Мапа на голема Грција

Водени од хегемонизмот, како мегалодржавна аспиративна дегенерација на националното будење и, како резултат на тоа, наметнување на политичко, економско и културно влијание (надмоќ, доминација) на една нација над другите, која во минатите времиња особено кон Македонците се постигнувала со употреба на сила, Софија, Белград и Атина се обидуваа да создадат вештачка национална свест кај Македонците кон крајот на 19 век

Од историските архиви

Водени од хегемонизмот, како мегалодржавна аспиративна дегенерација на националното будење и, како резултат на тоа, наметнување на политичко, економско и културно влијание (надмоќ, доминација) на една нација над другите, која во минатите времиња особено кон Македонците се постигнувала со употреба на сила, Софија, Белград и Атина се обидуваа да создадат вештачка национална свест кај Македонците кон крајот на 19 век.
Тие активности доведоа до апсурдни ситуации, кога членови на едно исто семејство имаа спротивно национално декларирање. Историските извори потврдуваат дека Македонија и македонскиот народ биле плен за бугарските, српските и грчките националисти. И покрај силниот отпор од македонска страна, туѓите пропаганди создадоа свои пропагандни упоришта во Македонија, а нивното дејствување особено се покажува како негативно за националното и политичкото единство на македонскиот народ. Споменатите пропаганди кулминираа по Илинденското востание, кога започнува една неофицијална македонска граѓанска војна, војна што се карактеризира со свирепости, како што е она онаа кога Коте Христов го убива војводата Лазар Поп-Трајков и ја отсекува неговата глава.

Зајакот сè уште е во шума

Асимилаторските пропаганди на балканските држави не се разликувале од активностите на колонијалните империи од 18 и 19 век. Оттука, тие се одликувале со екстремен национализам и шовинизам, а кон Македонија и македонскиот народ се однесувале како кон плен. Тоа е особено забележливо во кажувањето на бугарскиот кнез Фердинанд Први дека „додека Србите и Бугарите се расправале за раженот, зајакот сè уште бил во шума“.
Непосредната поврзаност на пропагандите со шовинизмот и екстремниот национализам ги потврдува националистичките идеологии. Во втората половина на 19 век, бугарската држава својот националистички наратив го градела врз принципот на Санстефанска Бугарија. Тоа се потврдува и во книгата „Македонија“ објавена во 1918 година, во која се наведува дека „иако Бугарија од Сан Стефано не била реализирана, оставила силен впечаток меѓу Бугарите“, како и дека „за Бугарите, Санстефанска Бугарија останала признаена и нереализирана цел. Оттогаш е сон на целата бугарска нација“.
Во сличен правец се и активностите на српската држава. Тоа е забележливо и во книгата „Македонија и Стара Србија“, каде што авторот Спиридон Гопчевиќ се обидува да докаже дека Македонците се Срби. Исто така српските националисти започнале да го употребуваат називот Стара Србија за северниот дел на Македонија, денешна Република Македонија, а тој термин успеале да го наметнат и во некои од европските весници.
Грчката пропаганда била една од најстарите во Македонија, а била раководена од Цариградската патријаршија. Грчките пропагандни дејствувања совршено јасно ги образложува патријаршискиот митрополит Германос Каравангелис, кој проповедал: „Вие сте Грци уште од времето на Александар Велики, но поминаа Словените и ве словенизираа. Вашиот изглед е грчки и земјата што ја газиме е грчка. За тоа сведочат и спомениците што се скриени во неа, и тие се грчки и монетите што ги наоѓаме се грчки и натписите се грчки“.

Асимилаторските пропаганди на балканските држави не се разликувале од активностите на колонијалните империи од 18 и 19 век. Оттука, тие се одликувале со екстремен национализам и шовинизам, а кон Македонија и македонскиот народ се однесувале како кон плен. Тоа е особено забележливо во кажувањето на бугарскиот кнез Фердинанд Први дека „додека Србите и Бугарите се расправале за раженот, зајакот сè уште бил во шума“

Создавање вештачка национална свест кај Македонците

Оттука припадниците на македонскиот народ се соочиле со засилено систематско ширење невистини за маке­­донските национални особености – јазик, култура, историја, традиција итн. Тие пропагандни активности на Софија, Белград и Атина се насочени кон создавање вештачка национална свест кај Македонците, односно дека тие се припадници на бугарскиот, српскиот или грчкиот народ. Тоа се потврдува и во извештајот на Димитар Ризов од 1898 година, во кој се нагласува дека основните задачи на бугарските училишта во Македонија треба да бидат „не да ги полнат главите на македонската младина со теориски знаења, туку да садат и култивираат во нив чувства на национално самосознание, национална гордост и бугарски патриотизам“.
Создавањето вештачка национална свест кај припадниците на македонскиот народ одело преку училиштата, кои биле поддржувани од соседните држави, особено преку преметите Историја, Географија и Јазик. Оттука се создала апсурдна ситуација, во зависност од училиштето, Македонецот изучувал бугарска историја и јазик или српска историја и јазик. Во таа насока е и предметот Отечеcтвоведение (запознавање со татковината) во училиштата што биле под контрола на бугарската пропаганда и македонските ученици учеле дека Македонија е стара бугарска земја.

Пропагандното дејствување предизвикувало раздор не само помеѓу македонскиот народ туку и во самите македонски семејства

Туѓите пропаганди наишле на силен отпор од страна на македонската интелигенција, како и од македонското револуционерно движење, но успеале да формираат туѓа национална свест кај еден од дел македонскиот народ, но и кај одредени македонски дејци, како што Христо Матов или Коте Христов. Историските извори потврдуваат дека пропагандното дејствување предизвикувало раздор не само помеѓу македонскиот народ туку и во самите македонски семејства. Колку и да звучи чудно, има примери кога во едно македонско семејство таткото се декларира како Грк, а синот како Бугарин.
Но туѓото националното чувство кај Македонците било вештачко и, оттука, припадниците на македонскиот народ честопати ги менувале своите национални искажувања и понекогаш се декларирале како Бугари, Срби или Грци. Оваа апсурдност ја забележале и странците, како што е Г.Ф. Абот, кој во својата книга „Приказната за една турнеја во Македонија“ истакнува дека „националноста на Балканот е променлива материја, во која чувството, крвта или јазикот имаат малку или немаат воопшто влијание“. Во таа насока треба да се разбере и кажувањето на рускиот кнез Г.Н. Трубецко дека македонското население е „тесто од кое може да се измесат и Срби и Бугари“.
Меѓутоа рускиот конзул А. Петрајев од Солун во својот извештај од 1907 година до Министерството за надворешни работи на Русија забележува и нешто друго. Имено, неколку села во Костурската каза се откажувале од сите други етнографски самоопределувања и упорно се нарекувале себеси Македонци. Рускиот конзул исто така вели дека жителите во седум села во Дебарската каза се именувале како македонски Словени, како и дека месното население сакало да живее во согласност со своите обичаи и да говори на своето родно наречје, а не по програмите на бугарските или српските комитети.

Пропагандите кулминираа со македонска граѓанска војна

По Илинденското востание доаѓа до радикална промена во активностите на пропагандите во Македонија. Дотогашната црковно-просветна пропаганда е заменета со оружена, преку испраќање чети однадвор и мобилизирање истомисленици од внатрешноста на Македонија. Четите, со силата на оружјето, најпрво требало да ги заштитат и одбранат стекнатите позиции во Македонија, да го повратат изгубеното за сметка на ривалите, а по можност и да го прошират влијанието.
За тие состојби пишува и германскиот весник „Франкфуртен Зтг“ во статијата „Рушители на мирот на Балканскиот Полуостров“. Според весникот, се појавиле нови елементи – грчките и српските чети што биле раздразнети од делумниот политички успех на востанието од 1903 година. Тие биле водени од стремежот за обезбедување на идните претензии преку учество во македонските борби, политичките кругови во Атина и Белград во почетокот на 1904 година започнале со испраќање многубројни чети во Македонија, истакнува „Франкфуртен Зтг“. Во споменатиот текст исто така може да се прочита дека Србите главно работеле во скопскиот санџак, каде што се стремеле кон принудно посрбување на егзархиските селски училишта, протерување на учителите или нивно придобивање на српската страна, како и дека од страна на српските чети биле убиени неколку егзархиски свештеници и учители. Весникот исто така нагласува дека поведението на грчките чети во Македонија имало многу погруб и жесток карактер во Костурско, Битолско и Солунско. Тука грчката држава под свое влијание држала околу 400.000 луѓе, во вид на црковна потчинетост преку Цариградската патријаршија, се наведува во весникот „Франкфуртен Зтг“.


Потсетување на еден заборавен но многу сликовит пример за раздорот и убиствата помеѓу Македонците

Совршен пример за раздорот и убиствата помеѓу Македонците е Коте Христов. Тој во почетокот бил член на Македонската револуционерна организација (МРО), но по засилувањето на грчката оружена пропаганда ја прифаќа грчката кауза и станува предводник на андартска чета. Својата кариера како грчки борец ја започнува под влијание на грчкиот митрополит Германос Каравангелис и во замена за десет лири и школување на синовите во Атина. По Илинденското востание, засолниште кај Коте побарал војводата Спиро Олчев со двајца четници, но тој ги разоружил и заробил. Од Коте Христов помош побарал и повредениот костурски началник Лазар Поп-Трајков, но Коте му ја отсекол главата и ја пратил кај костурскиот владика Каравангелис, од кого добил 50 фунти.