Добитникот на Нобеловата награда
по економија Пол Кругман вели дека доминацијата на американскиот долар „нема да трае вечно“. Иако признава дека
во светот постои тренд на дедоларизација, тој е скептичен околу можноста кинескиот јуан да го замени доларот како доминантна валута
во светот
Став на нобеловецот Пол Кругман во врска со индикаторите за дедоларизација
Доларот и натаму е доминантен, затоа што не постојат доволно добри алтернативи
И нобеловецот Пол Кругман излезе во јавноста со размислувања и дискусии за доминацијата на американскиот долар, како и можноста за кинескиот јуан да го замени. Тој ги објави ставовите неодамна во својата колумна во „Њујорк тајмс“. Кругман призна дека има сè посилен тренд на дедоларизација во светот и можен пад на улогата на доларот во меѓународната трговија, бидејќи сè повеќе земји сакаат да ја напуштат неговата употреба. Сепак, повикувајќи се на извештај на американските Федерални резерви (ФЕД), во кој се анализирани разни индикатори на доминација на доларот, тој истакна дека доларот имал стабилна доминација во изминатите две децении, додавајќи дека „се чини малку веројатно да се намали статусот на американската валута во блиска иднина“.
Во однос на намалувањето на уделот на доларот во резервите на централните банки, кој опадна од 71 отсто во 2000 година на 58 отсто во 2022 година, нобеловецот објасни дека тоа главно ја одразува диверзификацијата во помали валути, како канадскиот и австралискиот долар, но не значи дека е потег што може да ја загрози сериозно американската валута.
Посочувајќи дека многумина го делат ставот дека САД ја користат својата валута како алатка во финансиските санкции, Кругман во однос на извештајот на Федералните резерви рече дека речиси сите истакнати резервни валути се издаваат од блиски сојузници на САД, кои исто така учествуваа во санкциите против Русија. Како резултат на тоа, геополитичките противници немаат многу атрактивни алтернативи на американскиот долар.
Кругман исто така зборуваше за можноста кинескиот јуан да го замени доларот како доминантна валута во светот. Иако призна дека Кина е водечка економска сила, тој се сомнева дека „мандаринскиот ќе стане доминантен јазик во меѓународната трговија или дека јуанот ќе стане главна меѓународна валута“. Нобеловецот верува дека се мали шансите кинеската валута да стане доминантна во меѓународната трговија во блиска иднина, укажувајќи на фактори како ограничената употреба на мандаринскиот јазик како втор јазик и кинеската контрола на капиталот.
Кругман во своето излагање сепак заклучи дека доминацијата на доларот нема да трае вечно, бидејќи ништо не трае вечно. Според него, вревата за дедоларизацијата не значи ништо. Засега доларот и натаму е доминантен, затоа што не постојат доволно добри алтернативи.
Главниот економист во „Ес-енд-пи глобал“, Пол Груенвалд, предвидува дека американскиот долар „повеќе нема да биде доминантна валута во светот“. Нагласувајќи го намаленото влијание на доларот, тој укажа дека сè повеќе држави се одлучуваат да се откажат од неговата употреба, истакнувајќи дека расте популарноста на кинескиот јуан како валута во трговијата
Став на главниот економист во „Ес-енд-пи глобал“, Пол Груенвалд, на конференција одржана неодамна во Лондон
Расте популарноста на кинескиот јуан како валута во меѓународната трговија
Главниот економист во „Ес-енд-пи глобал“, Пол Груенвалд, го сподели своето предвидување за крајот на доминацијата на доларот на конференција одржана неодамна во Лондон. Економистот порача дека доларот повеќе ја нема истата моќ како порано и дека други нешта се случуваат надвор од неговиот свет.
Спроведувањето на агресивните американски санкции, вклучувајќи го и замрзнувањето на руските резерви вредни околу 300 милијарди долари лани, доведе до тоа повеќе држави да се одлучат да се оддалечат од доларот и да ја зголемат употребата на националните валути во трговијата. Економистот од „Ес-енд-пи глобал“ го истакна трендот на држави што ја напуштаат употребата на доларот, посочувајќи го примерот на зголемената употреба на кинескиот јуан во меѓународната трговија. Покрај тоа, тој истакна дека развојните банки во Кина нудат евтини финансиски опции, вклучувајќи ги Инфраструктурната инвестициска банка на Азија и Новата развојна банка (позната и како банката на БРИКС).
Економистот од „Ес-енд-пи глобал“ потврди дека има релевантни информации дека економскиот блок БРИКС работи на воведување заедничка валута за која многумина веруваат дека ќе ја поткопа доминацијата на доларот. И истражувањето на фирмата за управување со фондови „Инвеско“ открива дека централните банки ги намалуваат своите резерви во долари, додека планираат да ги зголемат оние во кинески јуани.
Професорот Роберт Кијосаки предупреди дека набрзо може да се случи голем финансиски крах, истакнувајќи дека се наближува крајот на декретните пари, вклучувајќи го и американскиот долар. Истакнувајќи дека „на доларот набрзо ќе му дојде крајот“, тој апелираше до инвеститорите да вложуваат во злато и сребро. Тој ги упати своите предупредувања откако економскиот сојуз БРИКС се изјасни афирмативно за создавање заедничка валута што ќе биде поддржана од злато
Став на Роберт Кијосаки, американски прoфесор и сопствевник на школа за бизнис
Доларите – „лажни пари“, а
златото и среброто „божји пари“
Професорот Роберт Кијосаки упати повеќе предупредувања за американската економија и доларот. Кијосаки неодамна на Твитер објави дека за брзо време може да се случи голем финансиски крах, а ќе им се стави „крај на декретните пари“. Токму таква судбина ги очекува на состанокот на БРИКС во Јужна Африка на 22 август.
Кијосаки особено предупреди за крајот на доларот, повикувајќи се на извештаите од државите од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка), кои се подготвуваат за воведување заедничка валута поддржана од злато. Изјавувајќи дека на доларот ќе му се стави крај, познатиот автор истакна дека илјадници милијарди долари „ќе се вратат во државата“, а инфлацијата ќе стане екстремно висока. Тој исто така додаде дека цената на биткоинот в година ќе достигне 120 илјади долари.
Познатиот автор постојано предупредуваше за падот на доларот, опишувајќи го како „лажни пари“. За разлика од тоа, тој постојано го изнесуваше своето верување дека златото и среброто се „божји пари“, а биткоините се „народни пари“. Според него, овие три инвестиции се најсоодветен избор за „нестабилни времиња“.
Кијосаки се осврна и на скорашното бранување на берзата. Тој објасни дека неодамнешниот скок на берзата се должи на отстранување на должничкото ограничување. Тоа значи дека националниот долг ќе расте паралелно со берзата. Така, богатите ќе се богатат, а Америка ќе осиромашува.
Авторот исто така долго време предупредува и дека ќе се случи финансиски крах. Во јуни зборуваше и за „досега“ најголемиот пад на пазарот на недвижности. Кијосаки верува дека американската економија ја очекува тежок пад. Тој не е единствениот што предупредуваше за економски пад. Инвеститорот Џим Роџерс очекува да се јават силна рецесија и досега најлош пад во инвестициите. Економистот Питер Шиф уште во мај предупреди за можни финансиски кризи и рецесии.
Познатиот инвеститор Џим Роџерс (познат како коосновач на „Квантум фонд“ заедно со Џорџ Сорос) тврди дека „сè повеќе држави бараат алтернатива за доларот“. Тој предупреди дека „американскиот долар го губи својот статус како водечка светска резервна валута“. Роџерс сега е поранешен деловен партнер на Џорџ Сорос, со кого заеднички го основаа и „Сорос фонд менаџмент“
Неколку поенти од анализата на инвеститорот Џим Роџерс во врска со доларот како светска резервна валута
Државите бараат алтернативни валути за меѓународна трговија
Светски познатиот инвеститор Џим Роџерс го сподели своето мислење со јавноста, отворајќи неколку аспекти за прашањето: Дали американскиот долар го губи својот статус како водечка светска резервна валута?
Инвеститорот порача дека многу други инвеститори во Америка се обидуваат да најдат нешто што ќе биде конкурентно и што ќе го замени доларот. Тој, во свој стил, смело изјави дека „се ближи крајот за Америка и за доларот“.
Роџерс објасни дека неизбежно ќе се намали доминацијата на доларот, бидејќи ниту една валута не може да опстане на врвот повеќе од 150 години. Повикувајќи се на фразата дека ништо не трае вечно и дека сè има почеток и крај, тој истакна дека луѓето секогаш се откажуваат од некаква валута во одреден дел од времето.
Од каде впечатокот на Роџерс дека „државите се откажуваат од
доларот“?
Роџерс ги образложи подетално за јавноста причините зошто државите сè повеќе ќе се откажуваат од употребата на американскиот долар. Според него, „првата причина е што САД се историски најзадолжената држава во светот“. Тој објасни дека „многу луѓе веќе се сомневаат во употребата на доларот бидејќи не сакаат во иднина да наидат на проблеми“. Неговите забелешки соодветствуваат на тоа што САД се борат со должничка криза, која може да доведе до посериозни неисполнувања на нивните обврски за отплата на долговите. Тој дури и предупреди дека „американскиот долг може да предизвика светска финансиска криза“.
Друга важна причина за загриженост што ја споменува Роџерс се – санкциите.
Имено, САД и неговите сојузници наметнаа силни санкции врз Русија како одговор на почетокот на војната со Украина. Повикувајќи се на претходното предупредување за користење на доларот како алатка, Роџерс смета дека светската меѓународна валута треба да биде целосно неутрална и секој да може да ја користи за сè. Но сега Вашингтон ги менува правилата. Тој додаде дека воведувањето на американските санкции врз Русија го забрзало процесот на дедоларизација и порача дека „дури и пријателите на Америка се загрижени дека нешто може да им се случи и затоа светот се одлучил да ја напушти употребата на доларот“.
Иако истакна дека „светот се обидува побрзо да ја напушти употребата на доларот“ и тоа што многу земји се обидуваат да најдат негова замена, Роџерс смета дека досега државите не нашле достојна алтернатива. Коментирајќи за тоа дали кинескиот јуан треба да стане доминантна валута во светот, тој истакна дека многумина би се согласиле со констатацијата, но Кинезите не дозволуваат да се купува и продава нивната валута, така што таа не е целосно конвертибилна.
Доларот и БРИКС
Една од иницијативите за оспорување на доминацијата на доларот е предложената валута на БРИКС. Земјите-членки на БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) работат на воведување заедничка валута што ќе може да ја намали нивната зависност од американскиот долар. Лидерите на земјите од БРИКС ќе го дискутираат овој предлог за време на нивниот самит во август. Потенцијалниот успех на валутата на БРИКС нашироко се смета за фактор што би можел да ја поткопа доминацијата на американскиот долар.
Сè поголем број земји го следат примерот на БРИКС за дедоларизација, вклучувајќи ги и Индонезија и Венецуела. Десет држави од Југоисточна Азија исто така неодамна се договорија да ја охрабрат употребата на нивните национални валути во обидот да ја намалат својата зависност од американскиот долар и другите западни финансиски системи.
Името на евентуалната нова резервна валута Р5 (или Р5+) се базира на првите букви од валутите на БРИКС, од кои сите започнуваат со буквата Р (реал, рубља, рупија, ренминби, ранд)
Некои информации за потенцијалната нова резервна валута на БРИКС
Што значи проектот Р5?
Предлогот за создавање нова резервна валута заснована на кошницата со валути на земјите од БРИКС беше формулиран од клубот „Валдаи“ уште во 2018 година – идејата беше да се создаде валутна кошница од типот СДР, составена од националните валути на земјите од БРИКС, како и потенцијално некои од другите валути на БРИКС+ придружните економии. Изборот на националните валути на БРИКС се должи на фактот што тие беа меѓу најликвидните валути на пазарите во развој. Името за новата резервна валута Р5 или Р5+ се базира на првите букви од валутите на БРИКС, од кои сите започнуваат со буквата Р (реал, рубља, рупија, ренминби, ранд).
Дебатите што следуваа во врска со изгледите за создавање нова резервна валута се фокусираа повеќе на ризиците, кревкоста и целосната неможност на проектот Р5.
Резервната валута на БРИКС (проект Р5) нема да биде создадена за да ги замени националните резервни валути на економиите на БРИКС – туку ќе ги дополни овие национални валути и ќе служи за подобрување на можностите за повеќе валути на пазарните економии на земјите во развој, да постигнат статус на резерва. Според тоа, постигнувањето високи трговски акции меѓу економиите на БРИКС е пожелен, но не и целосно неопходен услов за лансирање на новата резервна валута. Всушност, новата валута на БРИКС не мора да ги сервисира сите трговски трансакции меѓу економиите на БРИКС во многу блиска иднина. Првично, новата валута на БРИКС би можела да ја врши улогата на сметководствена единица за олеснување на трансакциите во национални валути. На подолг рок, валутата Р5 БРИКС би можела да почне да ја извршува улогата на порамнувања/плаќања, како и складирање вредност/резерви за централните банки на пазарните економии во развој.
Во составот на валутната кошничка Р5, уделот на кинескиот ренминби (второто име за јуанот) може првично да се постави на релативно високо ниво за да се искористи веќе напредниот статус на резерва на кинеската валута. Овој удел може постепено да се намалува во фази подоцна заедно со вклучувањето на нови национални валути во пазарните економии на земјите во развој. Надвор од економиите на БРИКС, некои од потенцијалните кандидати што со текот на времето би можеле да се вклучат во валутната кошничка Р5+ може да го содржат сингапурскиот долар или дирхамот на ОАЕ.
Еден од потенцијалните ризици поврзани со употребата на ЕМ-валутите во резервите е нивната висока нестабилност. Кошничкиот механизам на резервната валута на БРИКС ќе овозможи да се намали дел од оваа нестабилност преку пресекување на динамиката на девизниот курс на валутите што следат различни пазарни трендови – ако валутите на Русија, Јужна Африка и Бразил го следат стоковниот циклус, спротивното е точно, во однос на увозниците на стоки како што се Индија и Кина.
Поважно е дека опсегот за примена на новата резервна валута во светската економија е значителен, со оглед на огромниот потенцијал за дедоларизација. Новата резервна валута на БРИКС може да дејствува во согласност со посилната улога на националните валути на БРИКС за преземање поголем дел од вкупниот колач на валутни трансакции во светската економија. Оваа поголема улога може постепено да се прошири од сервисирање на надворешнотрговските трансакции до инвестициските текови низ светот во развој. Во согласност со оригиналниот концепт Р5 развиен од клубот „Валдаи“ во 2018 година, едно од можните места за зајакнување на употребата на националните валути и резервната валута на БРИКС би можело да биде создавање платформа за регионални развојни банки во кои членуваат економиите на БРИКС. Таквата платформа би можела да развие портфолио на заеднички/интегративни проекти што може да се финансираат во национални валути.
На крајот, лансирањето на новата резервна валута, доколку биде успешно, ќе даде трансформациски ефект врз меѓународниот финансиски систем. Централните банки во глобалната економија доживуваат забележителен недостиг од резервни валути при управувањето со нивните резерви. Во овој поглед, појавата на дополнителни резервни валути од економиите на ЕМ ќе послужи за проширување на можностите за диверзификација на резервите и намалување на ранливостите поврзани со зависноста од тесен опсег на валути. Проектот Р5 на тој начин може да стане еден од најважните придонеси на пазарите во развој за изградба на посигурен меѓународен финансиски систем.
Подготвил: Mарјан Велевски