Деновиве во јавноста излезе обемно интервју на МИА со претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Интервјуто изобилува со ставови за крупни чекори, направени или претстојни, за: реформите во Уставниот суд, за актуелниот статус, но и трасирањето на патот за добивање на довербата во правосудниот систем кај граѓаните низ призмата и примерот на работењето на Уставниот суд, за конкретни предмети како што се Законот за јазиците, балансерот итн. Денеска, во вториот дел на преземеното интервју на МИА со претседателот на Уставниот суд, тематски ги издвојуваме македонските општествени феномени, како што се балансерот и Законот за јазиците, како административни творби, замислени како алатки за олеснување на патот кон позрела демократија, а практиката покажа нешто спротивно. Во продолжение, за јавноста и читателите на „Нова Македонија“ се преземени делови од интервјуто на претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, што се однесуваат конкретно на овие прашања.
Од Судот може да се очекува расправа во која се надевам дека ќе се презентираат и ќе се судрат уставноправни факти и аргументи и одлука што ќе биде издржана и исклучиво уставно втемелена. Уставноправната култура, која е суштинска во случаите кога една стабилна демократија настојува да премине во зрела демократија, подразбира почитување на со Устав исцртаните граници на секоја од посебните власти, почитување на Уставот односно со него уредените надлежности и овластувања од секого. Пред Уставниот суд е поставено прашањето и ние сме должни да одговориме, а кој било друг државен орган во согласност со своите наоѓања може да постапува, да не постапува, да го чека исходот од Уставниот суд, итн. Јас не навлегувам и не е моја работа ниту надлежност да ги коментирам најавите, плановите, реакциите, ставовите на политичарите или на носителите на државни функции поврзани со т.н. балансер. Само и само доколку секоја од властите правилно го разбере и го почитува начелото на поделба на власта, кое е темелна вредност на нашиот уставен поредок, се придржува до надлежностите и овластувањата, ние можеме да зборуваме за правна држава во која владее правото, само така ќе биде вратена довербата на граѓаните во институциите на системот. За жал, нашата уставна реалност, нашата реалност говори нешто сосема друго, односно говори дека предолго време прекршувањето и отстапувањето од оваа темелна вредност резултираа со девастирана правна држава и огромна, историски највисока недоверба на граѓаните во институциите на системот.
Очекувам расправа базирана исклучиво на правни аргументи и одлука на Судот како израз и резултат на уставноправна анализа, без премиси на емоции, политичко, национално или какво било друго расудување. Само таква одлука, правно аргументирана и образложена, може да влијае на довербата на граѓаните во владеењето на правото. Државна институција е подносител на таа иницијатива, прашањето што е поставено пред Судот несомнено создава дилеми во нашето општество, наша должност е да ги отстраниме таквите дилеми на правно авторитетен начин што ќе биде прифатен од секого. Но да не прејудицираме, за краток период јавноста ќе има можност да ги слушне сите факти и докази, аргументите на судиите и на Судот, изјави во интервјуто во врска со балансерот претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.
Уставниот суд е на потег да донесе уставноправно втемелена и аргументирана одлука за Законот за јазиците
Станува збор за сложен и обемен предмет составен од 13 иницијативи од различни граѓани, политички партии, здруженија. Предметот го работеа неколку судии, а јас сум веќе четвртиот претседател на Судот што ќе ја има можноста предметот да го изнесе на седница. Во однос на исходот, ќе се воздржам од лично мислење, иако имам став по ова прашање уште откога ни беше поделен првиот реферат. Јавноста и за овој предмет ќе може да ги слушне аргументите бидејќи ќе биде на дневен ред на Судот во првата недела на октомври.
Дали ќе успее Судот мудро да избалансира без да ги наруши политичко-етничките односи во државата, како и можните безбедносни предизвици, дозволете ми да ја искористам оваа пригода и да дадам свое видување и, колку што дозволува просторот, појаснување. Крупни промени се направени откако е влезен Законот во сила, сите институции ги сменија и таблите, вклучувајќи го и Уставниот суд, очигледни се проблеми при имплементацијата, еве на пример во судството имаше еден предмет на специјалното јавно обвинителство (СЈО) пред неколку години што беше блокиран бидејќи адвокатот бараше сѐ да му се преведе на албански јазик иако во судницата има обезбедено преведувач. Државата очигледно нема капацитет во секој суд во секој град да преведува документи на различни јазици од македонскиот.
Со тој закон политиката создаде своевиден правен хаос, кој резултираше со политички хаос, недоверба, дилеми. Јавноста веќе го виде и извештајот на Венецијанската комисија. Уставниот суд е на потег не за мудра, туку да донесе уставноправно втемелена и аргументирана одлука. Што би можело да се одлучи, не знам и не можам да знам и нема да коментирам. Свесни сме за јавниот интерес и за можните последици доколку Судот одлучи да го укине или да го остави во примена овој закон или да интервенира во одредени одредби, можно е да има незадоволни. Она што е важно е да се видат објективно аргументите во одлуката, каква и да е, пред да се дава каков било коментар. Одлуката на Судот треба да биде почитувана и прифатена како израз на зрелост на политиката и на општеството, одлуката да биде ориентир, рамка за дејствување на законодавецот. Факт е дека законот се применува и дека создава проблеми во примената како што рековте, од тој аспект од 1 септември, со стапувањето во сила на новиот акт на Судот, со цел да не настапат штетни последици за граѓаните, Уставниот суд има можност со евентуална одлука за поведување постапка да одреди временски рок во кој законодавецот треба да се усогласи и да ги отстрани евентуалните уставно проблематични одредби во рок не подолг од шест месеци. Јас не можам да предвидам дали ќе дојде до тоа!
Уставниот суд во никој случај не носи политички одлуки, туку уставни одлуки што несомнено влијаат на важни политички прашања и процеси во државата и тоа е факт. Клучно за ваквите предмети е она што веќе го истакнав, прво да се одлучуваат навреме, да не се чуваат во фиока со години, бидејќи на тој начин и самото неодлучување на Судот е некаква одлука во поткрепа на политичките компромиси. И второ е прашањето на демократската зрелост, ако станавме членка на НАТО, ако сме подготвени да преговараме со ЕУ, тоа значи дека веќе споделуваме вредности што се карактеристични за стабилна демократија, а во преминот кон зрела демократија мора да научиме дека одлуките на Уставниот суд треба да бидат прифаќани и почитувани како одлуки во кои нема да има емоционални, политички аспекти, верски или етнички, туку чисто правни аргументи.
Одлуките на Судот и силата на аргументите во нив се директен придонес во обезбедувањето на владеењето на правото како најголем предизвик во нашата општествена реалност денес, во овој момент. Веќе имам истакнато највисок чин на патриотизам и лојалност кон нашата татковина денес е уставниот патриотизам, кој подразбира владеење на правото, изјави во интервјуто во врска со Законот за јазиците претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.