Фото: МИА

Сега започнува патот кон заедничкиот европски дом, пат до кој како Италија сме подготвени да соработуваме и на билатерално ниво, преку иницијативи како оваа, кои ќе го олеснат запознавањето со нашиот општествено-политички систем, како и од другата страна, подлабоко разбирање на македонското општество, на неговиот длабоко вкоренет идентитет и неговата посебност, вклучително и историска и јазична, изјави италијанскиот амбасадор во земјава Андреа Силвестри.

Ова, Силвестри го изјави на денешното потпишување на Договорот за соработка и размена на информации меѓу Медиумската Информативна Агенција – МИА и италијанската АНСА.


Дипломатски клуб: Да го надоградиме големиот исчекор кон ЕУ

Денеска ништо не е како што беше вчера. Од корен се поместуваат нашите политички, економски, безбедносни и социјални интереси, оцени Извршниот одбор на Дипломатскиот клуб – Скопје, поздравувајќи го вчерашното отворање на пристапните преговори за членство на Македонија и Албанија во ЕУ и реализацијата на одлуката на Европскиот совет од март 2020 година.

– Макотрпниот 17-годишен пат до постигнување на оваа цел не ја смалува потребата од дополнителни усилби за унапредување на нашиот сериозен пристап, како кон изградба на стабилен, демократски и правен систем, така и создавање на кадровски и материјални услови за дипломатска одбрана на поставените цели од значење за националните и државните интереси на земјата – се наведува во соопштението.

Дипломатскиот клуб посочува дека увидовме оти пробивањето на нашата национална и општествена реалност на меѓународен план се судруваше со разни, егоистички и во минатото пошироко етаблирани интереси на државни ентитети, состојби кои го запираа и условуваа остварувањето на евроатланските стратешки цели на земјата.

– Достигнувањето на ова ниво на интеграција и искуството од тешките компромиси треба да ни дадат дополнителен мотив за нивното надминување и со мудрост и работна посветеност да ги искористиме геостратешите поместувања, сè со цел за мирен, стабилен социо-економски развој на сите сегменти од нашето мултинационално општество. Придонесот на дипломатското преговарање, како многу пати досега, и во овој случај одигра значајна улога – смета Дипломатскиот клуб.

Клубот потенцира дека процесите на постепено приспособување и делегирање во еден заеднички центар на до вчера суверените права на земјава бара општествен консензус и силна дипломатска активност.

– Овие „жртви“ беа видни во текот на пристапните преговори на низа земји денес членки на Европската унија и НАТО, промени кои допираа и до нивните највисоки нормативни акти. Сепак, одговорноста за реализација на македонските плебисцитарно прифатени стратешките цели за развој лежи кај секого од нас – се додава во соопштението на Дипломатскиот клуб – Скопје потпишано од неговиот претседател Огнен Малески.