Фото: Пиксабеј

Уште еден „низок удар“ на БПЦ, и тоа на највисокиот чин на интронизацијата на новиот бугарски патријарх. Во духот на христијанството, нашата црковна делегација и овој удар го поднесе спокојно и достоинствено

На вчерашната интронизација на новиот патријарх на БПЦ присуствуваше и делегација на нашата МПЦ-ОА

Македонска црковна делегација викендов присуствуваше на чинот на изборот на нов бугарски патријарх. Архиепископот на нашата МПЦ-ОА, г.г. Стефан, не беше присутен во Софија, но МПЦ-ОА ја претставуваа владиците Тимотеј и Иларион.
Во Софија не присуствуваше ниту српскиот патријарх Порфириј. Имено, поглаварот на МПЦ-ОА и поглаварот на СПЦ во истиот период беа во нашата земја, во Битола, на канонизацијата на светителката Стефанида Скадарска.
Во црковните кругови подолго време, како одреден сигнал во православната екумена, беше најавувано дека вселенскиот патријарх Вартоломеј ќе допатува во Софија на интронизацијата на новиот бугарски патријарх.
За издвојување е информацијата дека со присуството на Вартоломеј на интронизацијата на патријархот на БПЦ, тој е и првиот вселенски патријарх во поновата историја на БПЦ што учествувал во изборот и интронизацијата на бугарски патријарх. Имено, изборот и интронизациите на претходните тројца патријарси, Неофит, Максим и Кирил, беа без негово учество.
Со вселенскиот патријарх Вартоломеј допатува и десетчлена делегација на вселенската патријаршија. Во делегацијата беа и митрополитот халкедонски Емануил, андрополскиот Амфилохиј, деркискиот Апостол, писидискиот Јов, и други.
Интересно е да се издвои дека од Бугарската православна црква (БПЦ), кога се споменуваше и набројуваше присуството на гостинските црковни делегации, нашата црковна делегација на МПЦ-ОА, беше именувана како делегација на „Православната црква во Република Северна Македонија“. Д.Ст.