Во една жестока дебата со поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, Панговски извонредно педантно и прецизно изнесуваше докази и аргументи против тезите за бугарски корени на македонскиот народ, користејќи историски извори и научни факти. Неговите ставови се длабоко патриотски и силно насочени кон заштита на македонскиот идентитет од малигни надворешни влијанија. Освен тоа, Панговски е уредник на електронското списание „Македонска ризница“
Интервју со Гоце Панговски – македонски активист и публицист од Соединетите Американски Држави
Гоце Панговски е македонски активист и публицист, кој се истакнува со своите ставови за македонската историја и идентитет. Тој е познат по учество во јавни дебати, особено оние поврзани со историските релации меѓу Македонија и Бугарија. Во една нашироко коментирана дебата со поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, Панговски аргументираше против идеите за бугарски корени на македонскиот народ, користејќи историски извори и научни факти. Неговите ставови се патриотски и често се насочени кон заштита на македонскиот идентитет од надворешни влијанија. Освен тоа, Панговски е уредник на електронското списание „Македонска ризница“ и учествува во јавни дискусии организирани од граѓански иницијативи.
Што значи Илинден како празник на сите Македонци?
– На 2 август ние Македонците го чествуваме почетокот на славното македонско Илинденско востание од 1903 година, круната на македонската Националноослободителна борба од крајот на 19 и почетокот на 20 век, како и Првото заседание на АСНОМ, одржано на истиот, најсветол македонски празник ИЛИНДЕН, кога во 1944 година се возобнови македонската државност и се удрија темелите на модерната македонска република. ИЛИНДЕН е најголемиот и најзначаен македонски национален празник што се слави и ќе продолжи да се слави од сите Македонци, како во републиката така и низ светот.
Што сметате, од Ваша перспектива, дека Македонија како држава треба да направи во овој момент кога се соочува со тешки и повеќеслојни предизвици?
– Сега веќе не е никаква тајна дека видливите и невидливите јазли што божемно добрите соседи одамна и постојано ги врзуваат околу нас Македонците кулминираа додека на власт во жална Македонија беше октроираната власт на чело со Заев, кога со голема помпа и сесрдна поддршка од т.н. меѓународна заедница беа потпишани предавничките меѓудржавни договори со Бугарија и со Грција.
Оттогаш наваму, како што во еден свој говор во чест на Свети Методиј своевремено рекол Григор Прличев: „…мајка Македонија лежи на своето легло ужасно изнемоштена, совршено премрена“, а соседските нацишовинистички испади и постојаното плетење нови антимакедонски јазли не само што не престануваат туку постојано земаат замав.
Исправена пред таквите предизвици, за Македонија има еден едноставен излез, она што пред речиси 24 века го сторил еден од нејзините најпознати синови Александар Македонски. Наместо трошење време, ресурси и животи на генерации Македонци во одврзување на сите соседски антимакедонски јазли полни со омраза, негирања, плукања и присвојувања, треба да следува нивно сечење!
Која е пораката што сакате да ја испратите до македонската јавност?
– Во денешниве услови тоа македонско „сечење на Гордиевиот јазол“ подразбира поништување на предавничките договори со Бугарија и Грција и нивно репреговарање во добра волја, врз основа на реципроцитет и заемно почитување, се разбира ако другите држави се подготвени на таков фер однос. Ако не се, нема потреба од никакво лицемерство и какви било договори. Во таа насока никакво членство во никакви унии или воени сојузи не може да биде поважно од темелните национални интереси на која било држава, па така и на Македонија.
За да се оствари ова, за што сум убеден дека е желба на мнозинството Македонци, не треба зборови – туку дела. Делата, во случајов, подразбираат луѓето што беа директно или индиректно вмешани во преименувањето и обезличувањето на Македонија и Македонците и во сквернавењето на македонската историја и јазик преку т.н. добрососедски договори да си понесат сериозни последици за нивните велепредавнички акти.
Можеби звучи и изгледа неверојатно, но ова е мошне лесно изводливо, се разбира ако од највисоките до најниските позиции во власта демократски избереме луѓе што секогаш ќе ги имаат предвид храброста, истрајноста и посветеноста на илинденците и асномците. Нека е честит и вековит Илинден! Д.Ст.