Во Истанбул почна и заврши втората рунда мировни преговори за прекин на воениот судир во Украина меѓу Москва и Киев
Претставници на Украина и на Русија завчера повторно се сретнаа во Истанбул за да преговараат за можните начини за завршување на војната. Средбата започна напладне во градската палата „Чираган“. Станува збор за отоманска царска резиденција на брегот на Босфорот што е претворена во луксузен хотел.
Составот на руската делегација беше ист како и во претходната рунда – помошникот на рускиот претседател, Владимир Медински, заменик-шефот на Министерството за надворешни работи, Михаил Галузин, началникот на Главната дирекција за разузнавање на Генералштабот на руските вооружени сили, Игор Костјуков, и заменик-министерот за одбрана Александар Фомин.
Украинската преговарачка делегација повторно ќе ја предводи министерот за одбрана на земјата, Рустем Умеров.
Министерот за одбрана на Украина, Умеров: Разгледани три клучни точки
Шефот на украинската делегација во преговорите со Русија, Рустем Умеров, изјави дека на преговорите што се одржаа во Истанбул биле разгледани три клучни точки – прекин на огнот, размена на затвореници и враќање на украинските деца што беа однесени во Русија и средба меѓу лидерите на двете земји.
– Денеска одржавме уште еден состанок со руската делегација. Украина дојде со три јасни точки на дневен ред, кои беа дефинирани од претседателот (Володимир) Зеленски – изјави Умеров, министерот за одбрана на Украина.
Тој рече дека првиот предлог е прекин на огнот во Украина.
– Инсистираме на целосно и безусловно прекинување на убиствата веднаш. Нашиот предлог е безусловно примирје во воздух, на море и на копно – најмалку 30 дена. Оваа позиција останува непроменета веќе три месеци и ја гледаме како основа за почеток на мирно решение – рече Умеров.
Втората точка што била дискутирана е „ослободувањето на украинските воени заробеници и децата што беа однесени во Русија“.
– Инсистираме на ослободување на сите затвореници и враќање на киднапираните деца. По прашањето на воените затвореници, се согласивме да се фокусираме на специфични категории, а не на бројки – рече Умеров.
Украинскиот министер за одбрана рече дека е постигнат договор за размена на сите тешко ранети и критично болни воени заробеници, како и млади војници на возраст од 18 до 25 години, по принципот „сите за сите“, и дека двете страни се согласиле да разменат тела на по 6.000 мртви војници.
– Што се однесува до децата, доставивме список од неколку стотици украински деца што беа депортирани во Русија. Ова е фундаментален приоритет за нас. Доколку Русија навистина е посветена на мировниот процес, враќањето дури и на половина од децата на тој список би бил позитивен сигнал – нагласи Умеров.
Третата точка на дневен ред на преговорите во Истанбул била средба меѓу лидерите на Украина и Русија, Володимир Зеленски и Владимир Путин, и дека украинската делегација предложила оваа средба да се одржи помеѓу 20 и 30 јуни.
– Долго време ѝ кажуваме на Русија: „Оваа војна мора да заврши“. И целиот свет нè поддржува во ова. Повикуваме на вистински напори за запирање на оваа војна. Првите неопходни чекори се јасни за сите, прекин на огнот, хуманитарни акции и подготовки за самитот на лидерите – нагласи Умеров.
Тој оцени дека Русија, доколку „сериозно сака да ја заврши војната“, ќе се движи во таа насока – заклучи украинскиот министер Умеров.
Руската делегација официјално предаде меморандум во Истанбул
Меморандумот на Руската Федерација за решавање на украинската криза содржи три дела со две опции за услови за прекин на огнот и 31 точка;
▪ Прва опција за прекин на огнот за Киев – целосно повлекување на украинските вооружени сили од ДНР, ЛНР, Херсон и Запорожје;
▪ Целосното повлекување на украинските вооружени сили од територијата на Руската Федерација, вклучувајќи ги Донбас и Новорусија, и мора да се изврши во рок од 30 дена од прекинот на огнот;
▪ Меѓународно признавање на Крим, Донбас и Новорусија како дел од Русија;
▪ Неутралност на Украина;
▪ Предлозите на Руската Федерација за решавање на украинската криза вклучуваат одржување избори во Украина, по што ќе следува потпишување мировен договор. Киев мора да го објави датумот на претседателските и парламентарните избори, кои мора да се одржат најдоцна 100 дена по укинувањето на воената состојба;
▪ Прекинот на огнот подразбира забрана за движење на украинските вооружени сили, со исклучок на движења за повлекување на трупите на договорено растојание;
▪ Забрана за распоредување нуклеарно оружје во Украина;
▪ За прекин на огнот, испораката на западно оружје во Украина е исклучена, што важи и за обезбедување разузнавачки информации;
▪ Мировниот договор меѓу Русија и Украина мора да биде одобрен со правно обврзувачка резолуција на Советот за безбедност на ОН;
▪ За прекин на огнот, Украина мора да ги амнестира „политичките затвореници“ и да ги ослободи заробените војници и цивили;
▪ За конечно решение во Украина, потребно е да се обезбедат целосни права, слободи и интереси на рускојазичното население;
▪ Откажување од барања за надомест на штета што произлегува од воени операции.
Шефот на рускиот преговарачки тим, Владимир Медински, за јавноста изјави дека „рускиот меморандум не е ултиматум“ за украинската страна. Р.С.