Фото: Маја Јаневска-Илиева

Предложени проекти и мерки за намалување на загадувањето

Владата веќе работи на изградба на когенеративни централи за затоплување на неколку локации, за да се намали загадувањето на воздухот во Скопје, но и во другите градови во земјава, соопшти вчера премиерот Христијан Мицкоски, кој акцентира дека работат интензивно на намалување на загадувањето на воздухот. Според премиерот, најголемиот фактор за загадувањето е токму затоплувањето на домовите со дрва, масло, јаглен, итн. Тој посочи дека како влада се во потрага по партнери за изградбата на когенеративни централи.
– Ние сме сега во потрага по партнери, кои на основа на пазарни услови, а не на привилегирани, како што имаше стратегиски инвестиции во минатото, заеднички со Владата ќе вложат во систем за затоплување на нашите домови, а кој ќе биде резултат на согорување на природен гас, односно когенеративни централи, кои ќе произведуваат и електрична енергија и гас. Имаме во план да направиме неколку и на тој начин цениме дека барем за 60 проценти ќе биде намалено загадувањето и почнуваме да го развиваме тоа – изјави Мицкоски, посочувајќи дека со овие инвестиции ефектите ќе се почувствуваат за три-четири години.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) информираат дека ги интензивираат активностите за чист воздух во државава, нагласувајќи дека континуирано се следи состојбата со квалитетот на воздухот.
Во Министерството била формирана интерна работна група за чист воздух од „претставници на сите релевантни сектори од институцијата, која ќе ѝ предложи на Владата акциски план со конкретни краткорочни и долгорочни активности, чија цел е да забрза процесот на постигнување видливи резултати во подобрувањето на квалитетот на воздухот“. Истовремено е направен и план за посета и инспекторирање на индустриските капацитети што поседуваат А-интегрирана еколошка дозвола.
Се апелира до граѓаните и институциите, компаниите и до сите општествени чинители за совесно однесување во однос на начините на затоплување, чистење на оџаците, фрлање на отпадот, палење на депониите, користењето возила, градежните работи на отворено, палењето стрништа и слично, со цел сите да дадат придонес кон обезбедување почиста и поздрава животна средина и подобрување на квалитетот на животот. Н.М.