Најмногу заболени од грип има во Скопје – 692 лица. Потоа следуваат Струмица со 333, Битола со 304, Свети Николе со 158, Охрид со 141, Радовиш со 122, Велес со 140 и Куманово со 109 заболени. Во другите градови во Македонија бројот на заболени е под 100
ГРИПОТ ВО МАКЕДОНИЈА
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, во изјава за јавноста, вчера истакна дека е регистрирано и потврдено „зголемување на бројот на заболени од грип“. Според Андоновска, „резултатите од вирусолошкиот надзор на заразата покажуваат широка географска активност на грипот, а процентот на позитивност е над 10 проценти за петтата недела по ред“.
– Македонија е под висок интензитет на вирусот на грип. Иако бројот е малку помал во споредба со претходната недела, сè уште има значително зголемување во однос на истата недела од минатата сезона, кога бројот на заболени беше само 1.875, што означува зголемување од 53,6 проценти – изјави директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, додавајќи дека „во споредба со шестата недела во последните 14 сезони, кога бројот на заболени бил 2.585, оваа недела се бележи зголемување за 11,4 проценти“.
Во однос на возрасната слика на заболените од грип, најголем дел се на возраст од 15 до 64 години – 1.552 лица, следуваат 685 деца на возраст од пет до 14 години, 317 деца од нула до четири години и 217 лица над 65 години. Во однос на состојбата во Европа, Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, нагласи дека стапките на заболени од грип и акутни респираторни инфекции во 29 од вкупно 33 земји се покачени над основните нивоа. Таа апелираше за следење на препораките за превенција на заболувања слични на грип и истакна дека при појава на симптоми, заболените треба да ги почитуваат препораките за самоизолација и другите мерки што се веќе познати. Н.М.