За вештачката интелигенција

Вербата најдобро е преточена во зборовите на Давид Хилберт при обраќањето по повод неговото пензионирање пред Друштвото на германските научници и лекари на 8 септември 1930 година. Тие зборови – одговор на латинската максима Ignoramus et ignorabimus, или „Не знаеме, нема да знаеме“, се напишани на неговата надгробна плоча „Треба да знаеме. Ќе знаеме“ (Wir müssen wissen. Wir werden wissen.)

Во неколку продолженија ќе понудам размисли за предизвиците – глобални, регионални, државни,институционални…, со кои ќе се соочиме во и по 2025 година. Денешниов текст е осми од серијалот

Лудвиг Витгенштајн, пишувајќи за односите меѓу светот, мислата и јазикот, а со тоа и за природата на филозофијата, во книгата „Логичко-филозофски трактат“ ќе заклучи: „Решението на загатката на животот во просторот и времето лежи надвор од просторот и времето“, додавајќи „загатката не постои“. Всушност, Витгенштајн ја бараше, но и не само тој туку и многумина други, Архимедовата точка – местото од каде што може совршено да се согледаат одредени објективни вистини, тоа што е универзално и вечно вистинито, или користејќи ја фразата на Спиноза sub specie aeternitatis. Декарт, Спиноза и Лајбниц се тројцата големи рани модерни рационалисти – поддржувачи на рационализмот, гледиште што претпоставува дека одредени суштински знаења за реалноста можат да се достигнат или да се докажат со дедуктивно расудување, почнувајќи од неколку аксиоми и дефиниции. Во филозофскиот трактат „Етика“, еден од најамбициозните обиди за примена на дедуктивниот пристап на Евклид во филозофијата, Спиноза нуди „наполно издржан филозофски систем кој се стреми да прикаже целосна слика за стварноста и да ја разбере суштината на етичкиот живот“. Во „Предговор кон општата наука“ (околу 1679 година), Лајбниц ќе напише: „Очигледно е дека кога би можеле да најдеме карактери или знаци погодни за да ги изразиме сите наши мисли толку јасно и точно како што во аритметиката се изразуваат бројките или во геометријата линиите, би можеле да направиме во сите работи, доколку тие се предмет на расудување, сè што може да се направи во аритметиката и геометријата“.
При крајот на 19 и во почетокот на 20 век, многу мислители веруваа, како последица од напредокот на науките, дека визиите и размислувањата на Декарт, Спиноза и Лајбниц наскоро ќе бидат реализирани. Таа верба најдобро е преточена во зборовите на Давид Хилберт при обраќањето по повод неговото пензионирање пред Друштвото на германските научници и лекари на 8 септември 1930 година. Тие зборови – одговор на латинската максима Ignoramus et ignorabimus, или „Не знаеме, нема да знаеме“, се напишани на неговата надгробна плоча „Треба да знаеме. Ќе знаеме“ (Wir müssen wissen. Wir werden wissen.) Иронично, еден ден пред Хилберт да ги изговори овие зборови, младиот Курт Гедел, тогаш на возраст од 24 години, на тркалезна маса за време на конференцијата што се одржа заедно со состаноците на Друштвото, најави труд, во кој покажа дека очекувањата на традиционалните филозофи никогаш нема да се остварат и ние треба да се задоволиме со теории што или се непотполни (содржат искази за кои нема да можеме да кажеме ниту дека се точни ниту дека не се) или се неефективни (поточно, дури и да знаеме дека одговорот постои, немаме ефективен начин да дојдеме до него).

Иако проектот на рационалистите, што започна со Декарт, Спиноза и Лајбниц, се покажа како невозможен – живееме во неконзистентен свет полн со противречности, што постојат дури и во математиката, тој продолжи да се развива во компјутерските науки, што доведе до развој на вештачката интелигенција. Според „Речникот на психологија“ (2015 г.) на Американското психолошко здружение, интелигенција е „способност за извлекување информации, учење од искуство, приспособување на околината, разбирање, и правилно користење на мислата и разумот“. Терминот вештачка интелигенција е тесно поврзан со две парадигми: пресметување и имитација.
Во триесеттите години од минатиот век беа предложени неколку еквиваленти дефиниции на поимот пресметување, од кои најпозната е дефиницијата на Алан Тјуринг: пресметливи (англ. computable) тврдења се тврдења што можат да се изразат во термини на параметрите на еден добро дефиниран математички објект – денес тој објект е познат под името Тјурингова машина и преставува апстрактен модел на пресметување. Трудот на Тјуринг „За пресметливи броеви, со примена на проблемот за одлучување“ (англ. „On Computable Numbers, with an Application to the Entscheidungsproblem“, 1936 г.) беше под големо влијание на Курт Гедел и неговата теорема за непотполност, особено со методот на доделување броеви (нумерирање на Гедел) на логички формули со цел да се редуцира логиката на аритметика. Во математиката, пресметливи броеви (англ. computable numbers) се реалните броеви што може да се пресметаат со посакувана прецизност користејќи Тјурингова машина што работи конечно време. Една од последиците на теоремите на Тјуринг е дека речиси сите реални броеви не се пресметливи броеви. Тјуринговата машина е формален систем и се состои од конечна азбука, конечен сет на правила за комбинирање на елементите од азбуката и бесконечна лента (што може да се протолкува како бесконечна меморија), додека, пак, во реалните компјутери сите градбени елементи се конечни (и меморијата е конечна). Меѓутоа, без разлика на фактот дека речиси сите реални броеви според Тјуринг не се пресметливи броеви (англ. computable numbers), оттука, тие не можат да се пресметаат и со реалните компјутери, развојот и постигањата на вештачката интелигенција, според моето мислење, се фрапантни, зачудувачки и парадоксални.
Парадигмата за имитација е вградена во срцевината на вештачката интелигенција. Во трудот „Пресметувачка машина и интелигенција“ (англ. „Computing Machinery and Intelligence“, 1950 г.), прашањето „Дали машините можат да размислуваат?“ Тјуринг го замени со играта имитација (англ. imitation game). Денес „играта имитација“ е позната под името „Тјурингов тест“, што несомнено му обезбеди аура на авторитет на тестот и можеби придонесе за неподготвеноста на истражувачите на вештачка интелигенција да го испитаат критички тестот, со оглед на огромниот углед на Тјуринг во компјутерската заедница.

Отфрлајќи го прашањето „Дали машините можат да размислуваат?“ како „премногу бесмислено за да заслужи дискусија“, Тјуринг предложи дизајнирање машина што може да се смета како разумна имитација, замена, супституција на размислувањето. Всушност, насекаде во делото на Тјуринг, фокусот е на имитација, замена и супституција. Неодамнешните резултати на генеративната вештачка интелигенција и големите јазични модели се зачудувачки добри и фасцинантни, иако можеби само на површно ниво, што подразбира внимателно користење на моделите. Научните и уметничките творби – производ на вештачка интелигенција се привлечни, но сепак, од една страна, во нив постои недостигот од подлабока мисла и размисла и, од друга страна, тие го иницираат прашањето за авторство на творбите. Вештачката интелигенција не ги разбира концептите, туку само многу подобро импровизира од претходните модели, без вистинско разбирање. Тоа што денес се случува во светот, всушност, го наметнува прашањето: Што е повеќе застапено кај луѓето: вистинско разбирање на концептите или импровизација? Според Хјуберт Драјфус, истакнат критичар на вештачката интелигенција, филозоф и професор на Универзитетот „Беркли“: „Нашиот ризик не е појавата на суперинтелигентни компјутери, туку на потинтелигентни човечки суштества“.
Вештачката интелигенција создава привид – таа не е креативна, туку таа вешто создава лажна креативност, таа не го разбира текстот што го генерира, туку таа вешто креира привид дека разбира. Меѓутоа, уредите што користат вештачка интелигенција не се привид: тие се реалност и нивните дејствувања можат да бидат застрашувачки. Во април 2024 година, израелското списание „+972“ објави застрашувачки извештај за системот „Лаванда“ што користи вештачка интелигенција за да идентификува и погоди хипотетички непријателски цели: невини минувачи, деца што се враќаат од училиште, жени што одат да донесат вода од фонтаната. Во текот на првите недели од војната, според списанието, 37.000 Палестинци означени како осомничени милитанти од системот „Лаванда“ беа збришани од израелските воздушни напади. Војните во дваесет и првиот век сѐ помалку ќе ги водат луѓето: луѓето ќе бидат жртви, но истребувањето ќе го прават машините. Овие машини ќе користат вештачка интелигенција – тука зборот интелигенција означува способност да се извршува задача, без потреба за чувства и етичност. Неодамна, во февруари 2025 година, лидерите на неколку нации во Париз донесоа декларација (која не ја потпишаа САД и Обединетото Кралство) со шест приоритети – вториот од овие приоритети се однесува на обезбедување вештачката интелигенција да биде отворена, инклузивна, транспарентна, етичка, безбедна и доверлива. Сепак, се чини, за жал, дека разговорите за етичкото регулирање на вештачката интелигенција се бесмислици бидејќи тоа подразбира забрана на употребата на вештачката интелигенција во и од армиите, кои, пак, доминираат во истражувањата, финансирањето и употребата на оваа технологија. Во 17 век, тие што користеле етерично масло од лаванда биле поштедени од чумата, денес во 21 век системот „Лаванда“ е персонификација на чумата, оттука, филозофијата треба да биде столб на образованието, што ќе овозможи растеж на човештвото во 21 век.