Повод: Предлогот за замрзнување на конфликтот на сегашните фронтовски позиции
- Украинскиот претседател Зеленски пред неколку дена го поздрави предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за замрзнување на конфликтот на сегашните фронтовски позиции, нарекувајќи го добар компромис и покрај тоа што изјави дека „Кремљ тешко ќе прифати таков договор, особено откако постигна напредок во стратешки важниот град Покровск“. За издвојување е дека овој предлог доби поддршка и од европските лидери, кои сметаат оти „сегашната линија на контакт треба да биде почетна точка на преговорите“
Влегувањето на руските сили во Покровск по жестоките битки за овој стратешки важен град во Украина, според воените аналитичари, ја доведе во прашање одржливоста на сегашните фронтовски линии на боиштето, со што се смета дека ова „би можело да има големо влијание врз евентуалните мировни преговори за ставање крај на војната“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја опиша ситуацијата во Покровск како тешка, напоменувајќи дека Русија концентрирала многубројни сили околу градот, но инсистира дека Украинците засега ги држат нивните главни одбранбени линии. Во градот Покровск се лоцирани клучни патни и железнички крстосници. Градот во поголемиот дел од годинава беше на работ од опкружување од страна на руските сили.
Украинскиот претседател Зеленски пред неколку дена го поздрави предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за замрзнување на конфликтот на сегашните фронтовски позиции, нарекувајќи го добар компромис и покрај тоа што призна дека Кремљ нема да прифати таков договор. За издвојување е дека овој предлог доби поддршка и од европските лидери, кои сметаат оти „сегашната линија на контакт треба да биде почетна точка на преговорите“.
– Треба да застанат веднаш на сегашните борбени линии, да си одат дома, да престанат со убивање луѓе и да завршат – изјави Трамп за медиумите непосредно пред изјавата за одложување на планираниот самит со рускиот претседател Владимир Путин, откако Кремљ соопшти дека заземање на целиот источен регион на Донбас останува руска воена цел, вклучувајќи ги областите што сега се под украинска контрола.
Сегашната фронтовска линија поминува низ регионот Донбас, индустриски центар што издржал поголем дел од борбите. За иднината на регионот, Трамп рече: „Нека биде исечен како што е. Мислам дека сега 78 отсто од територијата веќе е окупирана од Русија. Оставете го како што е сега. Тие можат да преговараат за нешто подоцна, но јас реков да се прекине војувањето и да се запре на сегашните линии“.
Зеленски и украински високи функционери претходно изјавија дека „Украина веројатно нема да ја врати целата територија што сега е под контрола на Русија“ и им изјавиле на Вашингтон и европските партнери дека би биле отворени за замрзнување на фронтовските линии. Јавното одобрување на Зеленски за таквиот план означува значаен пресврт од неговиот претходен став, бидејќи Киев претходно вети дека „ќе ја врати целата територија загубена во војната“.
Последните забелешки на американскиот претседател се сметаат дека се во полза на Украина, откако тој ги урна надежите на Киев дека ќе испрати ракети „томахавк“.
Но, во меѓувреме, Русија јасно стави до знаење дека нејзиниот став не се променил, отфрлајќи го новиот предлог на Трамп за замрзнување на бојните линии.
– Вашингтон сега почнува да вели дека мора веднаш да го запреме конфликтот, дека повеќе не треба да дискутираме за ништо, дека треба да застанеме и да дозволиме историјата да суди. Гледате, едноставното запирање би значело заборавање на корените на овој конфликт – истакна рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Москва постојано ги отфрла продолжените предлози за прекин на огнот, тврдејќи дека тие ќе ѝ дадат време на Украина да се вооружи и прегрупира во време кога руските сили напредуваат на бојното поле. Русија наводно ги повторила своите претходни услови за мировен договор со Украина во приватно соопштение испратено до Вашингтон и повторно за време на неодамнешен телефонски разговор помеѓу американскиот државен секретар Марко Рубио и неговиот руски колега Лавров.
Ставот на Кремљ фрли сомнеж врз перспективите за потенцијален самит Трамп-Путин во Будимпешта, идеја што ја промовираше американскиот лидер минатата недела откако му се јави на Путин. А Трамп сега се чини попретпазлив по искуството од самитот во Алјаска од август оваа година. Р.С.
Зошто завршувањето на војната во Украина засега не е на повидок
Путин во клин, Трамп во плоча
- Двајцата лидери сѐ уште се спротивставени и немаат заеднички пресек на мировно решение за Украина
Пропаѓањето на можноста за средба помеѓу Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин, во Будимпешта, Унгарија, ги намалува изгледите за ставање крај на војната. Двајцата лидери сѐ уште се спротивставени и немаат заеднички пресек на мировно решение за Украина.
– Не сакам да имам залуден состанок. Не сакам да губам време, па ќе видам што ќе се случи – изјави Трамп за медиумите, очигледно сигнализирајќи дека наскоро нема да се одржи средба со Путин.
Најавената средба помеѓу Трамп и Путин беше откажана по објавата дека Министерството за финансии на САД воведува економски санкции врз две од најголемите руски нафтени компании, „Роснефт“ и „Лукоил“. Мерката, објавена на 22 октомври, беше првата голема одлука за санкции што Трамп ја донесе против Русија откако ја презеде претседателската функција во јануари.
Најновиот прекин на мировните преговори за ставање крај на 42-месечната војна во Украина следуваше по средбата помеѓу Трамп и Путин во август, во Алјаска, САД, која не даде конкретни резултати.
Рускиот претседател Путин во меѓувреме повика на целосно разоружување на Украина и задржување на сета територија заземена за време на војната од страна на Русија, додека Украина се спротивстави на идејата за отстапување територија, со што не беше можно постигнување напредок помеѓу двете спротивставени позиции.
Пред да пропаднат плановите за средбата во Будимпешта, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, јасно стави до знаење дека рускиот лидер нема да се согласи со најновиот предлог за замрзнување на војната. Тој рече дека „конзистентноста на позицијата на Русија не се менува“, осврнувајќи се на нејзиното инсистирање на тврдокорните барања за прекин на војната, вклучително и целосно повлекување на украинските трупи од источните региони на кои Москва полага право.
Зеленски врши притисок врз Белата куќа генерално за да ја зголеми воената поддршка, но Трамп претходно сигнализираше дека европските сојузници од НАТО треба да бидат тие што треба да преземат повеќе проактивна улога во вооружување на Киев.
Се смета дека Трамп врши одредени промени на својата позиција во однос на војната во Украина при обидите да посредува во прекин на огнот помеѓу Москва и Киев, но пропаѓањето на планираниот самит Трамп – Путин, значи дека завршувањето на војната помеѓу Русија и Украина засега не е на повидок. Р.С.

































