Што може да претставува денес „македонскиот свет“, заснован врз поставките на Мисирков од пред 122 години? Потребно е духовно, јазично и културно поврзување на Македонците во сите три дела на Македонија, без заговарање на сега веќе политички утопии и илузии од типот на „територијално обединување“. Во „За македонцките работи“ Мисирков креираше социолингвистичка реалност, во чиј центар се наоѓаат македонската држава и државотворниот македонски народ со својот македонски идентитет и со својот автентичен и засебен македонски јазик
Шчо не напраифме и шчо требит да праиме за однапред…
На 23 јули грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис не доби целосно соодветен одговор околу наредбата дека македонските власти, што ќе значи и македонскиот народ, „ќе мораат целосно и стриктно, посветено и искрено да ги почитуваат и да ги користат Преспанскиот договор и уставното име Северна Македонија“. Му испраќам вистински и соодветен одговор на шефот на грчката дипломатија Герапетритис на 26 јули, кога во 1926 година починува во Софија Крсте Мисирков, еден од основоположниците на македонизмот, а кој е роден во Постол, Егејска Македонија, кому Грците на гробот му ставија „преспански печат“ дека „не бил Македонец“, зашто „немало Македонци ниту во Егејот ниту во Македонија“ туку „северен народ“: министре Герапетритис, не дека мораме, туку навистина самите целосно и стриктно, посветено и искрено ги користиме и ќе продолжиме така засекогаш да ги третираме и да ги употребуваме Преспанскиот договор и Северна – како тоалетна хартија што се користи за бришење на…“.
Ниту Киријакос Мицотакис, ниту Свети Киријакос Мицотакис, ниту Јоргос Герапетритис, ниту Свети Јоргос Герапетритис не можат да им заповедаат на Македонците во државниот, националниот, политичкиот и јавно-медиумскиот простор на својата татковина Република Македонија да ја користат идентитетски геноцидната франкенштајнска кованица „Северна Македонија“. Отфрлањето на „северното уставно име“ претставува обврска на секој Македонец политичар во Македонија, особено на државно-политичкото раководство, со исклучок на домашните „трговци“ со името и македонскиот идентитет, кои ќе мора кога–тогаш да одговараат за ова велепредавство на татковината и нејзините државно-национални интереси.
Мора да разберат и да признаат Мицотакис и Герапетритис, Грција и Грците дека тие немаат никаква поврзаност со името Македонија и со ниеден аспект на македонскиот идентитет. Ова значи дека е целосна бесмислица дека Грција и Грците се „сопственици на името Македонија“. Ова се тврди за да се оправдаат приграбувањето и загосподарувањето со територијата на егејскиот дел на Македонија со катастрофалниот Букурешки договор од 1913 година.
Во својот научен труд „Кои беа и кои се Македонците“ од 1992 година Јуџин Борза, професор по античка историја од Државниот универзитет во Пенсилванија, Америка, и водечки светски специјалист за Античка Македонија, истакнува дека е јасно од подоцнежните историски извори оти македонскиот и грчкиот јазик биле заемно неразбирливи во дворот на Александар Велики и дека древните писатели ги сметале Грците и Македонците како два одделни и различни народа, чиј однос бил обележан со значителна антипатија, ако не и со целосно непријателство.
Во статијата „Јазикот на античките Македонци“ на монографијата „Македонија и односите со Грција“ на Македонската академија на науките и уметностите од 2013 година се истакнува: „Денес во Грција се тргнува од една априорна поставка за ‘грчкиот идентитет на Македонија како историска очигледност’. Идентификувајќи ги Грците во етнички и јазичен поглед со античките Македонци, современиот грчки режим го обвинува ‘Скопје’ дека посегнало по името Македонија и на дел од културното наследство, кое им припаѓало наводно само на Грците…. Во грчката наука, во многу написи и книги, се премолчуваат историски факти што ѝ противречат на тезата за ‘грчка Македонија’. Општопознато е дека класичногрчките автори не ги признавале Македонците за свои сонародници, ги нарекувале варвари и македонската доминација во Грција ја сметале како туѓа власт, увезена однадвор од другоплеменици (од allophyloi), како што вели Плутарх“.
„Грците од 5 век пред нашата ера ги признавале Македонците како етнос, што може различно да се идентификува и ги сметале како barbaroi (варвари – л.з).“, констатира Роналд Артур Кросланд, професор по грчки јазик и цивилизација од универзитетот „Шефилд“ во Англија, во својата научна студија „Индоевропско потекло – јазичен доказ“ од 1982 година.
Професорката Билјана Ристовска-Јосифовска во својот научен труд „Македонскиот идентитет и историските проучувања“ од 2020 година нагласува дека во развојниот пат на изделувањето и на препознавањето на посебноста на македонскиот етнос се јавуваат неколку основни идентитетски детерминанти, од кои еднакво значење имаат: територијата, името, јазикот, писменоста, фолклорот и традицијата.
– Притоа територијата и името Македонија се јавуваат како непроменлива оска на градењето на македонскиот идентитет низ целата историја – заклучува д-р Ристовска-Јосифовска.
Овде запирам со изнесувањето на клучните резултати од моите повеќегодишни истражувања во обемната научна литература за теоријата и праксата на идентитетот, антрополошката лингвистика и историјата на Македонија низ сиот нејзин временски континуум во трите илјадалетија од прапочетоците на македонската етногенеза (создавањето на македонскиот народ) и македонската лингвагенеза (создавањето на македонскиот јазик). Посебно треба да се запознае со овие вистински факти за нејзината Грција и за мојата Македонија онаа, „гордана Македонка“ Афродити Латинопулу, европратеничката од Грција, која во расправата за извештајот за Македонија во Европскиот парламент кажа дека „таа била вистинската, горда Македонка, а не лажна како тие од Скопје“. Латинопулу е грчка политичарка, основачка и лидерка на крајно десничарската политичка партија Глас на разумот, ама, според кажаното, многу повеќе ќе ѝ прилега да се означи како „лидерка на гласот на будалаштините и грчкиот противмакедонски шовинизам“.
Крсте Мисирков врз историските, национални и јазични факти за Македонија и македонскиот народ во својата монументална студија за македонизмот „За македонцките работи“, всушност, ги изнесе основните поставки за креирањето на „македонскиот свет“ – термин толку споменуван овие неколку дена. Мисирков разви интегративистички метод за обединување на сите македонски дијалекти во единствен книжевен македонски јазик, како и за обединување на сите Македонци и сите три дела на Македонија – Вардарска, Пиринска и Егејска – во една држава со еден народ македонски. Десет години подоцна овој идеолог на македонизмот доживеа да види не обединување, туку катастрофално распарчување на македонското национално тело и на целовитоста на македонската етнојазична територија на три дела.
Што може да претставува денес „македонскиот свет“, заснован врз поставките на Мисирков од пред 122 години? Потребно е духовно, јазично и културно поврзување на Македонците во сите три дела на Македонија, без заговарање на сега веќе политички утопии и илузии од типот на „територијално обединување“. Во „За македонцките работи“ Мисирков креираше социолингвистичка реалност, во чиј центар се наоѓаат македонската држава и државотворниот македонски народ со својот македонски идентитет и со својот автентичен и засебен македонски јазик. Но оваа социолингвистичка реалност на Мисирков осма година по ред не постои. Неа ја урнаа, привремено, двата акта, кои се нарекуваат „добрососедски договори“ – Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија, кој многу попрецизно може да се означи како „Бугарски договор“.
Овие два акта почнаа да креираат нова, таканаречена „северномакедонска социолингвистичка реалност“, во која не постојат македонска држава, македонски народ, македонски идентитет, македонска историја, македонски јазик. Овие два „добрососедски договора“ се обидуваат целосно да ги негираат, целосно да ги поништат поставките на Мисирков за македонската нација, македонскиот јазик и македонската држава, разработени во „За македонцките работи“. Почетокот на градењето внатрешна, домашна, како и меѓународна клима за постапно поништување на „Преспанскиот“ и „Бугарскиот договор“ се првиот предуслов за елиминирањето на „северномакедонската социолингвистичка реалност“.
Потребно е враќање назад повторно кон „За македонцките работи“ на Мисирков и врз основа на ова дело креативно и дејствувачки што поскоро да се возобнови илинденско-асномската социолингвистичка реалност, во чиј центар ќе продолжи да опстојува државотворниот македонски народ, но и да се возобнови македонската држава со своето вистинско име Република Македонија. Ова е предусловот за креирањето на денешниот „македонски свет“, на единствената јазичната, духовна и културна татковина на сиот македонски народ. Кога што поскоро ќе се извади „преспанскиот нож“ од срцето на македонскиот идентитет, тогаш ќе може да се направи првиот чекор кон ваквиот нетериторијален „македонски свет“.
Свето Тоевски