Активностите што се спроведуваат од училиштата и во другите институции во земјата не ги даваат посакуваните резултати, за што говорат и најновите истражувања за тоа колку е присутно насилството во текот на образованието на децата, односно во училишните клупи
Истражувања: Колку насилството се внедрило во образовниот процес и во училишните установи
Врсничкото насилство меѓу учениците во основните и во средните училишта во Македонија претставува општествен појава што прераснала во проблем, за што во изминатиот период не е направен никаков напредок за надминување. Активностите што се спроведуваат од училиштата и другите институции во земјата, за жал, не ги даваат посакуваните резултати. За тоа говорат и најновите истражувања, а имено, даваат одговори колку е присутно насилството во училишните клупи.
Врсничко насилство во најразлични форми
Од приложените резултати од повеќе истражувања се гледа дека македонските ученици се изложени на различни облици на насилство: од вербални напади со навредување и непристојни коментари и потсмевањето на поединци, социјалното понижување, односно социјално дистанцирање од децата од посиромашни семејства, преку различни форми на физичкото насилство и сајбер-насилството, насилство што се искажува преку социјалните мрежи. Последиците од врсничкото насилство, како што велат психолозите, можат да предизвикаат повремени, но и трајни последици кај децата.
Бројките од истражувањето што го спроведе „Аналитика тинк тенк“ за насилство во училиштата се поразителни.
– Имено, 63 проценти од учениците истакнуваат дека насилството често се случува, а само 20 отсто рекле дека тоа се случува ретко – велат од „Аналитика тинк тенк“. Во истражувањето биле вклучени 305 ученици од скопските средни училишта „Здравко Цветковски“, „Зеф Љуш Марку“ и „Шаип Јусуф“. Како што информира Бојана Мијовиќ Христовска, во истражувањето биле вклучени ученици од средните училишта што се од мешан етнички состав, од различни етнички заедници. Таа додава дека само пет проценти од учениците кажале дека не биле сведоци на насилство.
Живееме во општество во кое се изгубија вредностите
Психологот Мирјана Јовановска-Стојановска ги објаснува ваквите резултати од истражувањето со целокупните промени на општеството каде што се изгубија вредностите, како што се етичност, морал и почитување на други социјални норми и однесувања кај децата, што некогаш биле ставани како приоритети во воспитување на помладата популација.
– Тој вредносен систем се растури и за овие години на транзиција, која никако да ја завршиме, не изградивме нови вредности и норми. Освен во економските, политичките промени, сите други односи се ставени во втор план, па затоа и воспитувањето на нашите деца го сметаме за помалку важно. Првото ниво на добро воспитување на децата се родителите. Децата се однесуваат така како што е нивното опкружување. Но кога родителите поминуваат низ општествени промени за кои претходно зборувавме, не можеме да очекуваме да се воспостави поинаков кодекс на однесување кај децата. Кога и самите родители се поведуваат од поинакви вредности, па и самите не ги почитуваат наставниците како некои авторитети. Никој не ги подучува децата дека треба да бидат против насилството и да бидат добро воспитани, затоа што кај нив преовладува ставот дека со насилно однесување добиваат подобар статус во друштвото, а поагресивните деца се и популарни – ни изјави Јовановска-Стојановска.
Во слична состојба како родителите се наоѓаат и професорите, кои исто така поминуваат низ долг процес на транзиција на севкупниот општествен и образовниот систем во Македонија.
– Професорите се наоѓаат и во улога на родители, кои и самите не можат да влијаат на воспитувањето на децата, кои се изложени на изместени општествени норми. Професорите не можат да го добијат статусот што им припаѓа, поради многубројните реформи во образованието. Покрај тоа што се недоволно вреднувани, тие се и недоволно почитувани од учениците и од нивните родители. Па така доаѓаме во состојба кога имаме „жртви“ родители и „жртви“ професори, тогаш и самите деца стануваат „жртви“ на насилно однесување од нивните другарчиња. Насилството меѓу средношколците е само резултат на вкупното однесување на општествената заедница, а децата се и дополнително изложени низ разни форми на насилство преку филмови, музика, видеоигри, а сведоци се и на реално насилство што секој ден го гледаат во информативните емисии на телевизиите.
Така, тој внатрешен конфликт што се јавува кај децата, се изразува преку насилство кон другите. Секако дека овој општествен проблем може да се надмине, но за тоа е потребно организирано дејствување, за што се потребни време, пари и најважно волја да се справиме со насилството кај младите – објаснува психологот Мирјана Јовановска-Стојановска.
Како загрижувачки податок од последното истражување е тоа што 70 проценти од анкетираните учениците истакнуваат дека и покрај тоа што биле сведоци на насилство, не го пријавиле насилството од нивните врсници. Како најважно „оправдување“ тие го навеле стравот дека ако пријават ќе бидат следната жртва на насилство, а една од причините е и тоа што „не знаат кај кого да пријават“. Учениците истакнуваат дека најприсутно е физичкото насилство, односно 60 проценти кажуваат дека од обични навреди тоа прераснува во физичко насилство, додека 40 проценти истакнале дека се среќаваат и со психичко и со сајбер-насилство. Исто така, 83 проценти од учениците истакнале дека девојчињата се повеќе жртви на родово базирано насилство.