Карикатура: „Нова Македонија“

Во анализата на стандардите на меѓународната заедница во примената и игнорирањето на меѓународното право, експертите со кои се консултиравме издвојуваат еден многу интересен заклучок: правото и правдата во мултиполарниот свет во сложените геополитички интереси не можат да се добијат доколку помалите држави не се изборат за нив!

Меѓународното право под лупа

Во настаните и кризата поврзана со Украина мошне забележливо доминира наративот за почитување и прекршување на меѓународното право. Фреквентноста во повикувањето на меѓународното право особено се интензивира во изјавите на лидерите и дипломатите од САД и од ЕУ, по признавањето на независноста на областите Донецк и Луганск од страна на Русија, во претходните денови. Но и Москва воопшто не е покуса во делот од повикување на принципите на меѓународното право, особено во делот од почитувањето на плебисцитарното изјаснување на жителите на регионот Донбас за независност од Украина.

Дали моќните го обликуваат меѓународното право по свој терк

Државите на геополитичкиот Запад ја обвинуваат Русија дека со чинот на признавањето на областите отцепени од Украина, флагрантно го прекршува меѓународното право. Таквиот став на меѓународната заедница секако би бил перципиран како принципиелен и во согласност со воспоставените цивилизациски норми во меѓународните односи, доколку во изминативе три децении токму САД и ЕУ ја немаа релативизирано примената на меѓународното право. Можеби најеклатантна паралела, која најчесто медиумски се експлоатира деновиве, на актуелното руско признавање на самопрогласената независност на украинските области Донецк и Луганск е таа со признавањето на независноста на Косово (од Србија), спонзорирана и воено издејствувана преку сѐ уште контроверзната интервенција на НАТО, предводено од САД. Се споменуваат и други контроверзии во примената на меѓународното право од страна на западните демократски сили, во повеќе случаи низ светот по падот на Берлинскиот ѕид, но Македонија во последниве пет години на своја кожа ги чувствува последиците од различната примена и перцепција на меѓународното право од страна на меѓународната заедница. Речиси во текот на целата своја тридецениска независност, Македонија е под искушението на игнорирањето на истата меѓународна заедница, која го толерира (дури и го поттикнува) дрското прекршување на меѓународното право од страна на македонските соседни држави. Македонија, под притисок на меѓународната заедница, потпиша два асиметрични соседски договори што целосно го дерогираат меѓународното право, поради кои си го промени уставното име на државата, а сега е под притисок за редефинирање на националниот идентитет и сите негови атрибути – јазик, историја, култура…

Кој е посилен, тој е во право?!

– Во современите цивилизациски односи не е оправдано покажување сила при реализацијата на сопствените геополитички интереси, но не може да биде кредибилно ни повикувањето на принципите на меѓународното право, кои самите неколкукратно ги прекршиле. Фрустрирачки е кога и покрај сите заложби за создавање демократско-принципиелен амбиент во меѓународните односи, на крајот повторно сѐ се сведува на покажување кој е посилен. За жал, и однесувањето на Русија во контекст на украинската криза, но и селективноста во повикувањето на меѓународното право на демократскиот Запад, се сведуваат токму на манифестација на сила. Предизвиците на Македонија во евроинтеграциите, ставени во контекст на актуелното западно аргументирање со меѓународното право во руско-украинската криза, наведуваат на перцепција за цинизам. Но не може да се одрече и фактот дека и самите ние, односно македонските политичари потклекнаа на притисокот да се откажеме од придобивките извојувани токму преку меѓународното право. Со Преспанскиот договор самите се откажавме од добиената пресуда во случајот со Грција пред Меѓународниот суд на ОН во Хаг, а погазивме и речиси 140 билатерални признавања под името Република Македонија. Во голема мера и самите сме виновни што дозволивме меѓународната заедница да ги игнорира меѓународното право и принципи за самоопределување, недискриминација, владеење правото за Македонија – вели политичкиот аналитичар Александар Кржаловски, прв извршен директор на МЦМС.

Тој што се бори – ќе добие, а тој што не се бори – ќе остане со празни раце?

Во анализата на стандардите на меѓународната заедница во примената и игнорирањето на меѓународното право, поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски заклучува дека правото и правдата во мултиполарниот свет и сложените геополитички интереси не можат да се добијат доколку не се избориме за нив.
– Меѓународното право секогаш важело, важи и ќе важи за силните. Тие го почитуваат кога им одговара. Кога не им одговара – такво нешто не постои. Мора да ни биде јасно дека со светот владее силата и сите разговори за некакви човекови права, демократија… се обични приказни, кога на сцената доминираат (гео)политичките интереси.
Што се однесува до Македонија и повеќедеценискиот третман на нашата земја надвор од меѓународните принципи – вината е и наша. Додека не се борите за тоа што ви припаѓа (а ние сме таков класичен случај), никој нема да ви го донесе тоа на тацна. Тој што се бори – ќе добие, а тој што не се бори – ќе остане со празни раце.
Најдобра илустрација за таквиот наш однос се 16-те пресуди на Европскиот суд за човекови права од Стразбур за Македонците во Бугарија. Овие пресуди бугарската држава ги игнорира, што можеби и има некаква нивна политичка логика. Меѓутоа, нема никакво оправдување што и Македонија се прави како такво нешто да не постои – вели дипломатот Ристо Никовски, во својство на дипломат, кој ваквите појави ги опсервира принципиелно, во рамките на принципот на легалитет на меѓународното право и воспоставениот поредок и меѓународните стандарди што произлегуваат од основната Повелба на ООН.


Со свој камен по глава

Универзитетскиот професор Тони Дескоски, кој беше дел од тимот што ја застапуваше Македонија пред Меѓународниот суд во Хаг, кога го добивме пред десетина години спорот против Грција за нарушување на Привремената спогодба, на социјалните мрежи реагираше по изјавите на осуда за руското признавање на украинските области Донецк и Луганск како независни држави.
– Со голема горчина ги примам актуелните изјави на нашите сојузници за прекршување на меѓународното право од страна на Русија.
Ми иде на ум народната поговорка со свој камен по глава.
Истите овие ликови ни се потсмеваа во лице откако на Суд докажавме дека Грција ја прекршува Привремената спогодба спрема нас. Или можеби Меѓународниот суд на правдата не пресуди дека има повреда на меѓународен договор?
Не го одобрувам потегот на Русија, но неконзистентноста се плаќа. Изненадувачки брзо.
А од вчера натаму, животите на сите нас ќе ни се влошат. Барем за некое време. Се плашам дека ова ќе биде долг и исцрпувачки судир, во кој никој нема да има корист – оценува професорот на Правниот факултет при УКИМ, Тони Дескоски.