоштва знаеја за неговото постоење во антиката, но поради недостиг од археолошки наоди не можеа точно да го лоцираат. Подолг период се водеа научни дискусии за локацијата на градот, а од научноистражувачки аспект за првпат се споменува во „Пирин“ (1930-1931), кога е идентификуван со градот Петра. Оваа теза беше поддржана од Димитар Дечев и Атанас Милчев, кој и прв организира истражувања во 1958 година. Од друга страна, одредени научници не се согласуваа со ова тврдење и веруваа дека тоа е друг град, односно Ортополис или Тристолос. Мистеријата за локацијата на градот кончено беше решена во 2002 година од страна на Георги Митрев, кој пронајде мермерна стела што потекнува од 308 година од нашата ера со натпис на латински јазик, натпис што потврди дека станува збор за градот Хераклеја Синтика. Набрзо потоа беше пронајден уште еден натпис од страна на Митрев, со што конечно беше потврдено дека археолошкиот локалитет е всушност градот Хераклеја Синтика и се наоѓа во југозападното подножје на ридот Кожув, крај средниот тек на реката Струма и источно од денешното село Ширбаново (денес Рупите) во Петричко, Република Бугарија.
Во изминативе години интересот на бугарската наука се зголеми за градот Хераклеја Синтика, а се прават и обиди за зачувување на материјалната, визуелната и функционалната автентичност на археолошкиот локалитет, како што е се 3Д-ласерски скенови или макети и работни копии на античките елементи итн. Од археолошки аспект, градот Хераклеја Синтика е истражуван повеќе од две децении од страна на Људмил Вагалински, притоа се откриени дел од ѕидот на тврдината и акрополата на градот, како и две мермерни статуи што предизвикаа возбуда во бугарското општество.
Двете скулптури беа откриени при археолошки истражувања во различен период. Првата скулптура што е пронајдена се наоѓа во музејот во Петрич и потекнува околу почетокот на новата ера, а втора статуа е создадена околу 170 години подоцна. Истражувањата покажаа дека моделирањето на статуите е различно, а втората статуа од стилски аспект одговора на оние што се карактеристични за римската провинција Македонија од вториот век од нашата ера.
Контрадикторности во изворите
Античкиот град Хераклеја Синтика се споменува во делата на Тит Ливиј, Диодор, Страбон, Плиниј Постариот и Клавдиј Птоломеј, а посведочен е и во неколку натписи од преторијански војници, односно римски граѓани. Поради контрадикторностите во изворите, во науката се водеше полемика околу географската и етничката припадност на Хераклеја Синтика во антиката.
Во информациите што се зачувани во „Природознанието“ на Плиниј Постариот се споменуваат планините Родопа, Скопиј и Орбел, пред чии падини се населени жителите на Аретуса, Антиохија, Идомене, Добер, Астрајон, Аланта, Аударист, Морил, Гареск, потоа Линкестите, Отрионите, па слободните Амантијци и Орести, колониите Булис и Дион, Ксилопол, слободните Скотусајци, па Хераклеја Синтика, Тимфаја и Торона.
Тит Ливиј споменува град Синтија, но тврди дека е „дардански град во близината на границата со Македонија“, кој паднал во рацете на македонскиот крал Филип Петти во 212 година од нашата ера. Тит Ливиј не воспоставува никаква врска помеѓу Синтија и Хераклеја Синтика. Но доколку се земат предвид другите извори, може да се заклучи дека Тит Ливиј мислел на Хераклеја Синтика, бидејќи Стефан Византиски споменува град Синтија, кој не е во Дарданија, туку во Македонија, во близината на границата со Тракија.
Според проф. д-р Војислав Саракински, контрадикторностите произлегуваат од фактот дека авторите од римско време ниту имале непосреден увид и искуство од овој терен ниту пак географските поими како Пајонија, па дури и Македонија и Тракија, во нивно време ги имале истата тежина и истото политичко значење како во времето на Херодот.
– Непосредниот увид во нештата кај секој нареден извор станувал сè послаб, а податоците се пренесувале механички, до одреден момент кога престанале да бидат точни – нагласува Саракински.
Центар на Синтика – територија на македонското племе Синти
Според Фанула Папазоглу (македонска и југословенска класицистка, епиграфка и академска работничка), која долги години беше стручњак по древната историја на Балканот, доколку се земе предвид името на градот Хераклеја Синтика, тогаш тој бил основан или зајакнат од некој припадник на македонската династија Аргеади, најверојатно Филип Втори, таткото на Александар Македонски. Меѓутоа градот не бил основан во Тракија, туку на територијата на пајонското (македонско) племе Синти, кои живееле на десниот брег по средниот тек на реката Струма (во антиката Стримон) од двете страни на клисурата Рупел, како и земјите покрај реката Струмица.
Врз основа на пишувањата на Тукидит, некои од научниците Синтите ги именуваат како тракиско племе, но Тукидит во своето дело пишува од еден поширок географски аспект, а не од етнички, како што неколкупати во минатото беше посочувано од проф. д-р Наде Проева. Некои историчари исто така тврдат дека се работи за Пелазги, во блиско сродство со домородното население на Самотракија, а Хомер ги опишал со придавката агриофони, односно дивоговорници.
Од културолошки, етнички и географски аспект, градот Хераклеја Синтика се наоѓал во Горна Македонија. Започнувајќи со Херодот, античките автори приморска Македонија ја нарекувале – Долна Македонија, а планинскиот внатрешен дел – Горна Македонија. Античките автори секогаш пишувале и говореле само за Долна и Горна Македонија. Во Горна Македонија, која била именувана и како Слободна Македонија, влегувале следните области: Тимфаја, Параваја, Дасаретида, Орестида, Линкестида, Пелагонија, Дериоп, Пајонија, Парорбелија, Синтика и Одомантика.
Според Наде Проева, Синтика се протегала по средниот тек на реката Стримон, на север од Бисалтија, а поважни градови биле Хераклеја, Поројкопол, Тристол и Нејна. Од овие градови, најважен бил Хераклеја Синтика, а според некои други видувања градот не бил изграден од Филип Втори, туку од македонскиот крал Аминта Трети и именуван во чест на митскиот јунак Херакле, митски родоначалник на Аргеадите. Се верува дека Аминта го утврдил градот со силни несовладливи бедеми, чии остатоци можат да се видат и денес. Во времето на македонската династија Антигониди градот станал седиште на покраината Синтика и седиште на епархот (намесникот) на Пајонија, што е познато од Тит Ливиј.
Во 168 година пред нашата ера во Хераклеја Синтика последниот македонски крал Персеј, син на Филип Петти, го убил својот брат, престолонаследникот Деметриј. Ова братоубиство се должело на личното соперништвото, како и на проримската наклонетост на Деметриј, кој како дете бил воспитуван во Рим. Со смртта на Деметриј, Римјаните добиле повод за објавување војна против Македонците, која започнала веднаш.
Синтите застанале на страната на Персеј и ревносно се бореле против Римјаните. Меѓутоа, во Битката кај Пидна, Римјаните извојувале победа и ја освоиле Македонија. Потоа македонското кралство било поделено на четири вазални држави, а Синтика ѝ припаднала на првата заедно со Амфипол како нејзина престолнина. Подоцна, по Битката кај Филипи во 42 година пред нашата ера, Хераклеја, старата престолнина Синтика, била прогласена за „слободен град“ според исказот на Тит Ливиј.
Градот сѐ уште постоел во 10 век, кога е спомнат за последен пат од географот Јерокле и византискиот цар Константин Седми Порфирогенит. Д.Ст.