Современиот спорт не може да се замисли без спортски психолог како експерт, вели Ленче Алексовска-Величковска, добитничка на државната награда за спорт „8 Септември“ и на наградата за животно дело на МОК. Во својата кариера таа придонела за успеси на репрезентации во три спорта, за медали на каратисти на ЕП или СП, помогнала во значајни успеси на репрезентативци, кои биле и олимпијци, во три индивидуални спорта… Според Алексовска-Величковска, спортската психологија во македонскиот спорт се применува, но не во доволна мера
РАЗГОВОР СО ЛЕНЧЕ АЛЕКСОВСКА-ВЕЛИЧКОВСКА, ЕМИНЕНТЕН СПОРТСКИ ПСИХОЛОГ
Ленче Алексовска-Величковска е исклучително квалитетна, значајна и ценета личност во врвниот македонски спорт во последниве 35 години. Таа има врвна кариера од секој аспект. За потенцирање е тоа што Алексовска-Величковска, како ретко кој(а) спортист(ка), поседува дипломи од два факултета. Дваесетина години е професорка на Факултетот за физичкo образование, спорт и здравје (ФФОСЗ), на кој дипломира во 1992 година. Пет години подоцна, во 1997-та, таа дипломира психологија на Филозофскиот факултет – на Институтот за психологија, кој е еден од дванаесетте институти при Филозофскиот факултет.
Како спортски психолог експерт таа успешно работи близу 27 години. Работела со националните репрезентации во три колективни спорта: кошарка (машката кадетска и сениорска), ракомет (машката сениорска) и фудбал (машките У-17 и У-19, моментално е ангажирана во женската сениорска). За издвојување е нејзиниот придонес за неколку освоени медали, на европски или светски првенства, на неколкумина репрезентативци во карате. Во поединечните спортови им помогнала во значајни успеси на повеќе репрезентативци, кои биле и олимпијци, во три спорта (пливање, кајак и скијање).
Добитничка е на државната награда во областа на спортот „8 Септември“, како и на награда за животно дело доделена од Македонскиот олимписки комитет.
Како компетентна соговорничка, дали сметате дека во работата на повеќето или во најголемиот број најуспешни спортски клубови во светот, како и кај многу светски успешни индивидуални спортисти, најчесто редовно е вклучен и спортскиот психолог, како еден од неопходните предуслови за постигнување врвен резултат? Дали би можеле да наведете таков (такви) пример(и), било од поединечен, било од колективен спорт?
– Во високоразвиените европски и светски земји, спортскиот психолог е дел од експертскиот или стручен тим. Во 1965 година, кога во Рим бил одржан првиот меѓународен конгрес на спортски психолози, биле регистрирани 500 спортски психолози. Ова не беше табу-тема и во поранешна Југославија, во која не можело да се замисли врвен спортист да оди на (нај)големи натпреварувања, а претходно да не биде дел од системот на психолошка и севкупна дијагностика.
Во врвниот спорт нема случајности. Спортот е наука и затоа е потребен систем на кој ќе се адаптираат сите и ќе работат долгорочно. Создавањето врвни резултати значи процес. Кај нас оваа дисциплина почнува да се применува од околу 1990 година. За татко на спортската психологија во Република Македонија се смета покојниот проф. д-р Димитар Керамичиев, мојот ментор, од кого многу научив. Денес современиот спорт не може да се замисли без ваков експерт.
Ако примената на спортската психологија е еден од предусловите за успех, кои други предуслови се потребни за врвен успех, покрај, се разбира, квалитетот на спортистот?
– Мораме да се обидеме да направиме систем, наш, македонски, а секако за тоа да ни бидат пример европските стандарди. Науката е јасна и прецизна, треба да се работи на техничка, физичка, тактичка и психолошка подготовка. Сите департменти (дирекции, одделенија) си бараат експерти што ќе имаат соодветни перформанси и ќе знаат да направат трансфер на знаењето, не само теоретско туку и апликативно – да го применат. Системот значи менаџмент што треба да биде стабилен, одржлив, респектиран и секој треба да се адаптира на тој систем: тоа ги покажува и културата и едукацијата на нацијата.
Дали е неопходно квалитетниот спортист единствено да има самодоверба за да постигне успех или, според Вас, е потребно уште нешто и што е тоа?
– Самодовербата значи дека постоиш, дека веруваш во себе, тимот… Но мора да се работи на создавање комплекс, структура на особини што се релевантни за постигнување највисоки спортски резултати, како што се дисциплина, мотивација, спортска интелигенција, перцепција, упорност, истрајност, фокус, доверба, комуникациски вештини… Не е доволно само да ги имаш овие особини, бидејќи секој ги има, повеќе или помалку, туку треба да се работи и на оптималност и, во зависност од неговата структура на личноста, свесно да се мобилизираат кога е потребно.
Дали е важен фактор спортистот да има ментална, а можеби и духовна цврстина?
– Спортистот прво треба да научи да ужива во спортот, спортот да биде неговиот живот, потоа на тренинг да доаѓа среќен, позитивен, со фокус да напредува. Само така спортистот ќе развие ментална цврстина. На секој тренинг тој треба да си поставува цели и оттука треба да почне неговата борба со самиот себе, а потоа и со сите други реални или нереални пречки.
Се смета дека спортската психологија може само да придонесе за постигнување подобри спортски резултати, односно дека таа не може да одмогне. Дали е точно тоа?
– Спортската психологија најпрво ќе ве направи личност, потоа ќе ги зголеми вашите перформанси (интелектуални, емоционални, мотивациски) и ќе ви го покаже патот кон успехот. Подоцна од спортистот зависи дали тоа ќе го „фрли“ на теренот или не и дали, ако се случи тоа, тој ќе бара илјада изговори за себе и своите слабости… Врвниот спорт е суров. За жал, нема друг пат освен борба и напредок со, и кај, самиот себе и со тимот, се разбира.
Дали спортската психологија се применува во доволна мера во спортот во Република Македонија?
– Се применува, но тоа не е доволно. Во Македонија работам почнувајќи од 1997 година, сѐ до ден-денес, а во моментов со женската сениорска фудбалска репрезентација.
Првпат почнав да работам со машката кадетска кошаркарска репрезентација на Македонија, предводена од Антиќ (трикратен европски клупски првак, единствен Македонец што играл во НБА, сега претседател на КФСМ), Јончевски (сега селектор на машката А-репрезентација), Мираковски, Стефанов, Гоцевски и други квалитетни кошаркари и личности, при што завршивме шести на тоа ЕП во Словенија во 1997 година.
Два фактора се проблем за поголемо присуство на спортските психолози во македонскиот спорт. Прво, кај нас не постои систем што ќе се развива долгорочно и научно. Второ, профилот спортски психолог е „обоен“, односно мора да сте психолог, да сте биле спортист и да го познавате спортот.
Дали отсуството на спортски психолог во работата на тимот може да значи дека се смета оти еден човек, тренерот, може да работи сѐ во тимот, односно дека тој смета дека поради неговото знаење, квалитет и искуство нема потреба да се ангажира спортски психолог во работата со тимот (репрезентацијата) – спортистот?
– Кога немаат визија за тоа што значи формула за врвни резултати, немаат ни потреба од спортски психолози. Создавањето врвни спортисти, млади, и подоцна низ сите категории, е тоа што го говорев погоре – за постоење на систем. Дијагностика значи добра селекција, конкуренција, работа, тренинзи, натпревари. Успехот е плод на заедничката работа на еден тим во кој секој ја работи својата експертиза и постои меѓусебен респект, не само кон личноста туку кон стручноста и довербата.
Дали има потреба од тим експерти, тоа го кажува, односно го потврдува, науката – дефинитивно тоа е систем како збир на експерти меѓу кои е и спортскиот психолог. Во Италија и во Шпанија имате департменти и кога таму ќе ве назначат за тренер или селектор, тогаш вие се адаптирате на експертите и науката, ги користите сите научни ресурси, бидејќи знаете дека тоа ќе ви помогне за постигнување на високите цели, како вашите, така и целите на тимот (репрезентацијата, клубот) односно на спортистот.
Дали се согласувате дека во една репрезентација е пожелно или треба да има спортски психолог, бидејќи тоа може да му помогне како на спортистот така и на тренерот, но и на тимот?
– Пожелно е. Ќе зборувам од моето искуство. Работев со најдобрите кошаркари (машката А-репрезентација), со кадетскиот национален тим завршивме шести во Европа, пливачите ги подготвивме за настап на Летни олимписки игри (ЛОИ).
Работев со машката сениорска ракометна репрезентација (за која играа, помеѓу другите, Лазаров, Ристовски, Димовски, Мојсовски, Миркуловски, Стојановиќ), која тогаш првпат настапи на Светското сениорско првенство и ден-денес трае традицијата на присуство на големи натпреварувања.
Мојата десетгодишна работа со карате-репрезентацијата резултираше со освојување многу европски и светски медали на нашите сениорски репрезентативци/репрезентативки, како што се Емил Павлов, Наташа Илиевска, Берат Јакупи, Жарко Aрсовски и други.
Скијачот Антонио Ристовски и кајакарот Лазар Поповски најдобрите резултати ги постигнаа настапувајќи на ЛОИ на кои настапија…
Сега, со женскиот фудбалски А-тим се надеваме дека ќе постигнеме одлични резултати.
Ангажманот на спортскиот психолог е процес, трпение, развој, доверба…, помеѓу најдобрите спортисти и него како експерт. Спортот не трпи импровизација.
Дали почесто Ве ангажираат поради превентивни причини (како дел од системски план за постигнување подобар резултат) или како последица на нешто (на послаби резултати или повреди или некоја болест)?
– Јас сум горда на многу менаџери, тренери и селектори што имаат визија за оваа експертиза. Многу често мојот ангажман со нив е долгорочен и успешен. Но мора и да се знае дека психологот не е волшебник, како што не се и другите експерти. За да се освои медал, потребни се: врвни спортисти, врвни тренери и селектори, врвни експерти, тимски менталитет, доверба и посветеност – со еден збор потребен е систем.
Поради кои причини најчесто тренерот, или родителот на спортистот, или самиот спортист(ка), ангажираат спортски психолог?
– Ангажираат спортски психолог доколку имаат проблеми со самодовербата, анксиозноста, мотивацијата, носењето брзи одлуки, паметни додавања…, особено на натпреварите. Работам онлајн и со странски спортисти и тие, во одреден период, доаѓаат во Македонија. Потоа, има родители што бараат спортски психолог за да ги подобрат перформансите на своите деца спортисти и тогаш е многу ефикасно, бидејќи од почеток создавате психолошка база и тие подоцна само се надградуваат. Ме ангажираат и во работа со адолесценти спортисти што како таленти заминуваат во САД, Шпанија, Германија, Португалија, Италија…
Какви методи на работа практикувате со индивидуалните спортисти, а какви во колективните спортови?
– Во зависност од неколку моменти (психолошката структура на спортистот, спортот, возраста), се практикува од советување до примена на методи и техники за подобрување на нивните перформанси. Сѐ е индивидуално, секој е различен. Доколку е тимски спорт, се работи и на тимската хемија и на менталитетот. Првата хемија е припадноста кон клубот – нацијата, но веќе вториот чекор е меѓусебното познавање или меѓусебното „читање“. Најпрво се гради карактерот на поединецот, а потоа следува градење на карактерот на тимот.
Колку е важна за успех во која било сфера (работа, семејство, школување…) постојаната работа на себе? На кој начин таа работа на себе помага за подобар резултат?
– Кога ќе станете врвен спортист, тогаш можете да постигнете сѐ што сакате во животот. Патот на спортистите е најтежок, видлив, тие се соголени пред илјадници луѓе критичари, поддржувачи… Спортот создава навики и вистински личности, нѐ учи на вредности, на етика, морал, респект…
Од Вашето искуство како спортски психолог, за да биде успешен спортскиот психолог, колку е значајно претходно тој да бил врвен (врвна) спортист(ка)?
– Формулата за успешен спортски психолог е: психолог, врвен спортист (спортот е наука) и интелектуална љубопитност (континуирана едукација) кон професијата.
Дванаесет години продеканка на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје
Нашата денешна соговорничка од 2011 до 2016 година беше продеканка, а од 2016 до 2023 година и деканка на ФФОСЗ. Во тој период се реализираше меѓународен проект чиј раководител беше професорката Алексовска-Величковска и тој резултираше со образовна револуција: тандем-наставници од прво до петто одделение. Притоа, првпат, сукцесивно (од 2019 до 2023 година), се вклучија професори по физичко образование, а сето тоа беше имплементирано во функција на здравјето на децата. Во овој период на Факултетот се развиваше и изгради Институт за научноистражувачка дејност во спортот со најсовремени инструменти и комплетна дијагностика.
Одлична и трофејна кошаркарка, шампионка, капитенка на А- репрезентацијата…
Алексовска-Величковска беше одлична и мошне трофејна кошаркарка, една од неколкуте најдобри во Македонија во 1990-тите години. На 16 години Ленче стана кадетска репрезентативка на СФР Југославија, освои пет сениорски шампионски титули и еден Куп на Македонија, беше капитенка на сениорски клуб и на женската сениорска репрезентација на Македонија, двапати беше прогласена за МВП на тогашните мошне посетени и популарни олстар-натпревари меѓу репрезентативките на „Исток“ и „Запад“ во 1990-тите години.
Професорката е и интернационална предавачка на Европската кошаркарска клиника за судии и делегати.
Награда за животно дело на Македонскиот олимписки комитет
Во Македонскиот олимписки комитет (МОК), во периодот од 2007 до 2015 година, Ленче Алексовска-Величковска беше претседателка на комисијата за жените и спортот, во чии рамки реализира меѓународни проекти како што се: лидерството и спортот, жени лидери, спортот, традицијата и жените лидери, психологија во менаџментот и други.
Од формирањето (во 2017 година), таа е членка на Комисијата за родова еднаквост во МОК, со цел за поголема застапеност на дамите на лидерски позиции во спортските организации во Македонија.
На крајот од 2022 година Ленче ја доби наградата за животно дело од МОК по повод нејзината лична и општествена борба и активност за напредок на жените во спортот и другите сфери на живеењето
Таа го воведува предметот Родови и спорт при ФФОСЗ.
Познати се нејзините настапи и панел-презентации на голем број меѓународни и регионални проекти и научни настани одржани во светските спортски метрополи како што се Рим, Загреб, Париз, Бусан и многу други.
Од 2002 година Ленче е постојана еминентна предавачка во едукативните центри на националните селекции, едуцирајќи ги тренерите за важноста и вештините на менталитетот на тренерот – т.н. mental coach.
Живко Здравкоски